2 April 2026
FEATUREDLatestАктивностиМакедонија

Успешно реализиран државниот натпревар по географија за средните училишта

Македонското географско друштво успешно го организираше и реализираше овогодинешниот државен натпревар по географија за учениците од средните училишта. Натпреварот се одржа во четврток, на 26 март 2026 година, со почеток од 10 часот, во просториите на Природно-математичкиот факултет во Скопје, при што учество зедоа вкупно 111 натпреварувачи од 23 општини низ државата.

Натпреварот беше реализиран со поддршка на Институтот за географија и Природно-математичкиот факултет во Скопје, а учениците се натпреваруваа во повеќе категории, согласно годината на образование и типот на училиште. И оваа година, учесниците покажаа високо ниво на знаење, сериозна подготвеност и зрел пристап кон географијата како научна дисциплина.

Слика бр. 1: ДРЖАВЕН НАТПРЕВАР ПО ГЕОГРАФИЈА

Во категоријата „Прва година гимназиско образование“, првото место го освои Стефанија Димовска од СОУ Гимназија „Јосип Броз Тито“ – Битола, под менторство на м-р Мите Ристов. Второто место го освои Благица Петрова од СОУ Гимназија „Добри Даскалов“ – Кавадарци, под менторство на Валентина Димитрова, додека третото место му припадна на Никола Здравески од СОУ Гимназија „Мирче Ацев“ – Прилеп, под менторство на Александра Ристевска.

Во категоријата „Втора година гимназиско образование“, првото место го освои Александар Бансколиев од СУГС Гимназија „Раде Јовчески Коргачин“, под менторство на Цвета Ѓорѓиевска. Второто место го освои Трајче Шатков од СОУ Гимназија „Добри Даскалов“ – Кавадарци, под менторство на Валентина Димитрова, а третото место го освои Лукијан Лазаров од СУГС Гимназија „Раде Јовчески Коргачин“, исто така под менторство на Цвета Ѓорѓиевска.

Во категоријата „Трета година гимназиско образование“, првото место го освои Андреј Радојковски од СОУ „Наум Наумовски Борче“ – Пробиштип, под менторство на Драгана Тодоровска. Второто место го освои Марија Јанковска од СОУ „Методија Митевски Брицо“ – Делчево, под менторство на Анета Николова, додека третото место го освои Ана Станојковска од СОУ „Наум Наумовски Борче“ – Пробиштип, исто така под менторство на Драгана Тодоровска.

Во категоријата на средни стручни училишта, првото место го освои Мелиса Мемет од СУГС „Шаип Јусуф“ од општина Шуто Оризари, под менторство на Музафера Кофрц. Второто место го освои Јован Краљевски од СУГС „Лазар Танев“ од општина Карпош, под менторство на Сашо Антониев, а третото место го освои Божица Ивановска од СОУ „Ѓорче Петров“ од општина Крива Паланка, под менторство на Гордан Стојановски.

Македонското географско друштво упатува благодарност до проф. д-р Благоја Маркоски, раководител на Институтот за географија, и проф. д-р Даворин Трпески, декан на Природно-математичкиот факултет, за севкупната институционална, просторна, кадровска и логистичка поддршка во реализацијата на натпреварот.

За успешната реализација на натпреварот, благодарност упатуваме и до колешките и колегите од Институтот за географија кои активно учествуваа во организацијата: м-р Анита Тодорова, како функционален организатор на натпреварот, проф. д-р Марија Љакоска, претседател на Комисијата за спроведување на натпреварите, проф. д-р Христина Димеска Трајкова, доц. д-р Владимир Златаноски, ас. м-р Емилија Маневска, ас. м-р Арсе Кузманоски и стручниот соработник Филип Наумовски. Дополнителна поддршка обезбедија и ЕКТС координаторот Љубица Волчева Маркоска, како и советникот од Бирото за развој на образованието, м-р Ирена Никовска Ајановска, која беше дел од комисијата за организација на натпреварот.

Значаен придонес во организацијата дадоа и студентите од Институтот за географија: Теодора Петрушевска, Бехра Ибраимовска, Магдалена Овезоска, Ивана Маслова, Наталија Секулоска, Ангела Атанасова, Бојан Костадинов, Стефан Ристовски и Леонид Ковалевски.

Државните натпревари по географија претставуваат највисоко ниво на натпреварување за средношколците, но и важат како значаен показател за развојот на географското образование во државата.

Упатуваме честитки до сите натпреварувачи и нивните ментори за постигнатите резултати.

д-р Горан Китевски

Претседател на Македонско Географско Друштво

Leave a Reply