УСПЕШНО РЕАЛИЗИРАНА ТЕРЕНСКА НАСТАВА ЗА СТУДЕНТИТЕ ПО ГЕОГРАФИЈА НА РЕЛАЦИЈА СКОПЈЕ-ЗАГРЕБ-ХАЛШТАТ-ГРАЦ-БЕЛГРАД-СКОПЈЕ
Во периодот од 12-ти до 15-ти мај, Институтот за географија при Природно-математичкиот факултет во Скопје организираше теренска настава за студентите од сите студиски години и програми на Институтот, на релација Скопје – Загреб – Халштат – Грац – Белград – Скопје.
Теренската настава, организациски и научно, беше предводена од колективот на Институтот за географија, во кој беа вклучени – проф. д-р Благоја Маркоски, проф. д-р Олгица Димитровска, проф. д-р Милена Талеска, проф. д-р Свемир Горин, проф. д-р Иван Радевски, ас. м-р Емилија Маневска, ас. м-р Арсе Кузманоски, виш лаборант м-р Анита Тодорова и дипл. гео. Филип Наумовски.
Првиот ден теренската настава се одвиваше на релација Скопје – Загреб. Загреб, главен и најголем град во Хрватска, сместен помеѓу планината Медведница и реката Сава, е познат по спојот на историскиот шарм и модерниот стил. Студентите имаа можност индивидуално да го истражат градот, особено неговото културно наследство, убавите паркови и прометните улици кои Загреб ги нуди.
Вториот ден од теренската настава започна со посета на гратчето Халштат во покраината Горна Австрија, на патот помеѓу Грац и Салцбург. Студентите имаа можност да се запознаат со карактеристиките на алпскиот глацијален релјеф, хидрографијата на Халштатското Езеро и природните убавини и динамичните пејзажи на ова мало гратче.


Попатно на студентите им беа одржани предавања од сферата на заштитата на животната средина и хидрологијата, со цел подобро да ги разберат убавините што ги набљудуваа. По посетата на Халштат, групата продолжи кон Грац, вториот најголем град во Австрија.

Третиот ден од теренската настава започна рано наутро со посета на Одделот за географија и регионална наука при Универзитетот во Грац, каде студентите присуствуваа на предавање од Волфганг Фишер, редовен професор на универзитетот. Професорот Фишер ги запозна студентите со можностите и предностите што ги нуди одделот, а потоа ја водеше групата кон центарот на Грац, за да можат лично да ги истражат убавините и духот на градот. По посетата на градот, групата се упати кон Белград, престолнината на Република Србија.


Последниот ден од теренската настава повторно започна рано наутро, со цел сеопфатно истражување на Белград. Групата се сретна со вишиот истражувачки соработник д-р Ана М. Петровиќ, истражувачкиот соработник д-р Драгана Милијашевиќ Јоксимовиќ од Географскиот институт „Јован Цвијиќ” при Српската академија на науките и уметностите, како и со проф. д-р Иван Новковиќ и ас. м-р Владимир Малиниќ од Географскиот факултет во Белград. Со нивна помош, студентите ги посетија најкарактеристичните локации во Белград, а во меѓувреме се запознаа со хидрографијата на реките Сава и Дунав, како и со урбанизмот и архитектурата на главниот град.



По долгата прошетка низ градот, групата се упати кон Географскиот факултет при Универзитетот во Белград каде им беше одржано предавање од страна на истражувачкиот соработник Драгана Милијашевиќ Јоксимовиќ на тема „Квалитет на површинските води во Србија: состојба, предизвици и современи истражувања”. Групата беше пријатно изненадена од топлото гостопримство, внимателноста и посветеноста на српските домаќини.Исполнетиот ден заврши со последна прошетка низ белградските улици, пред групата да се упати кон дома.

Посебно е важно што на оваа теренска настава студентите од Институтот за географија при Природно-математичкиот факултет во Скопје имаа можност непосредно да се запознаат со карактеристиките на различни релјефни форми, хидрографски објеки и заштитени подрачја, како и со низа елементи од социо-економската географија преку непосредно набљудување на населени места, стопански објекти, природни ресурси, инфраструктура и други значајни локални објекти.
Студентите кон теренската настава пристапија многу посветено, со особено внимание, дисциплинирано и секогаш навремено. Тие беа постојано активни, така што покрај посетата на значајни географски простори и присуствувањето на предавања од професорите, за време на патувањето пополнија два анкетни прашалници. Првиот, во организација на м-р Анита Тодорова, го испитуваше ставот, очекувањата и значењето на теренската настава во процесот на изучување на географијата. Вториот, организиран од страна на м-р Емилија Маневска беше насочен кон проверка на знаењата на студентите за заштитата на животната средина на територијата на Република Австрија.
Теренската настава опфати бројни стручни предавања од сите присутни професори, посветени на природно-географските и социо-економските особености на посетените места. Теренската настава беше оценета како исклучително успешна, не само од професорите, туку и од студентите, кои покажаа висок степен на научна љубопитност и културен однос за време на целото патување.
Подготвил:
Дипл. гео. Филип Наумовски

