Чуда создадени од природата и човекот кои ќе ве натераат да ја посетите Босна и Херцеговина
оригинално објавено на: 21.05.2018
Веќе добро познато е дека Институтот за географија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, секоја година организира мошне корисни и интересни теренски настави на територијата на Република Македонија, но и надвор од неа. Оваа година, во периодот од 06-11.05.2018 година се реализираше теренска настава која вклучуваше посета на атрактивни дестинации во Хрватска, Босна и Херцеговина и Србија.
Почетна дестинација беше градот Дубровник, во кој студентите прошетаа низ стариот град и притоа имаа можност да видат како изгледа една исклучително развиена елитна туристичка дестинација. Градот познат по тесните и камени улички, автентичната архитектура, но и по сцените од мега популарната серија „Игра на тронови“ (Game of thrones) несомнено остави голем впечаток кај сите нас.
Понатаму патувањето продолжи кон БиХ, каде беше насочен и поголем дел од теренската настава, со запознавање на природните убавини на географско-историската целина Херцеговина. Најпрво ја посетивме Вјетреница, најголемата и најпознатата пештера во Босна и Херцеговина, која во 1952 година ја добива титулата споменик на природата, а од 2004 година се наоѓа на прелиминарната листа на UNESCO за светско наследство. “The wind cave” е хидролошки активен спелеолошки локалитет, со четири постојани и повеќе од десетина периодични текови со подземни езера. Се наоѓа на 12 километри оддалеченост од Јадранското Море, а истата е со должина од 7.013 метри. Името го добила поради силниот ветер во внатрешноста и на влезот, кој достигнува и до 15 метри во секунда. Прилагодена е за туристички посети во должина од 650 метри.
Покрај посетата на Вјетреница, во делот на областа Херцеговина групата го посети и надалеку познатиот религиозен центар „Меѓугорје“, кој претставува вистинска “верска“ туристичка атракција и привлекува огромен број на посетители.
Понатаму беше посетен и паркот на природата Хутово Блато, најголемиот орнитолошки резерват на Балканот и живеалиште на 23 видови риби и секако еден од најубавите водопади во БиХ, познат под името Кравице или т.н. мала Нијагара – како и да ги наречете нема да погрешите. Водопадите се на 10 километри од градот Љубушки и претставуваат заштитена природна реткост. Нивната височина е околу 25 метри и се поделени на 20 слапови под кои е формирано езерце широко 120 метри. Од дното па се до врвот се прекриени со трева, мов, лишаи, тополи и смокви. Отворени се за посета од мај до октомври и претставуваат мошне популарно излетничко место.
Во близина на градот Благај (12 километри од Мостар), покрај манастирот Текија се наоѓа карстниот изворот на реката Буна -“Vrelo Bune”, место каде што историјата, архитектурата и природата се испреплетени во едно. Манастирот бил изграден пред скоро 600 години во времето на Отоманската империја но и покрај бројните реконструкции заради околните одрони, сеуште задржал најголем дел од првичниот изглед. Од малечка пештера под вертикално издигнатиот отсек непосредно до манастирот, извира реката Буна со капацитет од 43 кубика вода во секунда. Приближувајќи се до изворот ве обзема неверојатно чувство на топлина. Врело Буне претставува еден од најсилните карстни извори во Европа. Номиниран е на листата на UNESCO како природно-архитектонски комплекс во 2007 год.
Посетата и разгледот на градот Мостар со стариот дел на градот и препознатливиот мост на Неретва, несомнено оставија силен впечаток кај учесниците на теренската настава.
Патувањето продолжи кон Сараево, градот кој реката Миљацка го дели на два дела. Со локален туристички водич беше претставен градот и надалеку познатата Баш Чаршија,, каде покрај туристичкиот разглед со автобус беше вклучено и пешачко туристичко разгледување на централното градско јадро.
Теренската настава продолжи со посета на Вишеград, градот познат по Нобеловецот Иво Андриќ, и мостот на Дрина кој послужил како инспирација за творење на Андриќ. Од таму патувањето продолжи кон туристичката атракција Дрвен Град на Мокра Гора во Србија, во која познатиот Емир Костурица инвестирал и која несомнено претставува своевиден пример за искористување на природата и културното наследство во туристички цели и преку тоа заживување на просторот.
На крајот може да се резимира дека студентите имаа можност да видат голем број на природни атракции, но и значајни антропогени обележја и културни добра, а теренската настава беше успешно реализирана благодарение на студентите и нивното совесно однесување, но и водството на наставниот и соработничкиот кадар, предводени од проф. д-р Ристо Мијалов, раководител на Институтот за географија и проф. д-р Никола Панов, продекан на Природно-математичкиот факултет, потоа проф. Драган Колчаковски, проф. д-р Мирјанка Маџевиќ, проф. д-р Билјана Апостоловска Тошевска, асистент м-р Христина Димеска и асистент м-р Горан Китевски.
Технички организатор на патувањето беше туристичката агенција “Оскар Травел Сервис“, која мошне успешно и на високо ниво ја реализираше својата обврска.
Подготвиле: асс. м-р Христина Димеска и Ангела Горјанов, студент на насоката ГИС, Институт за географија