7 November 2024
АрхиваГеовестиСвет

Попокатепетл се „подготвува“ за нова ерупција

оригинално објавено на: 16.7.2014

По речиси едногодишно мирување, познатиот вулкан во Мексико, Попокатепетл покажува знаци на претстоечка нова ерупција. Според следењата на вулканолозите, во опасност се околу 50.000 жители во околните 24 градчиња околу оваа вулканска планина.

Слика 1.

Попокатепетл е активен вулкан од стратовулкански тип, кој се наоѓа во централниот дел на Мексико. Иако се верува дека вулканот почнал да функционира уште пред околу 700 илјади години, тој сеуште е доста активен и од време на време знае да „изненади“ со доста силни ерупции. Поради често исфрлање на вулкански гасови и пепел, вулканот и планината името Попокатепетел го добиле уште од старото индијанското племе Нахуата и во буквален превод тоа значи “планината која чади“. Денес, освен ова име, тој меѓу мексиканците е попознат како Ел Попо. Со височина од 5426 m, Попокатепетл е вториот највисок врв во Мексико по врвот Оризаба со 5636 m и меѓу највисоките активни вулкани во Америка и во Светот воопшто. Овој вулкан кој се наоѓа 70 km југоисточно од Мексико Сити, при убаво време јасно се гледа од самиот град кој не е во директна опасност, бидејќи „ефективниот“ радиус на лавата и чадот од ерупциите, обично е 15-30 km. Сепак, вулканот и градот лежат на голема раседна линија, поради што понекогаш пред или заедно со ерупциите се јавуваат силни до катастрофални земјотреси кои го погодуваат Мексико Сити. Вулканот е во вид на конус со дијаметар од 25 km во подножјето, а кратерот на врвот е со димензии 400 × 600 m и длабочина 600 m до 840 m. Кратерот на Попокатепетл содржи сулфур кој шпанските освојувачи го користеле како состојка за правење на барут. Во претходните векови, пред инвазијата на европјаните, силни ерупции продуцирале големи лавични текови кои во значителна мерка ја уништиле цивилизацијата на Ацтеките. До пред неколку децении, највисоките делови од вулканот биле прекриени со глечери, но со зголемената вулканска активност и глобалното затоплување, типичните глечери исчезнале и останале само мали снежници над 4500 m. Попокатепетл денес е еден од најактивните вулкани во Мексико. По речиси 70 години затишје, “Ел Попо” се врати во живот во 1994 година и од тогаш има силни експлозии со различни интервали. Инаку, Попокатепетл е дел од националниот парк Iztaccihuatl – Popocatepetl со површина од 25 679 хектари, прогласен во 1935 година.

Извори:

http://en.wikipedia.org/wiki/Popocat%C3%A9petl#Eruptions

http://www.volcanodiscovery.com/popocatepetl.html

http://volcano.oregonstate.edu/popocatepetl

http://www.volcanolive.com/popocatepetl.html

Изработил: Никола Јордановски

Корекција и рецензија: д-р Ивица Милевски

Leave a Reply