22 January 2025
АрхиваСвет

10-те најголеми телескопи во Светот

оригинално објавено на: 30.12.2015

Кога сакате да го видите небото, големината на телескопот е навистина важна. Колку повеќе светлина еден телескоп може да собере, толку повеќе информации можат да се добијат за ѕвездите, галаксиите, квазарите или што било друго за кое што сме заинтересирани да го погледнеме. Токму сега, имаме една невидена вселенска трка што се случува во светот, но една поинаква отколку во минатото. Овој пат, тоа е трка за изградба на најголемиот телескоп во светот.

Од најголемите телескопи во светот, издвоивме 10 телескопи од кои пет се веќе изградени, а пет сѐ уште се градат.

Завршени телескопи (во функција)

АЛМА – Atacama Large Millimeter / Submillimeter Array

Овој радио-телескоп е составен од 66 сферни антени со пречник од 12 метри и 7 метри. Се наоѓа во пустината Атакама во северниот дел на Чиле, на височина од 5000 м. Благодарение на пустината и височината, таму има сосема малку водени испарувања во воздухот, што претставува одличен услов за овој телескоп. Водата во воздухот и смета на светлината од ѕвездите, со што се отежнува набљудувањето. Овој телескоп чини дури 1,5 милијарди долари, со што е најскапиот земски телескоп.

Слика 1.

ГТЦ – Gran Telescopio Canarias

Телескопот се наоѓа на островот Ла Палама на Канарските острови во Шпанија, изграден во 2008 година. За целосна изградба им биле потребни седум години и чинел 130 милиони евра. Засега, тој е најголемиот оптички телескоп на светот, се додека Магелановиот Џиновски телескоп и Европскиот екстремно голем телескоп не бидат во употреба.

Слика 2.

ХЕТ – Hobby-Eberly Telescope

HET телескопот е со пречник од 9.2 метри и се наоѓа во опсерваторијата McDonald, на Дејвис Планините, во Западен Тексас. Изграден е во 1997 година. Тоа е еден од најголемите оптички телескопи во светот и комбинира голем број на карактеристики со кои се разликува од повеќето дизајнирани телескопи. Астрономите го користеле овој телескоп за мерење на масата на извонредно голема црна дупка.

Кек 1 и Кек 2 – Keck Observatory Telescopes

Астрономската опсерваторија на W.M Keck се состои од два-телескопи на надморска височина од 4145 метри во близина на врвот на Мауна Кеа во американската држава Хаваи. Двата телескопи имаат примарни огледала со пречник од 10 м, така што во моментов тоа е еден од најголемите астрономски телескопи во употреба.

Слика 3.

ЛБТ – Large Binocular Telescope

LBT е оптички телескоп кој е изграден во 2004 година и се наоѓа на планината Греам во југоисточна Аризона, на 3.300 м надморска височина. Претставува дел од Меѓународната опсерваторија на планината Греам. Моментално LBT е еден од најнапредните оптички телескопи во светот со двe широки огледала од 8.4 метри.

Телескопи кои се во градба

ГМТ – Giant Magellan Telescope

Магелановиот џиновски телескоп се гради во опсерваторијата Лас Кампанас во Чиле. Тој ќе биде најголемиот телескоп на Земјата, а би требало да се заврши до 2025 година. Магелановиот џиновски телескоп е оптички телескоп за истражување на најдалечните и најдлабоки делови на Вселената. Телескопот ќе има примарно огледало широко 25 метри и седум одделни сегменти со пречник од 8,4 метри, а ќе дава извонредно детална и остра слика. Неговата изградба ќе чини една милијарда долари.

Large Synoptic Survey Telescope

Овој телескоп започнал да се гради во 2014 година, а се очекува да се заврши во 2019 година. Се наоѓа во Ел Peњон во Чиле. Телескопот е со примарно огледало од 8,4 метри, а се очекува камерата да прави над 200.000 слики годишно.

ЕЕЛТ – European Extremely Large Telescope

Овој телескоп се наоѓа во Серо Армазонес во Чиле, во близина на опсерваторијата Паранал. Со изградба се започна во 2014 година, а би требало да биде завршен до 2024 година. Кога ќе биде завршен, ќе има пречник од фантастични 39 метри и ќе биде најголемиот телескоп воопшто направен. Се очекува да им овозможи на астрономите да ги набљудуваат најраните фази на формирањето на планетарните системи и да детектираат вода и органски молекули на други небесни тела.

Слика 4.

500-метарски сферен телескоп – Five hundred meter Aperture Spherical Telescope (FAST)

Овој телескоп се наоѓа во Кина и е со дијаметар од 500 метри. Почна да се гради во јули 2011 година, а се очекува да биде изграден следната 2016 година. Ќе чини 120 милиони долари. Со оглед на тоа што ќе биде најголемиот сферен радио-телескоп, ќе биде и најефикасен во регистрирањето на сигнали од вселената, кои би можеле да се поврзани со надворешниот интелигентен свет. Досега најголемиот сличен телескоп кој сеуште е во употреба е Аресибо во Порторико и има антена со дијаметар од 300 метри.

30-метарски телескоп – Thirty Meter Telescope (TMT)

Изградбата на овој телескоп е одложена поради протести на населението да не се гради на планината Мауна Кеа на Хаваите. Таа за населението е најсветата планина во Хавајската култура. На 16-ти декември 2015 корпорацијата TMT започна со отстранување на целата градежна опрема и возила од Мауна Кеа. Со овој телескоп, научниците ќе можеа да ги набљудуваат планетите кои кружат околу ѕвездите. Но изградбата на овој телескоп на таа територија се откажа.

Слика 5.

Како што се гледа, најголемите телескопи се изградени или се градат во Чиле. Тоа е заради малата облачност во годината, чистата атмосфера, ненаселеноста, добриот пристап, големата височина и сл. Изградбата на сите овие телескопи чини многу, поточно, само наведените 9 чинат околу 5 милијарди долари или двојно повеќе од целиот годишен буџет на Република Македонија. Сепак, со нивна помош во иднина се очекува дека ќе се дојде до големи откритија. Сигурно ќе се откријат многу нови екстрасоларни планети, планети слични на Земјата и такви на кои има вода, па и услови за живот. Можеби ќе дочекаме големо изненадување, како што е откривање на жив свет.

Извори:

www.space.com

www.weather.com

Подготвила:

Ивона Грашкоска студент на Институт за географија, насока ГИС

Корекција: д-р Ивица Милевски