1816 – годината без лето!
оригинално објавено на: 21.05.2020
Вулканите од секогаш сме ги гледале со стравопочит. Пример за тоа е најголемата регистрирана ерупција на вулканот Тамборa, лоциран на островот Сумбава, кој е дел од Малите Сундски Острови во Малајскиот Архипелаг, Индонезија.
Вулканот Тамборa еруптирал на 10 април 1815 год. и во текот на својата активност бил исфрлен вулкански материјал во количество од над 150 km3, поради што, вулканската купа, која била висока 4300 m, се намалила на 2850 m. Ерупцијата била толку силна што се слушнала до островот Суматра (оддалечен 2600 km), вжештени облаци од чад и пепел се кренале на височина од 43 km, а од ерупцијата загинале над 70.000 луѓе. Ерупцијата исфрлила огромни количества на пепел и сулфур диоксид во стратосферата, кој оксидирал и создал сулфурни аеросоли. Кружењето на правот и гасовите низ целата планета, една година по ерупцијата, ја намалиле сончевата радијација и затоплувањето на Земјата, што предизвикало глобални климатски промени на Северната хемисфера, поради што 1816 год. е позната како „година без лето“!
Регионот на Нова Англија во североисточните делови на САД бил зафатен со голем број на мразни денови во текот на летниот период во 1816 год. Во јули и август, реките и езерата во Пенсилванија и Њу Хемшир биле замрзнати. На 7 и 8 јули заврнале 45 cm на снег. Во одредени простори, на 4 јули почвата била сеуште замрзната и земјоделците не биле во можност да ги посадат земјоделските култури, а оние кои успеале, се соочиле со неуспех и сите култури изумреле поради мразните денови кои во континуитет се повторувале. Една од аномалиите која била креирана од самата ерупција било постојаното присуство на „сува магла“. Населението од источните делови на САД забележале дека маглата била невообичаена, бидејќи ниту ветрот и дождот не можеле да ја исчистат. Оваа магла била постојана и го обоила небото жолтеникаво-црвенкасто. Таа создала еден вид на филтер и им овозможила на луѓето да ги видат сончевите дамки без употреба на телескоп. Денес, научниците знаат дека ова бил класичен пример на превез од сулфурни аеросоли во стратосферата.
Во Европа, во август, се јавиле поројни дождови и поплави (особено на реката Рајна), а во Северна Европа температурите паднале под нула и реките замрзнале. Во зима, истата година, во Унгарија и Италија биле забележани врнежи од сив и црвен снег. Кај германците 1817 год. била позната како година на „просјакот“, бидејќи населението гладувало поради слабиот род во претходната година. Во Швајцарија, во текот на летата 1816 и 1817 год. било толку многу ладно, поради што се формирала мразна брана под глечерот Гиетро. И покрај напорите на инжињерите да ја испуштат водата која се насобрала позади браната, мразната брана колабрирала во јуни 1818 год. и во катастрофалните поплави умреле 40 луѓе. Во Кина, на островот Тајван, кој е тропски остров, биле забележани врнежи од снег. Сезоната на монсуните била пореметена, што резултирало со големи поплави по долината на реката Јангценкјанг, а во Индија поради исклучителните поројни дождови било забрзано ширењето на колерата во регионите на Ганг и Бенгал.
Најновите истражувања на научници од Универзитетот во Единбург, под водство на д-р Андреј Шурер, ги потврдуваат пишаните документи од почетокот на 18 век, дека ерупцијата на вулканот Тамбора, која била една од најексплозивните ерупциии во последниот милениум е сигурен причинител за пореметувањата на климата во Европа. Според д-р Шурер „Вклучувањето на вулканските ерупции во климатските модели може да придонесе за ладење, а ние проценуваме дека до 100 пати ја зголемува веројатноста за екстремно ниски температури“. Годината без лето била ужасна година за човештвото, а оваа ерупција сведочи за моќта на вулканите и нивното влијание врз глобалната клима на Земјата.
Набљудувани аномалии на климата на Централна Европа, во годината без лето, во споредба со годините пред и после ерупцијата (период 1781-2000 год.) (2019, Andrew Schurer et al.).
Покрај влијанието на уметноста, годината без лето оставила траги и во литературата. Писателката Мери Шели, нејзиниот сопруг Перди Шели, како и нивниот пријател Лорд Бајрон, биле на одмот во Женева во 1816 год., но постојаното студено време и дожд ги натерале да останат во хотелот. За да им помине времето, Мери им предложила сите тројца да напишат готска приказна и да си ја споделат меѓусебно. Климатските услови во таа година ја инспирирале да ја напише славната книга за Франкештајн.
Користена литература:
historydaily.org/eighteen-hundred-and-froze-to-death-the-year-without-summer
ioppublishing.org/news/new-study-investigates-the-important-role-of-tambora-eruption-in-the-1816-year-without-a-summer/
en.wikipedia.org/wiki/Mount_Tambora
www.wired.com/2015/04/tambora-1815-just-big-eruption/
www.kqed.org/science/29080/the-great-1815-tambora-eruption-what-if-this-volcano-blew-today
www.nationalgeographic.com/news/2016/04/160408-tambora-eruption-volcano-anniversary-indonesia-science/
volcano.oregonstate.edu/tambora-0
en.wikipedia.org/wiki/Year_Without_a_Summer
Автор: м-р Мите Ристов, професор по географија во СОУ „Јосип Броз-Тито“ Битола