Викенд предлог: Ливадичко Езеро на Шар Планина
оригинално објавено на: 19.09.2013
На крајниот североисточен дел од Шар Планина, под врвот Ливадица на надморска височина од 2.491 метар, во фосилен глацијален цирк е сместено Ливадичкото Езеро. Од планинарскиот дом Љуботен, може да се посети за 4 часа и нормално пешачење преку живописниот предел на Козаја или Љуботенска стена и превојот Шија. Во трајно сеќавање останува гледката од Љуботен (2.499 метри), кон врвот Ливадица и Ливадичко Езеро. Разнобојните цветови и инсекти кои се карактеристични по тоа што такви видови се сретнуваат само над 2000 метри и остануваат помалку значајни наспроти убавиот видик упатен кон северозапад. Жива природна слика претставува погледот кон врвот Куле на 2314 метри. Сенки од облаци го покриваат езерското огледало, а кога го напуштаат одблесокот од сончевите зраци од водната површина ни дава гледка, што со збор, не е возможно да се опише.
Ливадичко езеро има елиптичен облик. Долго е 228 метри (правец североисток – југозапад), а широко (северозапад-југозапад) 120 метри. Површината изнесува 20.740 м кв., најголемата длабочина 7,3 метри со провидност од 4,7 м. Температурата на водата е доста променлива во вертикала и при една посета при крајот на Јули на површината изнесуваше 11 степени целзиусови, а на дното само 5 степени. Езерото во пролет го хранат снежниците кои зафакаат поголем простор, а во летниот период неколку снежници кои го формираат површинскиот поток на северозападната страна од езерото. Да напоменеме и тоа дека на северозападната падинска страна има поголем број на снежници и при стопувањето на истите, водата се инфилтрира во дробинскиот материјал и избива во северозпадниот дел на дното од езерото. Појавата на водата од дното е јасно уочлива. Се појавуваат меури од воздух на површината и се слуша нивното прскање и шумолење. Езерото при висок водостој се дренира површински преку отока, но тоа површинско истекување е краткотрајно. Поголем дел од годината водите од езерото се инфилтрираат во крајниот североисточен дел, за подоцна да се појават под ледената снежна крпа во вид на моќен контактен извор со капацитет од 6 литри во секунда. Значајно е да се напомене хидролошката функција на езерото. Прво, тоа врши ретенција на водите во овој дел на Шар Планина, а потоа и регулација на истите. Езерските води особено во летниот период го хранат со вода Зеричкиот поток, најголем изворски крак на Калуѓерска Река, десна притока на Лепенец. Нивото на езерото во текот на годината има извесно колебње кое достигнува до 0,6 метри. Максималнот водостој се поклопува со интензивното топење на снежниците во мај и јули. Минималниот водостој е при крајот на август и почетокот на септември. Езерската површина не е мирна. Дувањето на североисточен ветер кој доаѓа по валовот, обично после пладне, прилично ја раздвижува езерската површина. Дното на езерото е коритесто со најплиток дел на југозапад, од каде езерото се храни со вода. Северната страна на езерото е пострмна, а механичкото распаѓање е поинтензивно. Сите три страни се покриени со тревна покривка со што е намален интензитетот на спирањето.
Генезата и евулуцијата на Ливадичко Езеро е тесно поврзана со плеистоцената клима, кога глацијалната ерозија преставувала доминантен геоморфолошки процес. Како и другите македонски планини повисоки од 2000 метри, така и овој дела на Шар Планина бил зафатен со глацијалниот феномен. Негативните годишни темпретури условиле врнежите да се излачуваат во вид на снег. Снежната покривка во текот на долг временски период се задржала во длабнатините, претварајки се во густа кристалеста маса. Ледените маси, под влијание на земјината тежа, почнале да се движат и да ја еродираат подлогата, формирајќи цирк. Со промена на климатските прилики, односно доаѓањето на денешната потопла клима, се стопил ледениот покрив и се формирало езеро. Денешниот цирк е модифициран со постглацијалните процеси, така што езерската површина е значително помала и изменета.
Езерото во неколку наврати е порибувано, но поради суровите климатски карактеристики на поднебјето, рибата не може да се размножува. Од страна на риболовните друштва се вршат чести порибувања со пастрмка.
Ливадичко езеро, иако е мало по површина, сепак има големо значење. Во хидролошки процес тоа врши регулација на водите од овој дел на Шар Планина. Големо е и значењето за геоморфолошките проучувања, зошто преставува реликт од плеистоцената глацијација. Како интересен планински објект, може да даде придонес за развиток на планинскиот туризам.
Литература:
Цвијиќ Ж. : Основе за геогрфију и геологију Македоније и Старе Србије, књ. 3, Београд 1911, стр. 1074 и 1033.
Цвијиќ Ј.: Геоморфологија, књ. 1, Београд 1924, стр. 48.
Кривокапиќ Д.: Шар Планина туристичко географски приказ предела и народа, Београд 1969.
Николиќ Р.: Глацијација Шар Планине и Кораба. (Београд -1912 год).
Подготвил: Кристијан Ристовски