Сан Андреас – еден од најдолгите раседи на Земјата
оригинално објавено на: 15.7.2014
Калифорнискиот расед Сан Андреас е меѓу најголемите раседни линии на Земјата, со должина од околу 1300 километри. Оваа јасно видлива „лузна“ на земјината површина е причинител на голем број земјотреси. Со своите карактеристики, раседот Сан Андреас претставува една од најопасните геолошки структури на Земјата. Формирањето на самиот расед се објаснува со теоријата на тектоника на плочи, која вели дека земјината кора се состои од раздвоени плочи кои се движат, а врз нив лежат океаните и континентите.

Пред околу 200 милиони години, тешката Пацифичка плоча се судира со Северно-американската плоча при што почнува да тоне под полесниот континент. Овој процес на субдукција односно подвлекување на едната плоча под другата, траел нешто над 100 милиони години. Со судирањето на незапирливата пацифичка плоча и „статичната“ континентална плоча на Северна Америка, дошло до присилено лизгање на пацифичката плоча кон север и напукнување на западниот дел од американскиот континент. Тоа довело до формирање на голем расед пред околу 20-30 милиони години, кој денес е познат како Сан Андреас. Раседот започнува од морското дно северно од Калифорнија, па се до најјужните делови на оваа држава. Самиот Расед е поделен на 3 сегменти со различни карактеристики, а со тоа и различни степен на ризик од земјотреси и тоа: северен, централен и јужен. Иако најстарите (северни) делови на раседот датираат од пред 20-30 милиони години, најзначаен е јужниот сегмент кој е најмлад, формиран пред околу 5 милиони години. Раседот за прв пат бил идентификуван во 1895 година од професорот по геологија Андру Лоусон кој го пронаоѓа северниот сегмент, а по земјотресот во Сан Франциско од 1906 година, констатирал дека се простира се до јужна Калифорнија. Поради големиот сеизмички потенцијал на просторот, областите долж протегањето на раседот се истражувани од голем број сеизмолози. Истите откриле дека раседот Сан Андреас, во близина на Паркфилд во централна Калифорнија, активира земјотреси со магнитуда од 6 степени приближно на секои 22 години. Следејќи ги забележаните сеизмички настани од 1857, 1881, 1901, 1922, 1934 и 1966, научниците предвиделе дека следен земјотрес во Паркфилд би се случил во 1996 година но истиот се случил 8 години подоцна. Поради ваквата фреквенција, Паркфилд е една од најважните области за сеизмолошки истражувања во светот. До сега, Сан Андреас предизвикал повеќе силни земјотреси, од кои најкатастрофален бил оној во 1906 година кој го разурнал Сан Франциско. При тоа, земјотресот со магнитуда од 7,8 степени по Рихтер, предизвикал 3000 жртви и огромни материјални штети. Денес, во областа на раседот живеат повеќе десетици милиони жители.

Затоа има големи стравувања, бидејки земјотрес со магнитуда од 7 степени или повеќе, би предизвикал извонредно голем број жртви и материјална штета. Затоа, во 2004 година со работа започнала првата длабинска опсерваторијата односно San Andreas Fault Observaroty at Depth (SAFOD), чија цел е дупчење во земјината кора до длабочина од околу 3.2 километри во внатрешноста на раседот. За регистрација на земјотресите кои би се случиле ќе биде инсталирана низа од сензори. Имено во 2008 година Uniform California Earthquake Rupture Forecast (UCERF) проценува дека во наредните 30-тина години можна е појава на земјотрес со магнитуда од 6.7 степени (по Рихтер) или поголема на северните и јужните сегменти од раседот Сан Андреас.
Извори:
http://geology.com/articles/san-andreas-fault.shtml
http://www.sanandreasfault.org/
http://www.thulescientific.com/san-andreas-fault-map.html
http://www.data.scec.org/significant/sanandreas.html
Автор: Тодороски Мартин;
рецензија д-р Ивица Милевски