260 години од големиот Лисабонски земјотрес, еден од најразорните во поновата историја!
оригинално објавено на: 26.10.2015
Кога зборуваме за Лисабон, зборуваме за град со пребогата историја каде што секоја градба раскажува своја сопствена приказна. Токму овој град е значаен по најголемата обнова по елементарна непогода на тлото на Европа. Пред точно 260 години, поточно на 1 ноември 1755 година, Лисабон бил погоден од извонредно силен земјотрес, еден од најразорните во поновата човечка историја. Тоа есенско утро, во главниот град на кралството Португалија, било убаво, сончево, раздвижено и ништо не навестувало катастрофа од такви размери. Но точно во 9:40 часот, се појавил страотен татнеж, а веднаш по него, бројните куќи, палати, мостови, цркви, почнале да се рушат како кули од карти. Во земјата се појавиле пукнатини долги стотици метри и широки до 5 метри. Веднаш по земјотресот, избиле силни пожари. Населението сметало дека доколку избегаат на брегот на реката Тежо, водата ќе ги спаси од ужасните пожари кои се ширеле низ градот. Но, се случило спротивното. Луѓето зачудено гледале како реката нагло се повлекува, за само неколку минути подоцна да видат страотен призор: разурнувачки воден бран – цунами висок како осумкатница (20 метри), кој се приближувал со неверојатна брзина. Најголем дел од оние што немо го набљудувале цунамито, засекогаш биле однесени од водата. Огромното цунами го потопило градот. Тоа го уништило и она малку што не било разурнато со земјотресот и пожарите. Цунамито било толку големо и силно, што стигнало дури до спротивниот брег на Атлантикот: до Карибите и Америка, каде што исто така предизвикало голема штета. Лисабонскиот земјотрес се почувствувал низ цела Европа и Северна Африка. Геолозите сметаат дека јачината на земјотресот била помеѓу 8,5 и 9° по Рихтеровата скала, со епицентар во Атлантскиот океан, околу 200 метри оддалечен од островот Св. Винсент. За споредба, катастрофалниот Скопски земјотрес од 1963 година имал „само“ 6,1 степени по Рихтер или бил неколку стотици пати послаб од Лисабонскиот.
По земјотресот и цунамито, 75% од градбите во Лисабон биле целосно уништени. Лисабон бил принуден повторно да се изгради, обрнувајќи посебно внимание на стабилноста на градбите од сеизмолошки аспект. Кралското семејство ја преживеало катаклизмата. По барање на принцезата, тој ден биле на излет надвор од градот. После земјотресот, кралот и кралицата не сакале да живеат во затворен простор. Затоа во предградието на градот, каде земјотресот бил најмалку почувствуван, им била изградена раскошна кралска барака каде го поминале остатокот од нивниот живот. Претседателот на владата, Маркизот од Помбала, исто така преживеал. Кога граѓаните го прашале што да прават после катастрофата, тој им одговорил: „Закопајте ги мртвите и лекувајте ги живите“. Наредил да се отстранат илјадниците трупови пред да се прошират разни болести. Спротивно од обичаите и волјата на Црквата, многу мртви тела биле погребани во морето, околу устието на реката Тежо.
Кралот и Премиерот вложиле огромни напори за обнова на градот. На 4 декември 1755 година, инжинерот Мануел де Маиа изнел пет предлози за обнова на градот. Кралот и Премиерот се одлучиле за целосно разурнување на најпогодениот дел од градот и изградба на нова ортогонална улична мрежа како и изградба на големи плоштади и широки булевари. Обновата на градот се одвивала во правец на нови типови на градби, поотпорни на земјотреси. Се развил т.н. „Помбалински кафез“ во чест на Премиерот. Станува збор за таква дрвена конструкција на рамката, при што вертикалните и хоризонталните елементи се поставуваат на еднаквo растојание за така формираните квадрати да бидат зацврстени со дијагонални греди во форма на буквата X. Овие конструкции биле „тестирани“ од страна на војската, кога на војниците им било наредено да маршираат околу моделите. Оттука, се смета дека „Помбалинските згради“ се едни од најраните примери на објекти со поголема издржливост при земјотреси. Улогата на Премиерот, Маркизот од Помбала, кој ја добил оваа титула 15 години по земјотресот, се смета за клучна во процесот на обновата и реконструкцијата на градот и во негова чест е изграден споменик во срцето на градот.
Со повеќе од 40 илјади жртви или 1/5 од вкупниот број на население, Големиот Лисабонски земјотрес имал силно влијание врз порастот на политичките тензии во Португалија, кои ги разнишаа колонијалните амбиции на земјите во XVIII век.
Лисабонскиот земјотрес бил една од најголемите природни катастрофи кои го зафатиле светот. Парадоксално, неговата важност е во тоа што ги поставил основите на сеизмологијата како неизбежен дел при секоја изградба на објекти се до денешен ден.
Извори:
www.illyria.proboards.com/thread/300/lisabon-1755-zemljotres-promenio-portugal
www.b92.net/putovanja/destinacije/evropa.php?&nav_id=464590
www.en.wikipedia.org/wiki/1755_Lisbon_earthquake
Подготвила:
Ангела Горјанов, студент на насоката ГИС на Институтот за географија,
Стручна корекција:
д-р Ивица Милевски