Планинарскиот дом “Дервен” – оставен на забот на времето…
оригинално објавено на 25.12.2016
“Дервен” – со својата местоположба и локација е еден од најспецифичните планинарски домови во Македонија. Се наоѓа на планината Бабуна, близу до стариот пат Прилеп – Велес, над планинскиот премин Присад (1098 m). Од Прилеп е оддалечен околу 18 km. Самата планина Бабуна се протега од Голи Рид (1455 m) на север, до превојот Плетвар (994 m) на југоисток, во должина од 22 km. Највисок врв е Козјак (1747 m) во јужниот дел, над превојот Плетвар. Поради големата расчленетост на одделни ограноци, Бабуна има различни локални имиња: Борула Планина, Мукос, Злато, Дреновска Планина и др. До планинарскиот дом може да се дојде пеш, но и со теренско возило по макадамскиот пат, на кој има и маркации. Патеката е интересна и атрактивна со поглед на природните убавини на Прилепското Езеро, манастирот Св.Ѓорѓија и едно од најголемите копови за мермер, Сивец, каде има неколку мали вештачки езерца. Посебен восхит е погледот од планинарскиот дом кон градот Прилеп, кон Селечка Планина и повисоките врвови на Бабуба како што се: Мал Мукос, Маркови Кули и др. Домот има присојна (јужна) експозиција, осончан речиси преку целиот ден, но со силни ветрови во овој гребенест дел.
„Дервен“ претставува еден од малкуте планинарски домови на Балканот кои имаат оригинална, исклучително цврста кружна градба од камен и бетон која и покрај претрпениот пожар опстојува како туристичка атракција. Изградбата на домот започнала 1951 година а завршила во 1955 година, со доброволна работа на прилепските планинари и со помош на органите на власта. Во 1955 година бил предаден на управување на Планинарското друштво – „Козјак” од Прилеп кое заедно со Планинарскиот сојуз на СРМ и најмногу учествувало во неговата изградба. Граден е од цврст материјал: камен и малтер со приземје и кат. Имал две големи простории во кои биле сместени околу 50 кревети. Имал кујна и трпезарија опремени со соодветна опрема за посетителите. Имал помошни простории и соба за домарот на домот. Во трпезаријата и домот по потреба можело да се сместат околу 70 планинари.
Домот бил постојано отворен. Имало домар и домаќинка кои се грижеле за редот и чистотата, а веќе кон крајот на 1980-тите имало телефон, радио, телевизор, електрично осветлување, водоводна инсталација, умивалници и бања. Во домот можело да се добие храна, пијалак и други прехрамбени продукти, а можело да се подготвува и сопствена храна.
Околината на домот била уредена ливада со планинска трева. Имало и бавча која ја обработувале домарите. Гостопримливоста и добрата услуга со најразлични оброци, пристап до радио, телевизија, осветлување, водовод и бања од страна на домарите била уште една добра страна во рекреацијата на планинарите. За жал, поради силниот пожар, домот целосно изгорел во зимата 1997 година. Од тогаш, од него се останати само ѕидини и е оставен на забот на времето, иако имаше неколку иницијативи за обновување. Околината на планинарскиот дом сеуште претставува преубава ливада која нуди добар пејсаж и одлична глетка. Паралелно со условите кои ги нудел домот се развивала свеста кај помладите планинари и се организирале секојдневни акции за љубителите на планината. Најатрактивни дестинации од домот се: највисокиот врв на планината Бабуба – Козјак (1747 m) кој е оддалечен околу 5 часа пешачење, врвот Мал Мукос, кој е оддалечен околу 2-3 часа, Голем Мукос, Студеница, Кадиница и манастирот Степаница (2-3 часа пешачење), Mанастирот “Св. Богородица – Трескавец”, “Златоврв” (1422 m) и други. Инаку, планината Бабуна е исклучително богата со вегетација и жив свет како и разновидни денудациски форми: Маркови Кули, Кукол, Златоврв. Непосредно пак до “Златоврв” (1422 m), на огранокот познат како Злато е манастирот “Св. Богородица – Трескавец”, еден од најстарите и најубавите во нашата држава. Името „Злато“ овој дел од планината го добил поради присуството на минерали во карпите кои при силен сјај од Сонцето блескаат како злато.
Во последните години се работи на изнаоѓање на солидно решение за целосна реконструкција на планинарскиот дом „Дервен“ и повторно добивање на неговата функционалност. Тоа ќе придонесе за враќање на планинарството во Прилепско, за одржување и надгледување на природата, подобра контрола на дивата сеча и криволовството.
Подготвил: Христијан Граороски
Корекција: д-р Ивица Милевски