3 November 2024
АрхиваСвет

Чаталхујук – еден од најстарите прото-градови во светот!

оригинално објавено на: 22.04.2019

Градовите во вистинска смисла на зборот се појавиле околу 3500 година пред н.е.[1] Се карактеризирале со писмо, технолошки прогрес, и забрзан развој на софистицирани форми на социјална и политичка организаација, како и и социјална стратификација, на основа на земјоделските вишоци и можноста за професионално профилирање.[2] Таквите градски населби прво се појавиле на Сумерскиот брег и долината на реката Нил, а во Индуската долина во III век пред н.е. Нешто подоцна, првите градови се појавиле и во долината на реката Веи во Кина. На таа основа, како и со зајакнатата трговија, градските населби почнале да се јавуваат и развиваат на повеќе локации од Југоисточна Азија до Медитеранот.[3]

Сл. 1

На преминот од номадски во заседнат живот, се појавиле првите населби, кои доколку се земат некои критериуми за урбана структура, не можат да бидат дефинирани како градски. Најкарактеристична населба од таков тип е населбата наречена Чаталхујук, чиј остатоци се наоѓаат во денешна Република Турција, а датира од 7 милениум пред н.е.

Археолошкиот локалитет Чаталхујук (Çatal Höyük или Çatal Hüyük) се наоѓа во Анадолија, Република Турција, во близина на градот Кониjа. Археолошкото наоѓалиште е откриено во 1958 година од страна на археолозите: Алан Хол, Дејвид Френч и Џејмс Меларт.[4] Меларт, заедно со неговата сопруга Арлет[5], се смета како главниот лик кој е заслужен за понатамошните истражувања на овој локалитет.[6] Од сите засега откриени населби кои датираат од неолитот, Чаталхујук е најголемата и најнапредната населба, од 7000 години пред н.е. Се смета како главна пресвртница во цивилизацискиот развој од номадски кон заседнат живот и развојот на земјоделството. Покрај тоа, Чаталхујук е пример и за трансформација на една селска средина во урбана агломерација која се одржувала на исто место повеќе од 2000 години. Чаталхујук, од архитектонски аспект, е уникатна населба, а главна одлика се куќите кои се групирани една до друга и имаат пристап преку кровот и во нив се влегува со скала.[7] Чаталхујут е познат како „град без улици“ бидејќи луѓето се движеле од еден кров на друг. Населбата, покрај другото, содржи и значајни примери од неолитска уметност и религиска симболика.[8]

Сл. 2

Оваа комплексна населба, од страна на истражувачот Меларт, била лабелирана како најстариот град на светот. Меѓутоа, се смета дека е поправилно доколку населбата би била опишана како големо село, отколку како град. Населбата е претставена во куќи и отворени простори за отпад. Секоја куќа има по три соби. Куќите немаат прозори или врати, а влезот при таванот најчесто е единствениот отвор за вентилација. Не постојат јавни згради или елементи за организирана поделба на трудот, иако има некои живеалишта кои се поголеми од другите, а имаат и поекспресивни слики на ѕидовите. Се’ уште не е дефинирана целта на поголемите структури.[9]

Сл. 3

Карактеристично е погребувањето на мртвите на самото место каде што луѓето живееле, најчесто под главната (дневна) просторија или креветот. Нема разлика во погребните ритуали меѓу луѓето, повторно покажувајќи дека во Чаталхујук не постоела класна диференцијација.[10]

Пронајдени се многу артефакти. Една од најзначајните е фигурата во која е претставена жена која седи помеѓу две големи мачки. Фигурите се мали и најчесто се направени од печена глина. Голем дел од фигурите биле оштетени, што покажува кон тоа дека тие најверојатно биле користени како амајлии и заштита против лоши духови.[11]

Како карактеристичен ритуален елемент е и закопувањето и украсувањето на черепот и рогови на бик во самата просторија на живеалиштето. Поретко, бил поставуван черепот и роговите на овен. Од муралите и релјефите, најинтересни се профилните претстави на леопарди, претставата на мртви луѓе и мршојадци, претставата на ерупција на вулкан[12], сцени на лов и др.[13] Се проценува дека во Чаталхујук живееле околу 8 000 жители.  Од 2012 година, Чаталхујук е дел од Светското наследство на UNESCO.[14]

[1] Мијалов, Р., Китевски, Г. (2018): Културолошки туризам, Стоби трејд, Скопје

[2] Eric Edwin Lampard: City, Encyclopedia Britannica. https://www.britannica.com/topic/city

[3] Ibidem

[4] History of the Excavations http://www.catalhoyuk.com/project/history

[5] Arlette Meryem Cenani

[6] Mellaart, James. Çatal Hüyük: A Neolithic Town in Anatolia. London: Thames & Hudson, 1967.

[7]Neolithic Site of Çatalhöyük –  UNESCO https://whc.unesco.org/en/list/1405

[8] Catal Huyuk http://www.newworldencyclopedia.org/entry/Catal_Huyuk

[9] http://www.newworldencyclopedia.org/entry/Catal_Huyuk

[10] Bookchin, Murray. The Rise of Urbanisation and Decline of Citizenship. pp. 18–22.

[11]  Senta German: Çatalhöyük https://www.khanacademy.org/humanities/prehistoric-art/neolithic-art/a/atalhyk

[12] Kleiner, Fred S.; Mamiya, Christin J. (2006). Gardner’s Art Through the Ages: The Western Perspective: Volume 1 (Twelfth ed.). Belmont, California: Wadsworth Publishing. pp. 12–4

[13] Еdward Pegler (2012): Çatalhöyük and the loss of the hunting rite

[14] Neolithic Site of Çatalhöyük https://whc.unesco.org/en/list/1405

Автор: м-р Горан Китевски, Институт за географија, ПМФ