MERIT DEM, нов и квалитетен глобален висински модел
оригинално објавено на: 08.10.2017
Во текот на летото, 2017 година беше изработена и пуштена во достапност нова, глобална верзија на 90 метарски дигитален висински модел, наречен MERIT DEM . Истиот е создаден со комбинација на 90 метарскиот SRTM DEM и 30 метарскиот JAXSA DEM, кои се исто така речиси глобални висински модели. Според авторот на новиот дигитален модел, тој е значително поточен и со помалку грешки во однос на претходно наведените дигитални модели од кои што е добиен. Инаку ги покрива планетарните области помеѓу Северниот пол и 60° ј.г.ш, според EGM96. Предноста на MERIT DEM е тоа што е слободен и глобално достапен, опфаќајки ги сите копнени маси, со исклучок на Антартикот. Исто така, извршени се некои процесирања со кои што се тргнати некои грешки, потоа корекција на топографската висина на местата со високи шуми и друго. Дигиталниот модел е подготвен како квадранти кои зафаќаат просторен опфат од 5×5 степени географска должина и географска ширина.
Според тврдењето на авторите, вертикалната точност на моделот по корекцијата на споменатите грешки е зголемена помеѓу 39 и 58 проценти. Исто така, тие тврдат дека значителни подобрувања се направени кај рамничарските терени, каде што речните корита и долинските страни се многу појасно претставени. За да ја согледаме точноста на MERIT DEM , симнат е просторот на моделот кој ја опфаќа територијата на Република Македонија. Целиот квадрант кој ја покрива и територијата на Република Македонија (5×5 степени) зафаќа околу 3 гигабајти, а само делот во границите на Македонија зафаќа 20MB. Нашите анализи покажаа добра висинска точност на моделот, која е околу 20-30% подобра од 90m SRTM. Сепак, што се однесува до големината на наклоните, овој модел е послаб во однос на SRТM моделот. Тоа посебно се однесува за пострмните терени и за пресметаните максимални вредности, кои се за околу 10 % подобри кај SRTM моделот. Деталната анализа покажа дека одредени грешки кои беа присутни кај SRTM моделот се навистина корегирани (Нежиловкси Капри, Лешница, Раткова Скала и други места со карпести отсеци) и се многу пореално прикажани.

Од наведеното, заклучивме дека MERIT DEM може да се користи за различни намени и до некаде е попрецизен од SRTM 90 метарски модел, но послаб во однос на исто така бесплатно достапниот 30 метарски модел. Меѓутоа, неговата најголема предност е за подрачјата над 60° с.г.ш, за кои воопшто нема SRTM модел.
Овој најнов висински модел можете да го преземете овде. http://hydro.iis.u-tokyo.ac.jp/~yamadai/MERIT_DEM/

Поготвила: Моника Андрееска