28 March 2025
Архива

27 години од гевгелискиот земјотрес!

оригинално објавено на: 21.12.2017

Денес е 27 годишнина од гевгелискиот земјотрес, со измерена магнитуда од 5.5 степени според Рихтер. По тој повод, во натамошниот текст накратко ќе бидат прикажани резултатите од одредените параметри (магнитуда, локација на хипоцентар), почуствуваноста, ефектите на површината на Земјата и оштетувањата врз градбите.

Во утринските часови, на 21.12.1990 година подрачјето помеѓу Гевгелија (Р. Македонија) и Гуменџа (Р. Грција) го зафати висока сеизмичка активност, која се изрази со серија на земјотреси.

Слика 1.

Главниот земјотрес на оваа серија се случи во 07 часот и 57 минути, со географска должина и ширина 40.99°N и 22.39°E, длабочина на неговиот хипоцентар од 15 km, локална магнитуда 5.5 и максимален интензитет VIII степени според Европската Макросеизмичка Скала, EMS-1998. Целата серија беше афтершокова, со траење се до септември 1991 година. Од сите афтершокови се издвојуваат два посилни: на 21.12.1990 во 16h 19min, со магнитуда 4.1 и максимален интензитет V-VI степени според EMS-1998 и на 24.12.1990 година, во 02h 34min, со магнитуда 4.0 и максимален интензитет VI степени според EMS-1998. Овие афтершокови немаат причинето значајни оштетувања на градбите во Гевгелија и околината.

Овој земјотрес беше почувствуван на целата територија на Р. Македонија, а во Гевгелија и околината предизвика голема вознемиреност на граѓаните и значителни оштетувања на постарите градби, како и извесни мали оштетувања на поновите градби во Гевгелија и околината. Главниот земјотрес е осетен ако силно тресење со еден силен настап, со вкупно траење од 5-10 секунди, проследено со бучење.

Слика 2.

При тоа во куќите чкрипеле таваните, ѕидовите и подовите, се отворале и затворале вратите, се треселе прозорските стакла и намештајот, се поместувале делови од намештајот, паѓале предмети од полиците, ѕвецкале чашите и садовите по шкафовите, се нишале сијалиците и другите обесени предмети. Оџаците на повеќе куќи се оштетиле. Кај повеќето објекти, неармираните градби, се појавиле пукнатини со различна големина и длабина, а кај понекои такви градби паднале таваните и некои од преградните ѕидови. Во с. Богданци, во влажната почва во рамницата околу селото настанала пукнатина долга 20 m и широка 1 cm. Во кругот на Негорските минерални бањи, во еден од базените на бањите настанале пукнатини широки неколку милиметри, а топлата вода во старите базени се заматила. Од надворешнат чешма со топла вода истекувало трипати поголемо количество вода отколку пред земјотресот. За време на земјотресот забележана е видна вознемиреност кај домашните животни како и завивање на кучињата.

Слика 3. Оштетување на градби во Одеса, Грција
Извор Vassilios Lekidis, 1990
Слика 4. Епицентрална карта прв ден 21.12.1990 год.

Според податоците со кои располага Сеизмолошката опсерваторија, решението на механизмот на жариштето на гевгелискиот земјотрес, покажува дека високата сеизмичка активност е предизвикана од активноста на Кожувскиот расед, кој што од југоисток го оградува Кожуфскиот планински масив. И целата афтершокова активност за овој земјотрес може да се придружи на овој расед, познат по својата сеизмичка активност од порано.

Слика 5. Епицентрална карта втор ден 22.12.1990 год.
Слика 6. Епицентрална карта прв ден 23.12.1990 год.
Слика 7. Дијаграм на ослободената сумарна сеизмичка енергија во гевгелискиот регион за период од 21.12.1990 г. до 08.09.1991 г.

Ослободената сеизмичка енергија во разгледуваниот регион и период, претставена подолу во дијаграмот, главно се однесува на силните земјотреси, односно тоа се скоковитите промени на дијаграмот.

Автори:

д-р Драгана Черних

м-р Катерина Дрогрешка

м-р Јасмина Најдовска

дипломиран географ – ГИС Арсе Кузманоски

дипломиран географ – ГИС Моника Андрееска