22 January 2025
АрхиваСвет

Најдолгиот мост во светот!

оригинално објавено на: 11.10.2014

Слика 1.

Огромните мега-структури, во денешно време се застапени насекаде. Напредокот на технологијата, машините и градежништвото, доведоа до тоа речиси да нема невозможни градежни потфати. Една од таквите структури претставува Големиот Мост Данјанг–Куншан (Danyang-Kunshan Grand Bridge) во Кина, пуштен во употреба во 2011 година. Тоа е моментално најдолгиот мост во светот со неверојатни 164.800 метри (164,8 км) во должина и височина од 31 метар. Всушност, должината на мостот е колку растојанието од Скопје до Гевгелија. При просечно возење, автопатот на овој мост се поминува за околу 1,5-2 часа, а возовите кои се движат со импозантни 300 км/час, целото растојание го поминуваат за помалку од еден час.

Кина е земја која денес е најдобра во изградбата на долги мостови, односно таа е единствената земја која сака (а има и потреба) мостовите да бидат толку долги. Затоа, првите три најдолги мостови се во Кина и тоа: Данјанг-Куншан Мост, на второ место е Тијанџин Гранд Мост (113.700 м) и третото на Вејнан Вејхе Гранд Мост (79.732 метри). Од вкупно 35 најдолги мостови во светот, во Кина се дури 17 или половината.

Слика 2.

Големиот Мост Данјанг-Куншан се наоѓа во Источна Кина во покраината Шандонг. Се состои од повеќе огромни, поврзани мостови, од кои секој е интересен за себе. Така, мостот Кингдао Хаиван, го држи рекордот како најдолгиот мост над вода. Преку Големиот мост Данјанг–Куншан минува автопат, а во самото тело на мостот е железничката линија која ги поврзува Шангај и Нанџинг во Источна Кина. Мостот минува преку делтата на реката Јангце, каде низинскиот релјеф се карактеризира со пространи оризови полиња, канали, реки и езера. Мостот се протега паралелно со реката Јангце, односно околу 10 до 70 км јужно од реката и од поголемите градови во овој дел. Мостот, во должина од 9 км поминува над езерото Јангченк и тука е висечки (со затегнати сајли). Инаку, целиот мост се состои од половина милион тони челична структура. За сето тоа да се изгради, биле потребни 4 години и перманентна работа на 10.000 работници, а крајната цена изнесувала 8,5 милијарди долари (колку што е годишното БДП на Македонија). Според Кинеските власти, мостот има многу квалитетна структура која може да издржи силни тајфуни, поплави и магнитуда на земјотрес од 8 степени по Рихтер. Освен преминување на водени пречки, значењето на мостот е во брзо (експресно) сообраќајно поврзување, како и во „заштеда“ на плодното, обработливо земјиште.

Извори:

http://thexodirectory.com/2011/04/danyang%E2%80%93kunshan-grand-bridge-the-longest-bridge-in-the-world/

Some Interesting Facts on Danyang Kunshan Grand Bridge

Danyang–Kunshan Grand Bridge: The Longest In The World

Подготвил: Адријана Стоименовска. Рецензирал: д-р Ивица Милевски

Leave a Reply