Tеренска посета на Бислимска Клисура од студентите на ИЗСГ „Природник“ и ИДСБ
оригинално објавено на: 24.10.2019
На ден 23.10.2019 година, група студенти од Истражувачко здружение на студенти географи (ИЗСГ) „Природник“ и Истражувачко друштво на студенти биолози (ИДСБ) изведоа еднодневна теренска посета на Бислимска Клисура на реката Пчиња. Клисурата се наоѓа на околу 5 km јужно од градот Куманово и иако е долга само 6,5 km, доста е интересна бидејќи е всечена во моќни варовнички карпи. Поради речиси вертикалното всекување на реката Пчиња, страните се доста стрмни, со бројни површински и подземни карстни форми.
По пристигнувањето во селото Пчиња во раните утрински часови, студентите, во стручна придружба на д-р Ивица Милевски од Институтот за географија при ПМФ во Скопје, се упатија кон делот од клисурата наречен Китке. Тука, особено внимание предизвикаа малата пештерата Дуенички пештер (30 m) и еден маркантен карпест прозорец. По краткото разгледување на двете релјефни форми, групата се упати кон изразениот меандер кај месноста Градиште, од чија највисока точка се протега одличен панорамски видик.
Во продолжение, групата ја посети кратката пештера Градишачки пештер (15 m) и се задржа покрај истоимената пропаст во непосредната близина. Следуваше спуштање по страмните карпести страни до речното корито на Пчиња, каде се наоѓа уште една интересна пештера, Студен пештер. Таа претставува вистински подземен лавиринт со десетина канали на неколку нивоа и со вкупна должина од околу 100 метри. Иако е сиромашна со пештерски накит, сепак е доста атрактивна со неколку влезови и излези на различна височина, што предизвика особена љубопитност кај студентите.
Последната, но воедно и главна цел беше посета на Лишков пештер, која според претходните истражувања на д-р Ивица Милевски, располага со значителен пештерски накит. Прва пречка да се посети истата беше неопходното преминување преку студените води на реката Пчиња. Следна пречка, можеби уште поголема, беше непостоење на маркер или патека кон пештерата, така што мораше да се пробива низ густата непроодна вегетација. Сепак, на крај се дојде до влезот на пештерата, а наградата беше прекрасната внатрешност со колорит од разни бои и бројни пештерски украси. Никој не остана рамнодушен од впечатокот на исконската природна убавина, но и на остатоците од некакви камени садови и предмети изработени од страна на човекот во некои дамнешни времиња.
По едночасовната посета на Лишков пештер, следуваше дилемата дали повторно да се минува реката или да се искачи ридот Краста. Некако расположението беше повеќе кон она второто, па преку билото, конечно се дојде до селото Пчиња. Така, по цели 8 часа пешачење на силното сонце, конечно следуваше вистинско освежување во локалната продавница. Одморот се искористи и за сумирање на впечатоците од денот исполнет со многу возбуди, доживувања и безброј фотографии. На крај, во доцните попладневни часови, веќе добро изморени од напорниот ден и по пропешачени десетина километри, групата авантуристи се упати кон Скопје, со желба во некоја следна прилика повторно да се посети овој мошне атрактивен локалитет.
Овде мора да укажеме посебна благодарност до Претседателот на ИЗСГ, Александар Стојаноски кој се потруди организацијата на теренската да биде одлична, а благодарност и до сите учесници кои максимално одговорно и внимателно го реализираа теренот.
Подготвиле: Бојана Алексова, член на ИЗСГ и д-р Ивица Милевски, ИГ-ПМФ, Скопје