EGEA – Европска Географска Асоцијација
оригинално објавено на: 23 Nov 2011
Европска Географска асоцијација (EGEA), која претставува географска мрежа на студенти и млади географи од Европа, создадена со цел за размена на знаења од областа на Географија. За да се постигне оваа цел, ентитетите од EGEA организираат повеќе средби: конгреси, размени на студенти, национални викенди, екскурзии и сл. Како дел на оваа размена на знаења спаѓа и научното списание ,,Европски Географ” кое се објавува еднаш годишно. Но секако главната комуникациска платформа на оваа асоцијација е веб-сајтот (www.egea.eu).
ИСТОРИЈА
Создадена е во 1987 година од идеи на студентите од универзитетите од Варшава, Барселона и Утрехт. Подоцна во 1988 година, оваа асоцијација добива и свое стационарно место со седиште во градот Утрехт (Холандија). Од тогаш па наваму EGEA е во се поголем пораст, па така денес брои до 80 ентитети (географски друштва) од 34 европски земји.

АКТИВНОСТИ
Во рамки на EGEA, постојат повеќе видови на активности: локални, национални и меѓународни. Главни настани во текот на годината се конгресите. Други годишни настани се национални викенди и летните кампови. Покрај тоа, ентитетите организираат и свои настани. Исто така се организираат и научни семинари и ескурзии. Но меѓу ентитетите далеку најпопуларни се размените на студенти.
Конгреси
Секоја година во EGEA се организираат пет конгреси. Постојат четири регионални конгреси (Северен, Источен, Евромедитерански и Западен конгрес) кои се одржуваат во пролетните месеци, во организација на еден или повеќе ентитети. Сепак, најважен настан за EGEA е годишниот конгрес, кој се организира во месец септември.
Во програмата на конгреси секогаш има вклучено работа во работилници, ескурзии, обуки и научни предавања. Покрај ова се организираат и состаноци помеѓу ентитетите.
Размена на студенти
Размените на студенти се основни активности во EGEA. Тие им овозможуваат на групите од 2 или 3 EGEA ентитети да посетат некој друг ентитет од друга земја, а со тоа да научат за неговата култура, да истражуваат за нивните традиции, да ги посетат значајните места на таа земја. Што е најважно, преку размните на студенти се запознаваат со нови личности, а и стекнуваат нови пријателства. Размената на студенти се одвива во два дела: дома и на гости кај другиот ентитет. Временски траат максимум една недела – еден дел. По договорот на ентитетите, ентитетот домаќин подготвува програма со која го услужува ентитетот гостин. Во текот на размената, студентите домаќини им обезбедуваат на студентите гости сместување и храна. Подоцна по одреден временски период размената се одвива кај другиот ентитет со истите правилности.
Научен симпозиум
Секоја година во склоп на годишениот конгрес се одржува и научен симпозиум, каде членовите можат да ги презентираат своите научни достигнувања.
Семинари
Годишно се одржуваат и неколку семинари, тие се организирани од страна на неколку ентитети. Семинарите се одржуваат на научно ниво и истите имаат повеќе теми од различни географски дисциплини. Меѓу најмасовните со сигурност е семинарот Балканијада.
Летни и зимски кампови
Во текот на летниот и зимскиот распуст во EGEA, исто така се организираат и кампови.
Викенд активности
Покрај досега наведените активности, како едни од најбројните се и мотивационите викенди. Тие може да имаат национален или меѓународен карактер. Се одликуваат со посебна програма во која се настојува да се посети некој предел, а преку дружење и забава да се научи нешто за тој предел.
СТРУКТУРА
EGEA е поделена на четири административни региони, Северен или Балтички, Источен, Западен и Eвро-медитерански регион. Секој од овие региони има одговорно лице или контакт лице кое се избира секоја година. Покрај регионалното контакт лице има и еден или повеќе асистенти. Во текот на една година во EGEA исто така се формира управен одбор од 6 лица, составен од 4 регионални контакт лица (претседател, потпретседател, благајник и секретар) и плус две лица (директор на секретаријатот и лице одговорно за организирање на годишниот конгрес)
РЕГИОН
Северен Балтички регион
Овој регион ја опфаќа Северна Европа околу Балтичкото Море. Во Балтичкиот регион членуваат 12 ентитети од следниве земји: Данска, Естонија, Финска, Латвија, Литванија, Норвешка.
Источен регион
Источниот регион претставува најголем регион во EGEA. Како дел од овој регион се ентитетите од Полска, Украина, Молдавија, Романија, Бугарија, Унгарија, Словачка, Чешка, Грузија и Русија. Во овој регион членуваат 23 ентитети.
Западен регион
Овој регион претставува најброен регион според бројот на ентитети, членуваат 28 ентитети од следниве земји: Велика Британија, Ирска, Белгија, Холандија, Германија, Швајцарија и Австрија.
Евро-медитерански регио
Овој регион ги содржи сите ентитети чии земји се наоѓаат околу Средоземното Море (Португалија, Шпанија, Франција, Италија, Словенија, Хрватска, Србија, Албанија, Македонија, Грција и Турција). Во него членуваат 20 ентитети, меѓу кои е и Егеа Скопје.
Напишал: Дарко Стојчески