4 December 2024
ГеовестиСвет

РЕКУРЗИВНИ ОСТРОВИ

На земјината површина има околу 900.000 острови. Во географска смисла, остров е копно опкружено со вода од сите страни. Ширум светот островите се среќаваат во различни големини и форми. Постојат копнени маси кои се опкружени со вода од сите страни, но технички не се острови туку се континенти, Австралија (7.688.287 km2) е карактеристичен пример. Најголемиот остров во светот кој не е класифициран како континент е Гренланд со површина од 2.130.800 km2. Од другата страна пак, најмалите острови, како ненаселениот остров Ландсат (1.125 м2), се мали карпи кои се издигнуваат неколку метри над површината на водата.

Слика 1. Остров Ландсат
извор: Gray, D. H., 2000

Островите, од географски аспект може да се класифицираат од многу аспекти, една од нив е класификацијата според нивниот ред.

Што се рекурзивни острови?

Рекурзивни острови се острови кои во нив има водни површини (езера) во кои има помали острови во тие водни тела.

Слика 2. Шематски приказ на рекурзивните острови според нивниот ред
Што предизвикува формирање на рекурзивни острови?

Формирањето езера на островите е како последица на специфични географски и климатски фактори. Често пати рекурзивните острови се наоѓаат во области каде што релјефот е формиран како последица од процесите на глацијација. Повлекувањето на глечерите зад себе оставаат голем број вдлабнатини кои потоа се полнат со вода од топењето на снежната маса или со врнежи.
Друг географски феномен каде што се создаваат рекурзивни острови е изумирањето на вулканите во нивната средишна вдлабнатина позната како калдера. Калдерата потоа се полни со вода, создавајќи езеро околу околниот дел на вулканот.
Во научната литература се издвојуваат три реда на острови:
– остров од прв ред,
– остров од втор ред и
– остров од трет ред.

Најголемиот остров во светот од трет ред Најголемиот остров од трет ред е лоциран на островот Викторија во канадската територија Нунавут. Островот Викторија, еден од над 36.000 острови во канадскиот арктички архипелаг, тој е осмиот по големина остров во светот. На островот Викторија има неименуван остров кој се наоѓа во езеро. Тој остров содржи и езеро, а во рамките на тоа езеро се наоѓа остров од трет ред чија должина во правец исток – запат изнесува околу 300 метри.

Слика 3. Најголемиот остров во светот од трет ред
извор: Landsat 8, NASA

Во 2007 година, географот Џош Калдер откри дека овој конкретен остров во езеро на остров во езеро на остров е најголемиот остров од трет ред во светот.

Извори:

Curiocity

Gray, D. H. (2000). Discovering Rocks off Labrador: A Photo Essay. IBRU Boundary and Security Bulletin.

Landsat, NASA

Live Science

Wikipedia

Подготвил: доц. д-р Владимир Златаноски

Leave a Reply