15 July 2025
Активности

СТУДЕНТИТЕ ОД ИНСТИТУТОТ ЗА ГЕОГРАФИЈА НА ТЕРЕН – СТЕКНАТИ ЗНАЕЊА, ИСКУСТВА И ПРАКТИКИ

Неодамна Институтот за географија при ПМФ во Скопје организираше теренска настава во Република Црна Гора. Како дел од предвидените активности на теренската настава беше спроведено анонимно анкетно истражување составено од два анкетни листови.

Првиот анкетен лист беше пополнет на самиот почеток од патувањето и беше наменет за проверка на општите знаења на студентите поврзани со Црна Гора и споделување на нивните досегашни искуства. Анкетниот лист се состоеше од 24 прашања  поделени во два сектори. Првиот дел наменет за демографските карактеристики на државата, а вториот наменет за искуства од претходни посети. Вториот анкетен лист беше спроведен на самиот крај од патувањето и се состоеше од 14 прашања повторно поделени  во два сектори. Целта на вториот анкетен лист беше да се провери колку знаењата на студентите се прошириле после теренската настава, но и да се види какви впечатоци стекнале за време на посетата на Црна Гора.

Анкетирани беа вкупно 20 студенти, од сите години на студии од кои 10 машки и 10 женски.

Резултатите од анкетата покажаа дека за половина од студентите ова е прва посета на Црна Гора. Во првиот дел од прашањата во двата анкетни листови покрај другите прашања беше зададено препознавање на градови во Црна Гора, наведување на број на жители и прашања поврзани со она што ја прави демографската слика на државата интересна, т.е. етничкиот состав на населението и јазикот кој се говори. Од вкупно 15 градови кои беа понудени како одговор, 10 припаѓаат на Црна Гора. Само 10% од студентите избрале град кој не се наоѓа во Црна Гора. Во просек, студентите избрале 8 од вкупно 10 градови во првиот анкетен лист, а 9 од 10-те градови во вториот анкетен лист. Тоа покажува дека знаењата на студентите се зголемиле за 20% што е прикажано во графиконот кој следува во продолжение.

График 1. Број на избрани градови, резултат од анкета 1 и 2

Во врска со бројот на населението во Црна Гора, 40% од студентите имале претстава за приближниот број на жители на Црна Гора во првото анкетирање, додека овој процент се покачил на 85% во второто анкетирање.

График 2 и 3. Број на население на Црна Гора, резултати од анкета 1 и 2

Познавањата за етничниот состав на населението на Црна Гора беа многу основни и студентите наведуваа мал број на националности во првиот анкетен лист. Во вториот анкетен лист овие познавања значително се подобрија, што може да се види во графиконот во продолжение.

График 4. Резултати од анкета 1 и 2 за познавањата на етничниот состав на населението во Црна Гора

Она што ја прави Црна Гора специфична е јазикот на кој што зборува најголем дел од населението. Покрај тоа што официјален јазик е црногорски и најголем дел од населението се црногорци, повеќето од населението на Црна Гора се служат со српскиот јазик. За овој факт биле запознаени 35% од студентите на почетокот на анкетата, додека на крајот од анкетирањето сите студенти се стекнале со знаење за официјалниот јазик на државата и јазикот кој најмногу се говори.

Најголем број на студенти кои претходно ја посетиле Црна Гора биле таму поради одмор и рекреација и најчесто посетувани биле Будва, Бар и Сутоморе. Ова е прва посета на Црна Гора од ваков вид за сите студенти.

Искуствата на студентите од оваа посета покажуваат дека најмногу им се допаднала природата, пејзажите, Националните паркови, но и гостопримливоста на населението. Од посетените места ги издвоиле Црно Езеро, Котор, Будва и Св. Стефан. Единствено што не им се допаднало од теренската настава е должината на патувањата, односно времето поминато во автобус. Дури 95% би ја препорачале Црна Гора како дестинација на други студенти, а 80% би ја посетиле Црна Гора повторно. Посетата на Црна Гора ја сметаа за многу големо и позитивно искуство од кое што се стекнале со знаења, но и можност за подигнување на колегијалноста на повисоко ниво. Во иднина, повторно би учествувале на некои теренски настави, а како предлог ги наведоа Хрватска и Италија.

Слика 1. Дел од спроведеното анкетно истражување на студентите на теренската настава

Автори:
проф. д-р Марија Љакоска
м-р Анита Тодорова

Leave a Reply