7 November 2024
АрхиваГеовестиМакедонија

Македонија – туристички бисер, туристички потенцијали и културно-историски знаменитости

оригинално објавено на: 22.6.2014

Осврт кон делото: „Македонија – туристички бисер, туристички потенцијали и културно-историски знаменитости“ од авторите: Благоја Маркоски, Ратомир Грозданоски, Тодор Чепреганов и Дејан Д. Николовски, 2013. Добитник на Државната награда „ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ“ за 2014 г. за значајни остварувања од интерес за Република Македонија во областа на науката.

Слика 1.

Во април 2013 година, под авторство на проф. д-р Благоја Маркоски, проф. д-р Ратомир Грозданоски, проф. д-р Тодор Чепреганов и Дејан Д. Николовски, од печат излезе енциклопедиското издание, делото „МАКЕДОНИЈА-ТУРИСТИЧКИ БИСЕР“, туристички потенцијали и културно-историски знаменитости, во издание на Информативно-деловен бизнис центар-ИДБЦ од Скопје, а под раководство на инж. Крсте Савевски. Делото претставува македонско-англиско издание отпечатено на 592 страници, богато фотографски и картографски илустрирано. Автори на фотографските прилози се проф. д-р Благоја Маркоски, Анте Јосифовски, Емилија Савеска-Георгиевска, Крсте Савевски, архива на Министерството за економија, градот Скопје и други извори. Во делото се поместени 12 картографски прилози под авторство на проф. д-р Благоја Маркоски, а дизајнот на книгата е на Дејан Д. Николовски. Делото МАКЕДОНИЈА – ТУРИСТИЧКИ БИСЕР претставува двојазично (македонско-англиско) издание во кое се поместени голем број природно географски објекти и појави, културно-историски зна-менитости и туристичко-угостител-ски објекти како туристички потен-цијали во Република Македонија. Тие се презентирани со кратки и јасни текстови со широк спектар на стручни информации, богато фото-графски илустрирани и прецизно картографски лоцирани. Според глобалната методоло-шка концепција, содржините на ова енциклопедиско дело (во кон-текст на туристичките вредност и потенцијали) се презентирани така што најпрво се зборува за природно географските карактеристики, кул-турно традиционалните вредности и историјата на Република Македонија, а потоа поединечно се прикажани туристичките вредности на Скопскиот, Шарпланинско-полошкиот, Мавровско-дебарскиот, Кичевско-бродскиот, Охридско-преспанскиот, Пелагонискиот, Средно-вардарскиот, Струмичко-гевгелискиот, Брегалничкиот и Кумановско-кривопаланечкиот туристички регион.

Во делот за природно географските карактеристики на Република Македонија, покрај географската положба се опфатени релјефот со приказ на македонските планини, клисури и пештери, климатските карактерис-тики, хидрографските објекти од типот извори, реки и езера, а во продолжение се зборува за карактеристиките на македонскиот растителен и животински свет.

Во продолжение се презентирани општите карактеристики на Македонското културно-историско наследство. Наброени се најмар-кантните археолошки локалитети, манастири и цркви, џамии, тврдини, кули и мостови, резбарството и фрескосликарството од материјалната култура, а се потенцирани и најмаркантните фолклорни традиции од материјално-духовните културно традиционални вредности. Овде е презентиран и еден мал дел од македонската кујна.

Општиот дел е надограден со 2500 години историја на Македонија. Во него, по принципот кратко – јасно, хронолошки се презентирани годините и датумите на најважните настани и случувања во античкиот, средниот и новиот век, односно Македонија под османлиска власт, национално-ослободителната борба Балканските војни и Првата светска војна, Втората светска војна, АСНОМ и федерална Македонија и Република Македонија – независна и меѓународно призната држава.

