Ocean city – дестинација за забава, сезонска работа и студентски живот
оригинално објавено на 25.01.2017
Ocean city е град во државата Maryland во Соединетите американски држави, на источниот брег на Атланскиот Океан, сместен на еден долг и тесен остров, па таква форма има и самиот град. Западниот дел на градот е со повеќе трговски центри, универзитети и гледа кон два големи заливи. Источниот дел пак, се одликува со долга и преубава песочна плажа свртена кон океанот. Инаку, гратчето има само 7000 постојани жители, меѓутоа во шпицот на летната сезона, овде дневно има и над 20 000 туристи.

Животот во Ocean city студентите можат да го искусат преку американската програма – „Work and travel“ која им обезбедува работа, сместување и целосна безбедност во текот на летото. Во таа смисла, моето лично искуство од престојот во овој туристички центар, беше едно од најдобрите во мојот живот. Бев сместена во непосредна близина на агенцијата, која ми помагаше и ги исполнуваше сите договорени обврски. Се работи за 4-месечна работна виза и еден месец за патување низ САД. Особено се препорачува за студентите кои студираат туризам заради туристичката работна сезона, подобрување на комуникацијата со американците и запознавање нови пријатели од различни краеви на светот. Градот кој никогаш не спие во текот на летната сезона го посетуваат преку 600 000 туристи што ја докажува неговата популарност.

За моја среќа, агенцијата преку која го остварив престојот, соработуваше со Хилтон хотели. Како иден туризмолог, посакав да работам четири месеци во хотелот Хилтон и да добијам препорака од тимот за извршената работа. Американските менаџери се различни од Европските, поинаква култура на однесување кон вработените и поинакви работни задачи. Јас работев во одделот за хигиена и таму имаше професионална поделба на работата. Секој вработен ја знаеше својата обврска, но кога имаше потреба од помош, менаџерите беа спремни да помогнат на вработените за работата да биде поефикасна. Работата беше главно во пералната, хигиената на собите, внатрешноста и надворешноста од хотелот. Имавме комуникација со гостите, почитување како вработени и секако, добар бакшиш. Платата ја земав секоја недела во вид на чек, добивав бонуси за добро завршената работа, а менаџерите ни дозволуваа да ја користиме пералната, да купуваме на попуст храна од рестораните, да го посетуваме барот по работното време и да се забавуваме на базените. Хилтон хотелот во Ocean City располага со 12 ката со над 80 соби за сместување, надворешен и внатрешен базен, надворешен бар и внатрешен ресторан, надворешни и внатрешни скали, четири лифтови за гостите и еден лифт за вработените, два тоалети во внатрешниот дел на рецепцијата и два тоалети од надворешна страна покрај базените, огромен капацитет на гаража и четири паркинзи за велосипеди. За чистотата се грижеа над 30 вработени во секторот за хигиена и превземавме тимска акција. На крајот од сезоната, како иден туризмолог ми дозволија да го посетам секторот за рецепција, одвоија време за да ми го покажат концептот на работа. Менаџерите во Хилтон работат со студенти повеќе од 10 години, секогаш ни излегуваа во пресрет, ни помагаа за различни потреби и се однесуваа кон студентите како родители. За крај, од менаџерот на секторот за хигиена добив препорака за Хилтон хотели, а ме воведоа и во нивниот регистер како член. Запознав многу пријатели, а особено значајно е што го подобрив мојот англиски и шпански јазик.

Животот во Ocean city е безбеден, во градот има неколку ноќни клубови. Покрај плажата го има таканаречениот Boardwalk, кој е со должина од 4 km. На самиот Boardwalk има сместувачки капацитети, (каде беше и Хилтон хотелот), продавници за облека, продажба на опрема за сурфање, ресторани итн. Секоја вечер имаше некое интересно случување, бесплатни вкусни оброци, бесплатно кино на плажа, спортски игри на плажа итн. Интересен факт Oceanе што има строги прописи за тоа колку точно треба да биде оддалечен некој објект од плажата и сите се наредени идентично и хармонично по целата должина. Американците ги почитуваат нивните закони, па и ние моравме да ги научиме и почитуваме, без разлика што сме од страна како студенти. Законите се учеа пред да пристигнеме во градот. Крај ноќните клубови секогаш има полиција, а проверката на личната карта беше секојдневна. Младите под 21 година во никој случај не смеат да ги посетуваат ноќните клубови. Неколкупати, одредени студенти добија писмо по пошта за направен прекршок (велосипеди без светла, велосипеди на погрешна страна од улицата, зборување на мобилен телефон додека возат автомобил итн.). Сумата на паричната казна која беше доста висока, мораа под итно да ја исплатат. Американците се заблагодаруваат со парични средства, но и казнуваат со истите. Поголемиот дел од нив работеа две работи, навикнати на таков живот во трка за поголем профит. За Американците не е проблем доколку професор на универзитет, работи вонредно во ноќен клуб. Тие сакаат што повеќе работни часови, бидејќи работата се плаќа од час, а не од ден.
Од ова мое патешествие, научив многу работи за работа во хотел од висока категорија: од секторот хигиена, до рецепција. Целиот тој амбиент, пријатната атмосфера, ми помагаше да заборавам на фактот дека сум далеку од мојата земја и да го почуствувам градот како свое незаборавно искуство. Доколку сте студент и сакате да запознаете незаборавни дестинации, топло го препорачувам Ocean City. Тоа особено за љубителите на американскиот начин на живот, потоа желните за огромни, долги песочни плажи, забавни паркови, луксузни сместувачки капацитети и долгогодишни пријателства низ светот.
Подготвила: Викторија Манчевска, студент на насоката туризам