28 March 2025
АрхиваСвет

Што претставува Мааp?

оригинално објавено на: 09.04.2018

Сите вулкани во светот имаат заедничка карактеристика по која луѓето ги препознаваат истите, а таа карактеристика претставува вулканската купа, која е незаменлив дел од изгледот на вулканот. Се проценува дека само во последните 10 000 години, над 1500 вулкани на копното биле активни. Но според начинот на постанок, како и според обликот на вулканската купа, истите се класифицираат во три групи и тоа: експлозивен тип на вулкани, лавичен тип на вулкани и мешан тип на вулкани. Еден тип на вулкански кратер кој е помалку познат, претставуваа Маар.

Сл. 1 МААР ВО ПУСТИНАТА СОНОРА, МЕКСИКО

Маар е претставник на експлозивниот тип на вулкани, кој настануваат со деструктивно исфрлање на гасови од внатрешноста на Земјата со брзина и до 200 метри во секунда, со минимално количество или без продукција на лава, исфралајќи големо количество на гасови како CO2, ЅО2 и останати гасови кои се издигнуваат многу високо во стратосферата.

Од исфрлениот материјал кој најчесто е туф, околу кратерот, со ерупцијата доаѓа до негова акумулација, при што се формира прстенест кружен бедем. Овој тип на вулкани често се издвојува од останатите вулкани, бидејќи истите еруптираат само еднаш или повеќекратнo во краток временски период, со што потоа престанува секоја вулканска активност на тоа место.

Карактеристика на овој тип на вулкани е тоа што имаат кратер кој воглавно се диференцира од типичниот конусен тип на кратер, кој настананува при исфрлање на големо количевство на лава. Кај Maар, поради силните вулкански експлозии, материјалот е исфрлен на поголема оддалеченост, па како последица на тоа, кратерот кај Mаар e широк, плиток и скоро вертикален, кој на површината е проширен во форма на инка, а одејќи по длабочина се стеснува и преминува во пукнатина.

Сл. 2 МААР ХАРАТ КХАЈБАРМ, САУДИСКА АРАБИЈА

Исто така, кратерот на Mаар вообичаено е исполнет со раздробен материјал. Овој тип на кратери е многу почест отколу што се претпоставува, пред се поради карактеристичниот плиток и широк дел и истите претставуваат вториот најчест тип на вулканска форма. Самите форми можат да се сретнат на различни географски широчини, од топлите и суви предели на Саудиска Арабија и Мексико, се до Германија и Италија во Европа, Сенегал во Африка, Патагонија во Јужна Америка, Аљаска и тн. Поради различните простори, најчесто овој тип на кратери може да бидат исполнети со вода, како што е во случајот на планискиот венец Ајфел во западниот дел на Германија, каде постојат 75 маара, од кој дел се исполнети со вода, креирајќи вулкански езера, а голем дел се суви кратери. Исто така, постојат и Маар, кои нивните кратери се со мразна покривка, кој во зависност од периодот на годината, истиот се топи.

Најголемиот маар во светот е Ѓаволското Планинско Езеро (Devil Mountain Lake) кој се наоѓа северниот дел на полуостровот Сјуард, Аљаска. Овој маар бил креиран пред околу 17.500 години за време на силна експлозивна вулканска активност.

Користени извори/литература:

⦁ Боев Б. (2006): Општа геологија, Скопје

⦁ Колчаковски Д. (2006): Геоморфологија, Скопје

⦁ https://en.wikipedia.org/wiki/Maar

⦁ https://volcanoes.usgs.gov/vsc/glossary/maar.html

⦁ https://geology.com/stories/13/maar/

⦁ http://volcano.oregonstate.edu/definitions/maar

Автор: Арсе Кузманоски, дипломиран географ – ГИС