Што се PM честички и зошто Скопјани дишат загаден воздух во зима?
Аерозагадувањето во нашата држава е повеќедецениски комплексен проблем за чие решавање е потребен темелен пристап. Истражувањата на Светската Банка и Обединетите Нации покажуваат драстични резултати со бројни последици кои се пропратени со намален животен век, предвремена смртност и голем социјален и економски расход за граѓаните на Р.С.Македонија поради загадениот воздух. Во зимскиот период, бројни светски медиуми и релевантни институции го сместуваат градот Скопје во топ листите од рубриката на најзагадени градови во светот.
Суспендираните честички (PM10 и PM2.5) се цврсти или течни честички суспендирани во воздухот кои имаат многу мали димензии. Тие се комбинација од разни органски и неоргански материи и содржат сулфати, нитрати, амонијак, некои кристали, морска сол, метални оксиди, водородни јони и вода. Разликата меѓу PM10 и PM2.5 е во нивната големина. Имено PM10 честичките се оние честички кои имаат дијаметар до 10 микрометри или помал, додека PM2.5 честичките имаат дијаметар од 2.5 микрометри или помал.
Има два типа на извори на овие честички и тоа: антропогени извори на честичките од процесите како што се: горење на биомаси, индустриски процеси, земјоделски активности, согорување на тврдите отпадоци, пожари и др. како и природни извори што го загадуваат воздухот, во кои спаѓаат ситните космички честици кои навлегуваат во земјината атмосфера, потоа правот од земјино потекло, чадот, гасовите други материјали што се создаваат од вулканските ерупции како и прашината од сувите и пустинските области.
Суспендираните честички покрај тоа што се штетни за животната средина тие исто така влијаат негативно врз здравјето на луѓето. Краткотрајното изложување на суспендираните честички може да резултира со алергиски иритации, влошување на веќе постоечки срцеви или белодробни заболувања, а долгогодишното изложување на цврстите честички предизвикува намалена функција на белите дробови, срцеви болести, влошување на хронични болести и намалување на животниот век на луѓето.
Аерозагадувањето во градот Скопје е последица на повеќе фактори. Досегашните податоци во кои се анализирани десетгодишните просечни месечни и годишни концентрации на овие загадувачки супстанци (од мониторинг станиците на Министерството за животна средина и просторно планирање на територија на град Скопје) говорат дека најголемо загадување со PM честичките има во зимските месеци, односно, пречекорување на дозволените вредности на овие честички во воздухот има во периодот од месец октомври кога почнува грејната сезона, со намалување кон крајот на февруари кога просечната температура во градот Скопје постепено се зголемува, а со тоа се намалува и греењето во домаќинствата. Споредбено со мерните станици на територијата на градот Скопје, највисоки концентрации на PM10 во воздухот биле измерени на мониторинг станицата во населбата Лисиче. Извештаите на Министерството за животна средина и просторно планирање како и одредени студии покажуваат дека најголем придонес во однос на концентрациите на суспендираните честички во воздухот имаат домашните ложишта, односно, од вкупните емисии на PM честички највисок процент се од загревањето.
Дополнително, климатските карактеристики имаат големо влијание врз загадувањето на воздухот и истите се пропратени поради регионалните карактеристики на просторот и се карактеризираат со сезонска динамика на нивното појавување. Меѓу климатските карактеристики, најголемо влијание врз квалитетот на воздухот имаат ветровите и температурата на воздухот.
Покрај населбата Лисиче, централното градско подрачје денес е исто така најзагрозено, што е резултат на густата населеност, зголемената урбанизација дополнително резултира со отежнато природно проветрување на воздухот поради близината на висококатниците изградени во тесен простор кои што оневозможуваат природно прочистување на воздухот преку ветрот, намалувањето на зелени површини, интензивниот сообраќај, близината на големите ложишта (топлани) и индустриските објекти во градот. Во одредени локалитети на градот, климатско-метеоролошките и топографските карактеристики, како и неповолната локација на загадувачите го зголемуваат приземното аерозагадување во услови на зимски смог. Покрај наведените фактори за присуството на PM10 и PM2.5 честичките во загадувањето на воздухот, транспортот исто така учествува во загадувањето на воздухот во градот Скопје, меѓутоа нема голем придонес кон концентрациите на PM честичките во воздухот.
Со оглед на последиците од долготрајната изложеност на овие честички, соочувањето со овој предизвик за Скопјани треба да биде едно од приоритетните прашања за решавање. Покрај посветеноста на науката, мерките од надлежните институции и здруженијата за решавање на овој предизвик за животната средина во градот потребно е и население со високо развиена свест кое ќе ја заштитува животната средина во која живее. Аерозагадувањето во зимскиот период треба да ги потсети сите жители на градот за важноста на одговорноста и грижата за животната средина и сите нејзини компоненти. Секој од нас има обврска да ја заштитува околината и да биде одговорен, не само за своето здравје, туку и за здравјето на своите сограѓани.
Извори:
- Manevska E., Dimitrovska O., Radevski I. (2021): Analysis of the concentrations of PM10 and PM2.5 particles in the air in the city of Skopje and their impact on its quality. Geographical Reviews, 53, Skopje.
- Селмани А., Димитровска О. (2005): Аерозагадувањето во градските средини во Република Македонија и мерки за заштита, Зборник на трудови од III Конгрес на географите на РМ, стр.86- 96, Скопје
- Министерство за животна средина и просторно планирање (2023): Годишен извештај од обработени податоци за квалитетот на животната средина, Скопје.
- УНДП, Град Скопје, Министерство за животна средина и просторно планирање на РСМ (2017): Резиме на резултатите од истражувањето на начините на греење на домаќинствата како најголем загадувач на воздухот во Скопската котлина, и Патоказот за намалување на загадувањето од греењето.
- World Bank (2019): AIR POLLUTION MANAGEMENT IN NORTH MACEDONIA (http://documents1.worldbank.org/curated/en/116521576516981237/pdf/Air-Quality-Management-inNorth-Macedonia.pdf)
- World Health Organization (2013): Health effects of particulate matter Policy implications for countries in eastern Europe, Caucasus and central Asia (https://www.euro.who.int/__data/assets/pdf_file/0006/189051/Health-effects-of-particulate-matterfinal-Eng.pdf)
- https://ww2.arb.ca.gov/resources/inhalable-particulate-matter-and-health
- https://balkaninsight.com/2023/10/27/map-turns-spotlight-onto-north-macedonias-urban-polluters/
Подготвил: М-р Емилија Маневска