Гренланд: од глобално затоплување до политичко заладување
Дали се реални најавите на новиот претседател на САД околу можноста Гренлад да биде најнова американска политичка аквизиција? Веројатно одговорот за политичката иднина на Гренланд може да се најде во неговата политичка историја. Гренланд, најголемиот остров во светот, има комплексна историја во меѓународните односи. Претставува Данска колонија сè до 1953 година, кога статусот на Гренланд е променет во област на Данска, а на жителите на Гренланд им е доделено данско државјанство и еднакви права и одговорности. Но, тука не завршува еволуцијата на политичкиот статус на островот. Во 1979 година, Данска промовира самоуправност на Гренланд, со што е овозможено Гренланд да маневрира со локални прашања како даночна политика, економски развој, културни и образовни прашања и слично, додека Данска го задржува својот авторитет врз уставните прашања, надворешните односи и политика, и на неговата одбрана. Мнозинство граѓани на Гренланд гласаа за зголемување на степенот на самоуправност во 2008 година, што доведе до Актот за самоуправност од 2009 година, преку кој Гренланд официјално беше прогласен за самоуправен прекуморски административен дел на Данска. Овој акт ја прошири контролата на Гренланд врз неговите ресурси, иако островот остана дел од кралството – Данска сè уште е авторитет врз одбраната и надворешната политика, а граѓаните на Гренланд, чиј број надминува 56,000, се и дански државјани, и се претставени во данскиот парламент преку двајца избраници.
Комплексен е и односот на Гренланд со Европската Унија. Имено, Данска е член на Европската Економска Заедница, односно денешната Европска Унија од 1973 година. На основа на припадност кон Данска, и Гренланд од 1973 година бил дел од Европската Унија, но само до 1985 година, кога Гренланд стана првиот политички ентитет кој всушност ја напушти Унијата. Напуштањето е резултат на референдумот за излез од заедницата од 1982 година, главно поради загриженост на граѓаните на Гренланд околу задржување на контролата врз своите риболовни зони. По излезот од заедницата, островот е класифициран како Прекуморска територија поврзана со ЕУ. Овој статус овозможува соработка преку договори како Партнерскиот договор за риболов и „Одлуката за Гренланд“ кои ги дефинираат соработката и финансиската поддршка од буџетот на ЕУ додека ја почитуваат автономијата на Гренланд.
Стратешки, островот е видлив и од призмата на големите сили, особено од Соединетите Американски Држави. Клучна е 1951 година, кога САД и Данска потпишале договор за одбрана на Гренланд од потенцијални напади, имајќи ја предвид ограничената воена способност на Данска. Овој договор ја рефлектирал стратешката арктичка локација на Гренланд за време на Студената војна. Во последниве години, сепак, Гренланд се соочи со обновен, но поинаков и контроверзен интерес од САД. Последниве неколку дена, има силна медиумска струја врз поттикната реторика на избраниот претседател Доналд Трамп и статусот на Гренланд. Ваквиот исплетен наратив не е ништо ново и ексклузивно, со оглед на тоа што темата беше присутна и во текот на 2019 година, односно во првиот мандат на претседателот Трамп. А сепак, можноста за некаква трансакција не е ни малку чудна, ниту невозможна, со оглед на историјата на територијална експанзија на Соединетите Американски Држави. Покрај славната трансакција од 1867 година, кога САД од Русија ја купиле Алјаска за тогашни 7,2 милиони долари (околу $100 милиони во денешна вредност), САД во 1803 година од Франција ја купиле Луизијана за тогашни $15 милиони (денешни околу $300 милиони). Во 1819 година, САД од Шпанија ја откупиле Флорида, но тогашните 5 милиони долари како цена за Флорида всушност биле дел од претходна трансакција, што генерално земено, Флорида е добиена „бесплатно“.
Понатаму, во 1853 година, од Мексико, ја откупиле областа Месиља (јужни делови на Аризона и Њу Мексико) за $10 милиони, или за околу $350 милиони во денешна вредност, што значи дека добар дел од територијата на САД е купена за помалку од денешни милијарда американски долари.
Со оглед на комплексната еволуција на политичкиот статус на островот, како и на динамиката на современата геополитика, постои огромна можност темата „Гренланд“ да биде фокусна точка во дискусиите за суверенитет, управување со ресурси и арктичката геополитика во блиска иднина.
Литература
European Parlament (2019): Briefing: How the EU budget is spent, достапно на: EU-Greenland partnership
Official site of Denmark: Greenland, the world’s largest island, достапно на: Greenland | The world’s largest island |Part of the Danish Realm
Rasmussen, R. Ole (2025): Greenland. Encyclopedia Britannica, достапно на: https://www.britannica.com/place/Greenland
Politico (2025): Trump’s invasion of Greenland would be ‘the shortest war in the world’, достапно на: https://www.politico.eu/article/donald-trump-invasion-greenland-shortest-war-world/
BBC (2025): Trump wants to take Greenland: Four ways this saga could go, достапно на: https://bbc.com/news/articles/cwy3y8l8nwlo
Tomala, M. (2017). The European Union’s Relations with Greenland. International Studies. Interdisciplinary Political and Cultural Journal, 20(1), 31–46. https://doi.org/10.1515/ipcj-2017-0015
Автор: доц. д-р Горан Китевски