Нов број (47) на списанието Географски разгледи!
оригинално објавено на: 4.12.2014
Денес, на веб страницата на Институтот за географија е поставена електронската верзија на новиот број (47 / 2013) на списанието Географски разгледи. Ова реномирано списание кое го издава Македонското географско друштво, излегува непрекинато уште од 1962 година, поради што спаѓа меѓу научно-стручните списанија со најдолга традиција во Република Македонија. До сега вкупно се објавени 39 книги со околу 440 научни и стручни трудови, библиографски осврти, географски вести и други информации. Од 2010 година, содржините на списанието Географски разгледи се поставуваат и електронски (http://www.igeografija.mk/MGD/index.htm), со што стануваат достапни на поширок круг заинтересирани вљубеници во географијата. Од следната 2015 година во план е списанието да излегува два пати годишно, а трудовите да бидат двојно рецензирани. Крајна цел е Географски разгледи да добие статус на меѓународно списание, каков што впрочем и заслужува. Инаку во најновиот број на Географски разгледи се објавени вкупно 6 труда од 7 автори (1 коавтор), кои покриваат широк спектар на географски проблеми. Потоа е даден преглед на објавената домашна географска литература. Со самото објавување на последниот број, започнуваат подготовките за следниот број на списанието (48), кој треба да излезе до средината на 2015 година. Во новиот број е предвидена и рубрика наменета за млади истражувачи-географи. Затоа ве повикуваме доколку сте заинтересирани да го подготвите или испратите вашиот труд до уредувачкиот одбор најдоцна до крајот на февруари, 2015 година. На крајот на оваа 2014 година, двата броја 46 и 47 ќе бидат испечатени како посебна книга-двоброј.
Подготвил: Ивица Милевски