Низ непосредната содржина кај туристичките региони во принцип најпрво се прикажани природно географските карактеристики во смисла на потенцирање на местоположбата, релјефните елементи, климата, хидрографијата, флората и фауната и сообраќајните правци за територијата на секој регион поодделно, а потоа се прикажани географско историските одлики на развојот на градските населби во него, разните природно-антропогени објекти: планини, долини, реки, езера, извори, бањи, археолошки наоѓалишта, кули и тврдини, религиозни објекти, споменици, музеи и галерии, комплексни туристички локалитети, манифестации и препораки за дневни туристички прошетки. Низ содржините покрај општо познатите објекти и локалитети се прикажани и такви објекти кои за прв пат ќе бидат на увид на пошироката јавност. Во функција на комерцијалните аспекти на туристичко угостителската дејност во прилог на содржината се презентирани бројни туристичко угостителски објекти, агенции, етаблирани манифестаци и други институции поврзани со оваа дејност.

Во Скопскиот туристички регион поконкретно се прикажани градот Скопје со целиот сјај на неговиот урбано-географски развој надограден со неговото културно историско наследство и современа урбана и културна креација со бројни споменици и музеи презентирани низ туристичка прошетка во која тргнувајќи од плоштадот спомениците, музеите, црквите и џамиите со Старата Скопска чаршија се надополнуваат како единствен комплекс. Во Скопскиот регион се потенцирани и неколку комплексни локалитети како што се Матка, Водно, Катлановска Бања и поголем број манифестации карактеристични за Скопје.

Во Шарпланинско-полошкиот туристички регион се прикажани градските средишта Тетово и Гостивар, познатите објекти и локалитети како што се Тетовското Кале, Шарената џамија, текето, Лешочкиот манастир, зимско спортскиот и рекреативен локалитет Попова Шапка, Вруток – изворот на Вардар, пештерата Ѓоновица и некои манифестации.

Мавровско-дебарскиот регион е прикажан во сјајот на Националниот парк Маврово, Мавровското Езеро, планината Бистра, манастирите Св. Јован Бигорски и Св. Ѓорѓи Победоносец, градот Дебар, Дебарското Езеро, Галичката свадба и други објекти и манифестации.

Иако навидум сиромашен во Кичевско-бродскиот туристички регион се прикажани населбите Кичево и Македонски Брод, Кичевското Кале, манастирот Пречиста, грнчарството во Вранештица, локалитетот Крушино, изворот на р. Треска, Строгиот природен резерват Јасен, Поречкото Езеро – Козјак, Поречкиот манастир, пештерата Пешна, населбите Белица и Самоков и други објекти.

Не се бројат туристичките локалитети и објекти во Охридско-преспанскиот туристички регион, почнувајќи од Охрид, градот музеј, градот на сесловенската писменост, Македонскиот Ерусалим, Охридското Езеро, Самоиловата тврдина, Св. Климентовиот манастир Св. Пантелејмон – Плаошник, Канео, црквата Св. Софија, локалитетите Залив на коските, манастирскиот комплекс св. Наум Охридски, градот Струга со бројни споменици, музеи, цркви и манастири, истекот на езерото и почетокот на Црн Дрим, Вевчани, Националниот парк Галичица, Преспанското Езеро со туристичките населби во крајбрежјето, градот Ресен и многу други објекти и локалитети. Потенцирани се маркантните манифестации Охридско лето, Охридскиот маратон, Струшките вечери на поезијата и Вевчанскиот карневал.

Во Пелагонискиот регион централно место е посветено на Националниот парк Пелистер, градот на конзулите Битола, градот херој – Прилеп, Крушево – градот на Крушевската република и слободарскиот регион на Демир Хисар. Во нив или покрај нив поконкретно се презентирани Широк сокак, Саат кулата, црквата Св. Димитрија, археолошкиот локалитет Хераклеа Линкестис и други во Битола, Смилево – местото на Смилевскиот конгрес, традиционалните валалници во Вирово, Слепчанскиот манастир во Демир-хисарско, споменикот Македониум, локалитетот Мечкин Камен, музеите, црквите и манастирите во Крушево и Крушевско, Марковите Кули, манастирите Св. Архангел Михаил во Варош, успение на пресвета Богородица – Трескавец и Св. Преображение во Зрзе во Прилепско. Презентирани се и манифестациите Мал Битолски монмартр, Илинденски денови, Крушево – етно град, театарскиот фестивал Војдан Чернодрински, Пивофест и др.

