15 July 2025
АктивностиМакедонија

ПРОЛЕТЕН СЕМИНАР ЗА НАСТАВНИЦИ ПО ГЕОГРАФИЈА

На 4. април 2025 година, во организација на Македонско географско друштво, Институтот за географија и Центарот за кариера на Природно-математичкиот факултет во Скопје се одржа семинар за наставниците по географија на кој присуствуваа 130 учесници. Семинарот беше посветен на новите трендови и методи во географското образование и актуелни прашања во наставата по географија.

Слика 1. Дел од учесниците на пролетниот семинар за наставници по географија

Програмата на семинарот се состоеше од четири предавања

1. Проф. д-р Стефан Бужаровски – професор на Универзитетот во Манчестер, во своето предавање го разгледа Институционалниот статус на географијата како образовна и научна дисциплина во британскиот државен систем.
Проф. д-р Бужаровски го истакна значењето на географијата во образовниот систем на Велика Британија, истакнувајќи ја важноста на интердисциплинарниот пристап и интеграцијата на географијата во различни образовни програми. Неговиот говор беше инспиративен и предизвика интерес кај учесниците, особено поради преносот на искуства од странскиот образовен систем.

    Слика 2. Проф. д-р Стефан Бужаровски

    2. Доц. д-р Горан Китевски, од Институтот за географија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, го презентираше предавањето Географија на облиците на владеење и државно уредување.
    Доц. д-р Китевски објасни како различни политички и административни структури влијаат на географската организација на територијата и на формирањето на државни и национални граници. Учесниците покажаа голем интерес за оваа тема, бидејќи го поврзаа со актуелните геополитички промени во Светот.

      Слика 3. Доц. д-р Горан Китевски

      3. М-р Анита Тодорова од Институтот за географија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, ја претстави темата Квалитетот на наставата и интересот на ученикот за географија.
      Во своето предавање, м-р Тодорова го разгледа значењето на мотивацијата кај учениците за изучување на географијата и како наставниците можат да го подобрат квалитетот на наставата преку иновативни методи и техники. Нејзиниот пристап беше многу практичен, со примери од наставната пракса.

        Слика 4. М-р Анита Тодорова

        4. Проф. д-р Благоја Маркоски од Институтот за географија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, го презентираше своето истражување Третман на бројките во географијата и типови тест прашања.
        Проф. д-р Маркоски се фокусираше на важноста на бројките и статистичките податоци во географијата и  предложи ефективни типови тест прашања за оценување на знаењето на учениците. Презентацијата беше корисна за наставниците кои сакаат да го подобрат процесот на процена на учениците во оваа област.

          Слика 5. Проф. д-р Благоја Маркоски

          Семинарот заврши со дискусија и размена на искуства меѓу учесниците, кои изразија благодарност за квалитетот на презентираните теми и добиените нови информации кои ќе им помогнат во унапредување на наставата по географија. По завршувањето на семинарот, учесниците добија сертификати за учество и покана на идни семинари и настани.
          Пролетниот семинар за наставници по географија се покажа како успешен начин за стручно усовршување и размена на идеи и искуства, кој има за цел да ги поддржи професионалниот развој и напредокот на наставниците во областа на географијата.

          Слика 6. Дел од учесниците на пролетниот семинар за наставници по географија

          Подготвиле:
          Проф. д-р Благоја Маркоски
          М-р Анита Тодорова

          Leave a Reply