4 November 2024
АрхиваМакедонија

10 години од серијата земјотреси во Валандовското епицентрално подрачје

оригинално објавено на: 05.03.2019

Сеизмичката активност на епицентралното подрачје Валандово се карактеризира со честа појава на земјотреси чии магнитуди се помали од 4.0. Умерено силните земјотреси, изолирано или со серии на придружни послаби земјотреси, се набљудуваат главно во периоди од по неколку децении. Силните земјотреси со магнитуди поголеми или еднакви на 6.0 се ретки. Времето на случување на првиот познат силен земјотрес, кој предизвикал уривања на античкиот град во близина на денешното с. Марвинци кај Валандово, во најновите сеизмолошки истражувања, условно е земено околу почетокот на III век п.н.е., согласно археолошките наоди за уривање на споменатиот антички град на наведената локација во тоа време. Други два силни земјотреси се случиле во 1931 г., од долгата серија на земјотреси. Првиот претходник на главниот земјотрес на серијата се случил на 7.3.1931 година, со магнитуда 6.0 и епицентрален интензитет VIII според EMS-1998 (Европската Макросеизмичка Скала), а главниот земјотрес од серијата се случил наредниот ден, на 8.3.1931 година, со магнитуда 6.6 и епицентрален интензитет X по EMS-1998.

Во периодот од 23.5.2009 до 30.6.2009 година, на телеметриската мрежа на сеизмолошките станици на територијата на Република Македонија, но и на најблиските станици од соседните земји, беа регистрирани околу 2000 земјотреси со епицентри во подрачјето помеѓу Валандово и Дојран, од кои на 1658 земјотреси се одредени инструменталните локации и магнитуди во интервал од 0 до 5.1. Поголемиот дел од овие земјотреси предизвикале голема вознемиреност на населнието.

Сл. 1 ЕПИЦЕНТРАЛНА КАРТА НА ЗЕМЈОТРЕСИТЕ НА ВАЛАНДОВСКОТО ЕПИЦЕНТРАЛНО ПОДРАЧЈЕ ВО ПЕРИОДОТ МАЈ – ЈУНИ 2009 Г.
1 – Валандовски расед; 2 – Дреновски расед, 3 и 4 – Гевгелиски раседи, 5 – Плавушки расед, 6 – Струмички расед, 7 – јужен Беласички расед, 8 – Рабровски расед

На 23.5.2009 година, започнува серијата земјотреси која се карактеризира со дваесетина послаби земјотреси. Веќе следниот ден (24.05), бројот на земјотреси бележи пораст, при што некои од земјотресите се почувствувани од населението. Истиот ден, во 16h 17min, 16h 23min и 19h 37min се случија трите најсилни земјотреси во серијата, со магнитуди 5.1, 4.0 и 4.2, од кои првиот со интензитет од VII степени по EMS-1998, а другите два со интензитети од VI степени EMS-1998. По овие земјотреси следеше серија на земјотреси чиј број се повеќе се зголемуваше. Макросеизмичките ефекти на најсилниот земјотрес на серијата се забележани во селата Башибос (општина Валандово) и Ѓопчели (општина Дојран), но и во други места од општините Валандово и Дојран. Со послаби ефекти, земјотресот е осетен и во поголемиот дел на територијата на Република Македонија.

Најголемиот дел од дистрибуцијата на епицентрите на серијата на земјотреси во периодот мај-јуни 2009 година го опфаќа речиси целиот југоисточен дел на Валандовското епицентрално подрачје. Според истражувањата на Сеизмолошката опсерваторија најголемиот дел од епицентрите на земјотресите се последица на активноста на Валандовскиот расед. Од спроведената анализа следува и заклучокот дека серијата е иницирана со наглото тонење (спуштање) на јужното крило на источниот дел на Валандовскиот расед која изразува уште поголема диференцијација на издигањата на Фуркиниот планински блок, од едната страна, и Плавушкиот и Беласичкиот планински блок, од друга страна.

Сл. 2

Иако исклучителна по својата појава, анализираната серија земјотреси не дава показатели според коишто таа би требало да се смета за предвесник на некој многу силен земјотрес во Валандовското епицентрално подрачје. Според картите на максимално очекуваните интензитети периодите на повторување за земјотреси чии магнитуди поголеми и еднакви 6.0 се од околу 500 години. Во прилог на ова е и фактот што од појавата на последниот многу силен земјотрес во ова подрачје, кога се ослободила голема енергија од акумулираните тектонски напрегања, има поминато само 88 години. Така, барем засега, последнава серија би требало да се толкува како извесна локална промена во досегашниот сеизмички режим во ова подрачје.

Извори на податоци:

Љ. Јордановски, Л. Пекевски, В. Чејковска, Д. Черних, Б. Христовски, Н. Василевски, Основни карактеристики на сеизмичноста на територијата на Република Македонија Универзитет ″Св. Кирил и Методиј″, Природно-Математички факултет, Сеизмолошка опсерваторија, Извештај бр. 1998-01, Скопје, 1998.

M. Арсовски, Тектоника на Македонија, Рударско-Геолошки факултет, Штип, 1996.

SORM – Сеизмолошка опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, Каталози на земјотресите во Република Македонија и пограничните подрачја за годините 1991–2012, Фонд на Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет Скопје.

Д., Хаџиевски, Каталог на земјотресите во Македонија пред 1900 година, Скопје, Универзитетот „Кирил и Методиј“, Сеизмолошка опсерваторија, 1976

Автори: д-р Катерина Дрогрешка; д-р Јасмина Најдовска; д-р Драгана Черних-Анастасовска