28 March 2025
Архива

Екстерно оценување во високото образование?

оригинално објавено на: 8.10.2014

Соодветно на барањето за размислување упатено од страна на заменик министерот за образование во врска со најавите за екстерно оценување на студентите во високото образование, чувствував потреба да го искажам своето мислење во следнава смисла. Имено, во високото додипломско образование студентите, поточно дипломираните студенти се стекнуваат со високо-стручно специјализирано образование, а во повисоките степени, постдипломски и докторски студии станува збор за научна работа.

Екстерно оценување во високото образование ДА или НЕ? Јас би рекол НЕ! Зошто? Затоа што:

со закон средното образование се направи задолжително, така што лицата кои навистина не сакаат да учат повеќе од основното образование, или природно немаат предиспозиции за учење, ги принудуваме да завршуваат средно образование. Соодветно на тоа, во продолжение ја користат приликата да се пробаат на факултет, и во тоа нема механизам да бидат спречени (на крајот на краиштата тоа е човечко право и цивилизациска придобивка). Своевремено, за да не се спроведуваат приемни испити на факултетите, се воведе државна матура за средношколците. Замислата беше оној што положил државна матура (и нормално постигнал соосдветен успех) да може да се запише на факултет, а оние што не положиле државна матура, за да заокружат со средното образование, им се овозможи да полагаат училишна матура и со тоа нивното школување фактички требаше да заврши. Но што се случува, дури и на државните универзитети (поради се помалиот број на матуранти и секако нивното расплинување на многу факултети), во третиот рок се запишуват завршени средношколци со училишна матура. Таквиот студент (нека ми е простено) на факултет неможе да постигне квалитетен успех за предвиденото време и по основ на упорност наместо за четири завршува за 5, 6, 7 или 8 години. Значи кај него веќе се спроведува „екстерно“ оценување. Згора на тоа, таквиот нивен успех/неуспех „екстерно“ се оценува од страна на општеството, бидејќи долго време неможат да обезбедат работа.

во процесот на акредитација на високо-образовните институции се влезе многу слободно. Проектите на заинтересираните страни биле „административно целосни, просторно техничките услови „одлични“ со модерен мебел во нови простории“, но тој мебел неможе да биде универзитетски професор. Значи поважен е националниот интерес отколку бизнис-ориентацијата на поединецот во образованието.

кај државните универзитети се поставуваат квоти за упис (и најчесто поголеми се квотите кај непродуктивните струки), а кај приватните нема квоти, така што во трка по диплома, а не по знаење, студентите се расплинуваат на многу приватни факултети. Меѓутоа, за разлика од приватните универзитети и факултети во западните земји, нашите приватни факултети не би можеле да се пофалат со квалитет, што постепено го покажува времето. Во услови на се помал број матуранти (идни студенти) и недостаток на финансии за основните функции на факултетите, во одредена мерка се спушта критериумот како би можеле истите да „преживеат“ некако.

не треба екстерно оценување во високото образование, туку повеќе финансиски и материјални средства за да се отстрани агонијата во универзитетските кругови. Агонија, бидејќи платата на универзитетскиот професор скоро е еднаква или помала од платата на обичен техничар или хигиеничар во подобро стоечка фирма.

кадровскиот потенцијал (особено на државните универзитети) е десеткуван, нема подмладок и „свежа“ сила за да се надополни и продлабочи трудот на професорот низ разни практични работи.

не треба екстерно образование и од аспект на тоа што ќе се загрозат нечии законски и човекови права во смисла: во четврта година пред дипломирање студентот полага естерен испит и не положил, тоа значи нема да дипломира. Зарем тие лица ќе останат рамнодушни? Мора да се размислува на последиците. Значи незнаел професорот кој работел со дотичните студенти, а ќе знае некој од страна.

бројот на испити и начинот на реализација неможе да биде како во основно или средно образование каде егзистираат 10-15 предмети. На факултетите секоја студиска програма е приказна за себе со по околу 30-40 предмети. Колку факултети имаме? Колку студиски програми по околу 30 предмети? Се собираат илајдници предмети. Од каде ќе се најдат толку екстерни оценувачи? Дали тие од странските земји кои ќе дојдат да спроведуваат екстерен испит во Македонија ќе дојдат без пари. Колку треба да им се плати. Ова го зборувам од аспект што во Република Македонија за разни научни дисциплини има претежно по еден, ретко каде 2-3 лица специјализирани за конкретна научна дисциплина.

Не, не му давајте храна на подметнатиот непријател. Универзитетските професори и образование се столбот на општеството, а студентите иднината на нацијата и цивилизацијата. Слабите и недообразованите ги чисти самото општество низ секојдневното живеење.

Решенија на проблемот, во мерката во која постои (ако постои) треба да се бара во следното:

нека не се издаваат нови акредитации за нови високообразовни институции и студиски програми кои го задушуваат општеството, а веќе издадените под итно да се преиспитаат и доколку е потребно да се одземат.

да се уфрлат повеќе пари во високообразовниот систем. Да се вратат фондовите за наука, наместо да се пренасочуваат во непродуктивни правци.

да се зајакне кадровскиот потенцијал на државните универзитети и факултети со млади кадри за да не се доеродира системот.

да се почитуваат одредбите за државната матура или таа да се укине, а да се врати приемниот испит на факултетите.

во државата мора да се направи дистинкција во висината на платите и заработувачката според сектори, бранши и образование.

да не се робува на предлози од неискусни луѓе и организации, бидејќи и во самиот сектор за образование некој како да му подметнува нешто на раководните структури.

Се надевам дека сооветно ќе бидат разбрани моите размисли и соодветно ќе придонесат во креирањето на политиките за екстерно образование во високото образование. Нешто е помешано. Некаде се практикува на финансиерот најчесто донаторот да му се даде извештај што се постигнало со неговите пари и му се презентира сто има намера да се развива понатаму и тогаш тој донаторот ќе казе не нетреба тоа, давам пари за ова и ова.

Проф. д-р Благоја Маркоски

Leave a Reply