20 May 2025
Вселена

Што се неутронски ѕвезди?

оригинално објавено на: 25.06.2013

Неутронските ѕвезди се остатоци од некогашните ѕвезди кои го достигнале крајот од своето еволутивно патување низ просторот и времето. Овие интересни објекти се настанати од ѕвезда четири до осум пати поголема од нашето Сонце, пред да дојде до катастрофална експлозија таканаречена „супернова„. Како резултат на експлозијата, надворешните слоеви на ѕзездата се исфрлуваат во вселената, јадрото останува недопрено, но повеќе не се одвива нуклеарна фузија. Без надворешниот притисок од фузијата која би се спротивставила на гравитациската сила, ѕвездата колабира. И покрај нивниот мал пречник од 20 км, неутронските ѕвезди имаат голема густина и се за дури 1,5 пати потешки од Сонцето. Парче материјал од неуторнските ѕвезди со големина на коцка шеќер, на Земјата би тежело околу стотина милиони тони. Поради таквата, речиси неограничена густина на неутронските ѕвезди, протоните и електроите се соединуваат во неутрони, поради што го добиле и името неутронски ѕвезди. Составот на нивното јадро е непознат, но се претпоставува дека се состои од неутронски супертечности или некои до сега непознати супстанци. Гравитациската сила на неутронските ѕвезди е многу голема (посилна отколку на Земјата),  што е импресивно со оглед на големината на ѕвездата. Кога ќе се создадат неутронските ѕвезди, тие ротираат во Вселената. Како што се стегаат, брзината на ротацијата е се поголема заради зачувување на вртежниот момент, ист принцип поради кој лизгачите на мраз побрзо се вртат кога ќе ги собрат рацете.

Слика 1.

Овие ѕвезди ја забавуваат својата ротација со текот на времето, но овие тела, кои се брзо ротирачки, можат да емитуваат зрачење, што ние од Земјата го гледаме како пулсирачко светло, односно како светлината во светилник кој ротира. Затоа овие ѕвезди се нарекуваат пулсари. По неколку милиони години на ротација, пулсарите ја исрпуваат својата енергија и стануваат нормални неутронски ѕвезди. Само неколку познати неутронски ѕвезди се пулсари. На научниците им се познати околу 1000 пулсари, но најверојатно нивниот број во нашата галаксија се искачува и до неколку стотина милиони. Големиот притисок кој е присутен во јадрото на неутронските ѕвезди, е доста сличен на оној кој постоел за времето на „Големата експлозија“  но таквите услови не можат да се симулираат на Земјата.

Слика 2.

Подготвила: Стефани Стојановиќ