Содржината продолжува низ Вардарскиот регион каде поопстојно внимание е посветено на Велес – градот на гемиџиите со бројни пропратни споменици, посебно е обработен локалитетот со езерото Младост, археолошкиот локалитет Стоби, градот на виното – Кавадарци, Тиквешкото Езеро, полошкиот манастир, градот Неготино, локалитетот Алшар, Солунска Глава и Демир Капија со клисурата, белоглавите орли и пештерите. Прикажани се и некои манифестации како што се Рациновите средби, Тиквешкиот гроздобер, Фестивалот на античката драма во Стоби и други манифестации.

Во Струмичко-гевгелискиот регион покрај градовите Струмица, Радовиш, Гевгелија и Валандово, посебно внимание е посветено на Дојран и Дојранското Езеро, археолошките локалитети Марвинци и Вардарски Рид, Негорските Бањи, планинскиот локалитет Кожуф, Царевите кули во Струмица, Смоларкиот водопад, манастирите во Водоча и Вељуса, црквата Св. Троица во Радовиш. Опфатени се и манифестациите Струмички карневал, Дојрански ракувања и Фолкфест Валандово.

Брегалничкиот туристички регион е еден од најголемите по површина. Во него се обработени повеќе градски населби како што се Штип, Пробиштип, Кочани, Виница, Македонска Каменица, Делчево, Берово, Пехчево. Во овој регион посебно внимание е посветено на тврдината Исар, соборниот храм Св. Никола во Штип, манастирот Св. Гаврил Лесновски кај Пробиштип, археолошките локалитети Мородвис и Баргала, планинскиот локалитет Пониква, езерото Градче кај Кочани, Виничкото Кале, манастирот Св. Архангел Михаил во Берово, Беровското Езеро, локалитетот Голак и бројни други манастири, цркви, споменици, музеи и етнокултурни вредности. Потенцирани се манифестациите Кочански денови на Оризот, Штипската пастрмајлијада, Голачките фолклорни средби и Пијанечко-малешевската свадба.

Во Кумановско-кривопаланечкиот туристички регион покрај градовите Куманово, Кратово и Крива Паланка се прикажани поголем број други локалитети и објекти. Станува збор за црквата Св. Ѓорѓи во Старо Нагоричане, мегалитската опсерваторија Кокино, кулите и мостовите во Кратово, Камените кукли кај с. Куклица, прекрасниот манастир Св. Јоаким Осоговски, локалитетот Калин Камен на Осоговските Планини и други објекти. Претставени се манифестациите Денови на комедијата и Летниот џез фестивал во Куманово и Ликовната колонија во манастирот Св. Јоаким Осоговски.

Секој туристички регион е надополнет со кратки препораки за неизоставна посета на најмаркантните туристички локалитети и објекти, така што читателот на ова дело се чувствува како да патува низ просторот и времето по Македонската земја.

Сите градови, населби, туристички локалитети и објекти се богато фотографски илустрирани со несекојдневни и ретки фотографии, кои како што се компонирани и дизајнирани навистина формираат Македонски туристички бисер.

КНИГАТА МАКЕДОНИЈА-ТУРИСТИЧКИ БИСЕР е надополнета со 12 тематски карти и тоа една општа Физичко географска карта на Република Македонија, 10 тематски карти на кои во покрупен размер се прикажани туристичките локалитети и објекти во секој туристички регион посебно и една Туристичка карта на Република Македонија со која се заокружува содржината на книгата.

Во контекст на целокупната текстуална содржина, фотоилустративна композиција и картографска презентација книгата МАКЕДОНИЈА-ТУРИСТИЧКИ БИСЕР претставува општо корисно несекојдневно дело со енциклопедиски карактер, дело од кое може да се стекнат голем број информации, дело низ кое може да се повторат некои подзаборавени лекции.

Книгата МАКЕДОНИЈА – ТУРИСТИЧКИ БИСЕР во издание на Информативно-деловниот бизнис центар од Скопје сигурно ќе претставува мошне солиден репрезент на туристичките вредности, историјата, културата, традицијата и живеењето воопшто во Република Македонија.

Подготвил: д-р Свемир Горин

Leave a Reply