3 November 2024
АрхиваВселена

NovaSAR-S, нова генерација на сателити наменети за Далечинска детекција

оригинално објавено на: 10.10.2017

Облаците и ноќта се најголемите пречки при собирање на просторни податоци со Далечинска детекција. Новата генерација на сателити ќе го надмине овој проблем. На овие сателити ќе биде инсталиран сензор кој ќе ги користи микробрановите (радарските) зраци, кои без никаков проблем стигнуваат до површината на Земјата, независно од периодот на денот, временските услови и т.н. Финансиите потребни за изградба на ваков тип на сателити не се многу големи, оттаму сателитите се вбројуваат во групата на евтини вселенски програми.

Со проектот раководи Британската вселенска агенција, преку своите тела SSTL (Surrey Satellite Technology Ltd.) и Airbus DS (поранешна EADS Astrium Ltd), а целиот проект е финансиран од страна на Британската влада. На 1. Октомври 2011 година, таа најави инвестиција од 21 милион фунти за развој на NovaSAR-S сателитската мисија. Првиот сателит од оваа серија се очекува да биде лансиран кон крајот на годинава. Изработката на сателитската платформа е во рацете на SSTL, додека за изработката на сензорот е задолжена  Airbus DS.

Слика 1.

Засега единствено Австралија, како држава која издвојува големи финансиски средства за пристап до сателитски снимки, ја има платено котизацијата за користење и пристап до податоците од NovaSAR-S сателитите. Со тоа, Австралија си обезбеди пристап до сателитски снимки кои се речиси во реално време и во релативно висока просторна резолуција Во досегашната практика, Австралиските служби добиваа снимки со дванесет-часовно задоцнување, односно дванаесет часови од нивното снимање. Со лансирање на првиот сателит ова време значитено ќе се намали. Цената која Австралија ја плати за пристап до податоците изнесува околу 10 милиони долари.

NovaSAR-S сателитот го сочинуваат два сензори: S-SAR и AIS сензорите. Ѕ-SAR сензорот (S-band Synthetic Aperture Radar) спаѓа во групата на напредени радарски сензори со кои се добиваат дводимензионални и тродимензионални прикази на теренот и објектите. Ѕ-SAR сензорот е дизајниран да ги оптимизира сите параметри на сателитското снимање на Земјината површина (резолуцијата на снимката, површината која се снима, работниот циклус и сл), при што се добиваат високо-квалитетни снимки со релативно ниска ценa. Сензорот врши снимање во различни бранови должини (бендови), чии снимки наоѓаат широка примена во бројни апликации.

Слика 2.

NovaSAR-S сателитот се наоѓа на 580 километри од површината на Земјата, при што врши снимање во 4 режими. Тие се: Scan SAR, поморскиот режим, Stripmap и Scan SAR (wide) режимот.

ScanSAR се очекува да биде најчесто искористуваниот режим за добивање на сателитски снимки. Поморскиот режим е неконвенционален режим т.е. има ултра-широк режим на снимање, кој пред се е наменет за регистрирање на бродови. Stripmap режимот опфаќа тесен појас на снимање на просторот, со висока резолуција, додека Scan SAR (wide) режимoт е сличен на првиот режим, но има намалена резолуција со цел да има поголем просторен опфат во снимањето.

AIS (Automatic Identification System) сензорот e вториот сензор инсталиран на  NovaSAR-S сателитот. Со паралелно користење на двата сензори многу по прецизно ќе се регистрираат бродовите во ограничени морски области. Тоа обезбедува дополнителни информации и единствени податоци корисни за нивната идентификација  (податоци за: неговата позиција, курс, брзина на движење и сл.).

Оперативната способност на Ѕ-SAR сензорот е голема. NovaSAR-S сателитот претставува најевтината SAR мисија во светот, кој секојдневно обезбедува високо-квалитетно сателитски снимки во површина од минимум 1 милион километри квадратни, кои целоосно се исчистени од облаци во предвидениот временски период на снимање, дизајниран да функционира самостојно или во група од повеќе сателити истовремено, овозможувајќи успешен мониторинг на Земјината површина. Притоа податоците од сателитот имаат примена во следниве аспекти:

  • Мониторинг на области зафатени од поплави;
  • Мониторинг на области погодени од природни катастрофи;
  • Во шумарството;
  • Поморско набљудување (откривање и следење на бродови, откривање на нафтени дамки);
  • Класификација на земјиштето и негово искористување;
  • Набљудување на снежни покривки;
  • Во земјоделството;

Напредокот на технологијата во изработката на подобри, но поевтини сателити, како и бројните претходни сателитски мисии за снимање на Земјината површина, овозможило досегашното искуство да се искористи за нови и подобрени начини за добивање на компактибилни сателитски снимки во реално време, со практично неограничена можност за анализа на истите.

Извор:

www.sstl.co.uk/Missions/NovaSAR-S

www.directory.eoportal.org

www.sstl.co.uk/Downloads/Brochures

Изработиле:

Кристијан Вељаноски

Арсе Кузманоски