Манастир Св. Ѓорѓи – место за душевен одмор на Валандовчани!
оригинално објавено на: 3.1.2015
Кога Евлија Челебија го посетил овој манастир, рекол дека е “најубав манастир во земјата на манастирите”. Ова верско светилиште се наоѓа во еден живописен предел на околу 500 м надморска височина, на планината Плавуш, на само 2 км северозападно од Валандово. Расположено е во тишината и спокојот на природата, на чија убавина највеќе се воодушевува окото на намерникот, на љубопитникот. Во средниот век, на овој простор постоела мошне убава црква посветена на Свети Ѓорѓи, од која зрачела убавината на валандовското поднебје. Неа ја подигнал српскиот цар Стефан Душан во 1349 година, а ја граделе неимари со развиена смисла за естетика. По доаѓањето на Турците во Валандово, црквата Свети Ѓорѓи прераснала во манастир. Манастирската црква и конаците околу неа, биле оградени со високи и дебели ѕидови, скопчани со тешка железна врата. Денешната манастирска црква е недоволно атрактивна. Таа е мала по големина, а градена е од камен. Внатрешноста на малата манастирска црква е исполнета со скромен фонд на икони, слики и дрвен намештај. Некои од иконите се изработени по земјотресот кој бил 1931 година (еден од најсилните забележани во Македонија со 10 степени по Меркалиева скала) и ја разурнал црквата, но има и такви кои се изработени во поново време. Олтарната преграда што ја сочинува малиот иконостас, ја има дебелината на рамките на иконите. Во средината на јужниот ѕид се наоѓа таканаречениот владички стол , а лево од него се иконите.
Манастирскиот простор денес е прекрасно среден и претворен во излетничко место, место за уживање и одмор. Околу манастирската црква има три чешми со исцртани фрески и со многу питка и како што велат старите – лековита вода. Инаку амбиенталното обликување на просторот околу манастирот ќе придонесе ова светилиште да служи, не само за развивање на интензивен религиозен живот, туку и за одмор и рекреација.
Извор: http://wikimapia.org/19195901/mk/Манастир-Св-вмч-Ѓорѓи
http://www.invalandovo.com/православни-храмови-во-валандовско/
http://www.virtualtourist.com/travel/Europe/FYR_of_Macedonia/Opstina_Valandovo/Valandovo-451774/Things_To_Do-Valandovo-TG-C-1.html
Изработиле: Славица Тенекиџиева и Тоше Тановски