Што се тоа дигитални 3Д модели на просторот?
оригинално објавено на: 21.03.2013
3Д модели на просторот претставуваат математички приказ на тридимензионалниот простор. Тое е збир на податоци и други информации во просторот кои компјутерот ги интерпретира како виртуелен објект што се покажува на екранот односно печатачот. Кога зборуваме за 3Д модели на просторот најчесто се мисли на дигитален модел на релјефот или на дигитален модел на теренот (дигитален модел на топографската површина). Дигиталниот модел на релјефот ДМР (анг. Digital Elevation Model – DEM), претставува површина на Земјата нумерички дефинирана со низа на точки во дигитален облик со три координати (x, y и z). Ваквиот модел не содржи вегетација, ниту изградени објекти. Точките се користат исклучиво со сите три координати, а можат да бидат:
- Неправилно расфрлани на целата повржина (ТИН – триаголници)
- На правилна квадратна мрежа или
- На профили;


Точките во дигиталниот модел на релјефот се добиваат со непосредно мерење на теренот, фотограметриска анализа, со геореференцирани сателитски податоци или пак со дигитализација на карта (висински точки и изохипси – линии кои ги поврзуваат точките на еднаква надморска височина). Резултатот на дигиталниот модел може да изгледа како:
- Приказ на 3Д линии
- Приказ на поединечни маркантни точки – коти
- Приказ на изохипси и коти (дигитален модел на висината)
- Приказ на профили
- Приказ на релјефот со сенчење;
Дигиталниот модел на теренот ДМТ (анг. Digital Terrain Model – DTM) е сличен со концептот на дигиталниот модел на релјефот, со тоа што ДМТ вклучува и вегетација, изградени објекти и профилни линии со цел подобра апроксимација на теренот. Често се употребува и поимот дигитален модел на површината. Овој модел е настанат со спојување на два модела, ДМР и дигитален модел на градбите ДМГ (DMO).
Инаку, денес на располагање има бројни дигитални 3Д модели во ситна, средна и крупна резолуција. Дел од нив се слободни – бесплатни за користење и можат да се симнат од интернет. Попрецизните пак се комерцијални и потребно е да се купат од соодветните институции. Република Македонија е покриена со речиси сите глобални дигитални модели на релјефот, а особен квалитет има моделот на Агенцијата за катастар на недвижности на Република Македонија.
Подготвила: Стефани Стојановиќ