Што се тоа микро држави?
оригинално објавено на: 3.2.2016
Постојат мноштво дефиниции за поимот држава. Една од најприфатените е дефиницијата на Макс Вебер, кој вели дека држава претставува институција која држи монопол над една територија на концептот на употреба на сила.
Државата е составена од неколку основни конститутивни елементи, како територија, население, власт и име.
Територијата е неопходен елемент на државата. Тоа е четвородимензионален континуум (има три просторни и една временска димензија) кои се состојат од материјални елементи – земја, вода и воздух. На површината на земјата воглавно е јасно дефинирана со граници, а и припаѓа и воздушниот простор над копното и водата
Населението е друг конститутивен елемент на дрќавата, како природна претпоставка. Припадноста на населението на една држава се определува со државјанство како правна врска меѓу населението и државата.
Трет конститутивен елемент на државата претставува државната власт. Власта е однос меѓу субјектот држава кој наредува и другите субјекти кои извршуваат доброволно или под сила на принуда. Државата својата власт ја реализира преку правниот поредок кого го спроведуават државните органи.
Четврт основен конститутивен дел е името на државата, елемент со кој државата се легитимира во остварувањето на своите права и интереси. Основните критериуми се дефинирани со спогодбата во Монтевидео (1933 година), каде што, покрај основните постулати, во декларативната теорија како критериум е поставен и капацитетот и можностите на една држава да основа релации со друга држава. Со исполнување на зададените природни и администативни критериуми една држава добива суверенитет, односно комплетно право на едно административно-политичко тело да раководи со територијата, без надворешни влијанија.
Државите можат да се поделат по многу критериуми: форма, територијална зафатнина, положба, систем на управување, број на жители и слично. Но, како прв географски пристап кон категоризирањето на државите се зема нивната големина на територијата. Така, знаеме кои се најголеми а кои се најмали држави во светот. Кои се џиновски, а кои џуџести држави. И тука, постојат неверојатни екстреми. На пример, најмалата држава по територија во светот е Ватикан со 0,44 km кв., a од друга страна ја имаме Руската Федерација со 17 милиони km кв.
Но, модерното време бележи и појава на држави кои не можат да се класифицираат ни како “џуџести“. Истите, можат да се заведат само како микро држави. Има и такви кои се големи колку фудбалско игралиште, или пак, колку еден двособен стан.
Микродржавите денес претставуваат ентитети кои го потврдуваат своето постоење и своето право на управување, но немаат ниту приближна врска со официјално признавање и суверенитет.
Првите микро држави датираат уште од 19-тиот век, а со појавата на интернетот, и можноста за појава, но и за промоција на општа замисла за формирање на држава станала поефективна. Така, динамиката на развој на микро државите кореспондира со развојот на web сферата, каде што, всушност, темел наоѓаат најголем дел од микро државите.
Постојат повеќе “микро држави“ низ светот, но само неколку од нив исполнуваат добар дел од зададените критериуми за формирање на држава. Заради разликите во нивната општествена еволуција и поставеност, тие се разликуваат и категоризираат. Така, постојат повеќе категории на “државност“: социјални, економски и политички симулации, кои највеќе наликуваат на “реалните“ држави; нови државни проекти; ентитети за лична забава и самопромоција; ентитети креирани за измамнички цели и слично.
Извори:
Simeon Mitropolitski (2011): Weber’s Definition of the State as an Ethnographic Tool for Understanding the Contemporary Political Science State of the Discipline, annual conference of the Canadian Political Science Association, Wilfrid Laurier University, pg.1
Крстановски, М. (2010): Основи на право со туристичко право, ФТУ – Охрид, стр. 83
Мијалов, Р., Китевски, Г. (2015): Политичка географија, Скрипта за интерна употреба, ПМФ – Скопје, стр. 52
Крстановски, М. (2010), стр. 83
Ibidem
https://www.ilsa.org/jessup/jessup13/Defining%20Statehood,%20The%20Montevideo%20Convention%20and%20its%20Discontents.pdf
Hersch Lauterpacht (2012). Recognition in International Law. Cambridge University Press. p. 419.
Мијалов, Р., Китевски, Г. (2015): стр. 53
Автор: м-р Горан Китевски, Институт за географија-ПМФ, Скопје