Црна планета – новото откритие на телескопот Hubble
оригинално објавено на: 27.10.2017
Телескопот Хабл (Hubble) е лансиран во 1990 година и е една од најуспешните и долготрајни научни мисии на НАСА. Со стотици илјади слики на Земјата, разрешавајќи многу мистерии од сферата на астрономијата. Со пошош на набљудувањето на Хабл се утврдила возраста на универзумот, идентитетот на квазарите и постоењето на темна енергија.

Телескопот Хабл на НАСА открил дека една планета која е од порано позната е комплетно црна. Планетата е многу необична, бидејќи апсорбира 94% од светлината која паѓа на неа.
Името на планетата е WASP-12b и се наоѓа на 1.400 светлински години од Земјата. Се работи за „жежок Јупитер“ – гасовит џин кој орбитира неверојатно блиску до матичната ѕвезда. Проценките велат дека температурата на нејзината осветлена страна е околу 2,500°C. На темната страна температурите се околу двојно пониски.
Со употреба на Хабл, тим од научници од Универзитетот МекГил и Универзитетот Ексетер, откриле дека планетата има албедо (или рефлективност) од само 0.064, што ја прави потемна од асфалт или двојно помалку рефлективна од Месечината, чие албедо е 0.12.
WASP-12b била откриена во 2008 година, како орбитира околу ѕвезда налик на Сонцето во соѕвездието Кочијаш. Била проучувана повеќе пати, но сега за првпат е познат нејзиниот изглед.
На едната страна секогаш е ден, а на другата ноќ. Бојата на планетата била изведена од набљудување на транзитот на планетата преку ѕвездата. Тоа им овозможило на астрономите да ја мерат рефлектираната светлина од дневната страна, но набљудувањата покажале дека скоро и да нема рефлектирана светлина. Ова значи дека дневната страна ја апсорбира целата светлина која паѓа на неа.

WASP-12b орбитира само на 3.2 милиони километри од ѕвездата-домаќин, комплетирајќи ја својата орбита за само еден ден. Близината до ѕвездата ја прави планетата екстремно жешка. Доколку планетата се набљудува одблизу, поради температурата, истата би била црвена слично како вжарен метал. Но, близината не влијае само на нејзината температура, туку во исто време ја растегнува и ѝ дава јајцевиден облик.
Откритијата на Хабл го трансформирале начинот на кој научниците размислуваат за универзумот. Неговата способност да го прикаже универзумот со невидени детали ги претворило астрономските претпоставки во конкретни сигурности.
Извори:
hubblesite.org
astronomija.mk
nasa.gov
iflscience.com
Подготвил: Илија Ристески
Корекција: Билјана Бабаноска