27 March 2025
АрхиваМакедонија

Tуристички прошетки низ туристичките региони во Република Македонија: Мавровско-дебарски туристички регион

оригинално објавено на: 21.03.2013

Мавровско дебарскиот регион, со изобилството од природни и антропогени објекти е неисцрпен за посетителите. Но сепак посетителот кој е во близина или стигнал на овој простор, неизоставно треба да се задржи и прошета во Маврово и околу Мавровското Езеро.

Слика 1. Пролетен пејзаж од Маврови Анови кон Мавровското Езеро и Бистра Планина, вода, шума, воздух, слобода на душата

Еден ден би бил вистинско уживање да се посети платото на планината Бистра со нејзините пространи пасишта, понорот Тони Вода, селото Галичник (Галичка свадба, 12-ти јули, Петровден), традиционалните бачила. Таму пробајте го најквалитетното сирење и кашкавал и напијте се ладна планинска вода.

Ако го напуштате Маврово продолжете по кањонот на Радика, посетете го монументалниот манастир Св. Јован Бигорски, населбите по долината на Радика за да ги запознаете културата и традицијата на луѓето. За похрабрите овде е врвот Кораб 2764 м, највисок во Република Македонија.

Слика 2. Манастирот Св. Ѓорѓи – Рајчица, во близина на Дебар

На пат ќе ве сретне Бањата Косоврасти, манастирот Рајчица, градот Дебар и бањата Бањиште. Понатака следи посебен ден за да се види и доживее заезерената клисура на Црн Дрим со езерата Шпиље и Глобочица, и така полека ќе стигнете кон Охридскиот регион.

Слика 3. Дебарската Акумулација на двете бисерни реки Радика и Црн Дрим

Автор: проф. д-р Благоја Маркоски