3 November 2024
АрхиваСвет

Сибирската пустина „Чарски песоци“, вистински природен феномен

Оригинално објавено на: 3.2.2015

На околу 40-тина км од глечерот Кодар, опкружена со тајга, високи снежни планини, езера и мочуришта се наоѓа уникатната пустина „Чарски песоци“. Оваа мала пустина се наоѓа во северниот дел на Забајкалски Крај, Руската Федерација, 4.700 км источно од Москва, 6 км оддалечена од селото Нова Чара, во срцето на Чарската котлина. Должината на пустината изнесува околу 10 км, широчината околу 5 км, а површината 50 км кв. Во централниот дел се наоѓаат дини со височина до 30-тина метри, должината им достигнува од 150 до 700 метри, а највисоката точка на земјиштето изнесува 793 м.н.в. Од југозападната страна поради дејството на ветерот, дините се наведнуваат за околу 10-15˚. Теренот е таков што речиси изгледа како вистинска пустина. Никаде на друго место во огромниот Сибир не може да се најде толку големо количество на пустински песок на мал простор. Поради специфичните карактеристики „Чарски песоци“ е заштитена област и е прогласен за споменик на природата.

Слика 1.

Според Руското Географско Друштво, разликите во пејсажот се чинат невозможни, како неверојатен музеј под отворено небо, прикажувајќи ги природните специфики од северот и југот еден до друг“. Вегетацијата која се среќава во оваа минијатурна пустина е слична со вегетацијата на околната тајга. Доминираат дрвенестите видови како аришот, кедарот, брезата и други. Пустината е опкружена со планински венци кои се покриени со снег голем дел од годината дури и за време на летото, додека и самата пустина во текот на зимата е прекриена со снежна покривка. Во летниот период, периферните делови и дините се отсечени со мочуришта и помали езера. На североистокот од „Чарски песоци“ се наоѓаат две помали езера Аленушка и Тајужно. Микрорелјефот е разновиден, така што на површина од околу 50 км кв. се расфрлани дини, ридести делови, низински басени, песочни гребени и др., настанати или обликувани главно со влијание на сибирските ветрови.

Геолошки, „Чарски песоци“ се состои од ситен кварцен песок и К-Фелдспати со мала и средна големина на зрната со кружна форма и со светло жолта боја. Во вдлабнатините на дините, под влијание на ветровите, песокот во повеќе наврати е збогатен со железни оксиди, но може и да се сретне мало количество на мешавина на честици од глина и сол. Според истражувањата, оваа „пустина“ настанала пред околу 55.000-100.000 години на место на поранешно езеро, за време последниот глацијален период како езерска делта на предниот дел од глечерот Сакукан. Со промена на климатските услови во Холоценот, дотекот на вода се намалил, езерото постепено се претворило во мочуриште, а во крајниот период под дејство на ерозијата и ветерот ја создал пустината со донесениот песок.

Слика 2.

„Чарски песоци“ се извонредно место, тие претставуваат единствен спој на топол пустински песок и замрзната земја со прекрасен поглед на сибирските планини, синото небо и недопрената тајга. Караваните со камили отсуствуваат, а движењето низ малата пустина се одвива со помош на влечење на санки со кучиња, управувани од Евенките, локално домородно население во Забајкалскиот Крај. Движењето низ пустината е единствено искуство, од крајбрежните мочуришни делови до топол песок и замрзнати пустински дини. Во пустината чести се посетите од шумските животните кои доаѓаат од соседната тајга во потрага по храна, а може да се сретнат голем број на растителни видови адаптирани на тамошните климатски улсови. Во последниве неколку години, „Чарски песоци“ (Чарска пустина) претставува привлечна туристичка дестинација, особено во периодот од март до август. До пустината може да се пристигне преку воздушен пат до „Аеродромот Чара“ до истоименото село Чара 4 км оддалеченост или со Транс-Бајкалската железница до железничката станица во с. Нова Чара, 6 км оддалеченост, од каде водат неколку локални патишта до соседните населени места.

• Извори / користена литература:

– https://ru.wikipedia.org/

– http://www.odditycentral.com/pics/chara-sands-the-miniature-desert-of-siberia.html

– http://www.amusingplanet.com/2012/01/chara-sands-miniature-desert-in.html

– http://lesnyanskiy.livejournal.com/170449.html

– http://lesnyanskiy.livejournal.com/62464.html

Изработил: Кузманоски Арсе , Институт по Географија, насока ГИС.

Leave a Reply