27 March 2025
АрхиваСвет

Колку реално се богати Европјаните?

оригинално објавено на: 08.12.2017

Сте се запрашале ли некогаш колку изнесува богатството на луѓето кои живеат во различни држави?

Jакуб Мариан е лингвист, математичар и уметник од Република Чешка, кој има основано едукативен блог на кој се објавени негови дела, карти и книги од областа на математиката, музиката, физиката и слично. Јакуб Мариан, исто така, изработува карти со различна тематика. Една од објавените карти е и картата која ја покажува распределбата на богатство во Европа. Податоците врз основа на кои е изработена картата се темелат на анализа на швајцарската мултинационална корпорација Credit Suisse.

Credit Suisse е корпорација основана во 1856 година, која денес е распростанета во повеќе од 50 држави и има 46.720 вработени. Оваа корпорација го следи балансот на светското богатство, со цел полесно менаџирање со истото. Credit Suisse во своите публикации објавува годишен извештај за состојбата на богатството (Global Wealth Report), со што се пресметува богатството со собирање на вредноста на финансиските средства со нефинансиски средства и одземање на вредноста на долговите. Врз основа на овие податоци, Јакуб Мариан ја изработил оваа карта која ја прикажува средната вредност на тоа богатство по возрасен во одредена држава, изразено во американски долари.

За некои европски држави не постојат конкретни податоци, туку само делумни проценки. Истите на картата се обележани со ѕвездичка (*). За некои од земјите на ЕУ, пресметката се базира на вкупниот биланс на домаќинствата кои поседуваат одредени финансиски средства, односно што должат, а за некои земји податоците што се користат се засновани на финансиските салда кои вклучуваат само финансиски средства. Сите, па дури и недвижниот имот, се вклучени во вкупниот биланс на домаќинствата.

Слика 1.

Од податоците кои се картирани, може да се забележи дека најголемо богатство поседуваат Исланѓаните, односно, секој возрасен Исланѓанец во просек поседува по 445.000 американски долари. По Исланд, следи Швајцарија, каде просечното богатство по возрасно лице се проценува на $229.000. На листата следуваат Луксембург и Белгија со по $168.000, односно $162.000 по возрасно лице. Од друга страна, најсиромашни се граѓаните на Украина, чие богатство се проценува на $100 по возрасен. Потоа, следуваат Белорусија со богатство од $900 и Молдавија со просек од $2.200 по возрасен.

Од нашите соседи, проценето е дека најбогати се Грците кои просечно поседуваат по $55.000, а по нив следат Бугарите со просек од $12.000 по возрасно лице, додека најсиромашни се Србите со просек од $5.300 по возрасен.

Што се однесува до Република Македонија, според прикажаното, може да се забележи дека во просек, секое возрасно лице во Р. Македонија има богатство од  $5.700.

Извори:

Credit Suisse Research Institute – Global Wealth Report 2017

credit-suisse.com

index.hr

jakubmarian.com

Автор: Билјана Бабаноска

Leave a Reply