Прв академски час за новозапишаните студенти на Институтот за географија
оригинално објавено на: 15.9.2014
Денес, 15.09.2014 година, точно во 12 часот, во големиот амфитеатар на Природно-математичкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, се одржа првиот академски час за новозапишаните студенти во учебната 2012/13 година. На свечениот час, на студентите првин им се обрати Деканот на факултетот, проф. д-р Ицко Ѓоргоски. По заедничкиот час на студентите-бруцоши на ПМФ, за студентите на Институтот за географија свеченоста продолжи во големиот амфитеатар на Институтот кој речиси беше претесен да ги собере близу 130-те новозапишани студенти. На свечениот час исто така присуствуваше наставниот, помошниот и техничкиот кадар на Институтот. При тоа, на студентите им се обрати раководителот на Институтот за географија, проф. д-р Ристо Мијалов, кој им посака пријатно добредојде и успех во студирањето. Воедно тој накратко ги запозна студентите со Институтот, неговиот голем наставно-научен и технички потенцијал, современата опременост, 90-годишната традиција, а го претстави и кадарот на Институтот. На крај на студентите им беа поделени индексите и електронските прирачници за наставата. Веќе од вторник, се започнува со изведување на редовна настава и сите предвидени активности.
Инаку оваа година на четирите насоки на Институтот за географија (географски информациски системи-ГИС, туризам и демографија) се запишаа околу 130 студенти. Тоа секако е одраз на современите насоки и услови за студирање на Институтот, врвниот наставен кадар со кој располага, позитивниот пристап, изведувањето на соодветни теренски настави во земјава и во странство и др. Бројката ќе беше дури и поголема, заради неоправданиот статус на „мирување“ на наставната насока која егзистираше без прекин повеќе од 90 години. Причините за тоа останаа нејасни, но се надеваме дека што поскоро ќе се обнови функционирањето на истата.
Во оваа пригода ИГЕО-порталот им посакува успех на студентите на Институтот за географија, но и на сите останати не само во оваа учебна година, туку и во целокупното студирање!
Подготвил: д-р Ивица Милевски