22 April 2025
Архива

Визианус, нова туристичка атракција кај Куманово

оригинално објавено на: 25.10.2014

Слика 1.

Покрај Мегалитска опсерваторија Кокино, Меморијалниот центар АСНОМ, Костоперска карпа, Црквата Свети Ѓорѓи во Старо Нагоричино, испосницата на Прохор Пчињски и уште неколку други туристички атракции во Кумановско, туристите ќе имаат можност да го посетат и археолошкиот локалитет Визианус. Овој локалитет се наоѓа во с. Клечовце на 20 км источно од градот Куманово. Истиот во периодот од 2001 до 2004 година, го истражувале археолозите Звонимир Николовски и Блаже Ѓорѓиевски и тогаш биле откриени повеќе римски градби и гробови, како и дел од римската градба која што се смета за дел од ранохристијанската базилика. Неодамна, археолозите на Музеј на Куманово во соработка со Музејот од Скопје и студентите по археологија, откриле ранохристијанска базилика долга 35 метри и широка 13 метри, по што претставува една од најголемите цркви во Македонија воопшто. Од спротивната страна на црквата се наоѓаат римски гробови, а непосредно до нив и римски град кој допрва треба да биде откопан и истражен. Од наодите, особено е специфична керамиката која со откопувањата излегува на површина, како и самата и структура на објектот.

Археолошкиот локалитет Визианус ги има сите предуслови да стане туристичка дестинација. Тој се наоѓа покрај патот од Скопје за Софија, а во непосредна близина има два веќе надалеку познати угостителско-сместувачки комплекси: „Етно село“ и „Визиана“.

Извори:

1. http://www.makdenes.org/content/article/25073236.html

2. http://kumanovskimuabeti.mk/na-lokalitetot-vizijanus-otkriena-r/

3. https://www.youtube.com/watch?v=LbECdkjxN_s

4. Д. Масевски & М. Арсовски-Болто (2003) – Куманово [историја, уметност, традиција, култура], стр. 64, Куманово: Македонска ризница 2003.

Подготвил: Филип Ѓошевски

Leave a Reply