Хидролошки карактеристики на Општина Валандово
оригинално објавено на: 14 Dec 2011
Општина Валандово се протега во југоисточниот дел на Р. Македонија и ги опфаќа сливните подрачја на реката Анска Река, која е продолжение на Башибоска река, а од нејзината јужна и северна страна по котлината егзистираат водотеци ( Студена вода и Мичковица ), кои ги прифаќаат подземните води од северниот и јужниот масив. Реката Студена вода се влева во Анска Река кај месноста Страиште, додека пак реката Мичковица покрај селото Марвинци се влева во реката Вардар. На северо-западниот дел од котлината, во реонот на Градечка Планина, егзистираат две водотеченија означени како Аразлика во близината на селото Удово, Градечка Река во селото Градец и на крајниот северен дел кон Демир Капија егзистира водотекот наречен Маркова Река кој нема економско значење.
Целата Валандовска Котлина е под влијание на повеќе од 15 суводолици од ерозивен карактер кои се потенцијална закана за плодните делови од котлината со крупни буички механички елементи од ерозивното сливно подрачје, за што во иднина сериозно треба да се размисли за регулација на овие суводолици или ерозивни теченија. Природни вештачки акомулации не постојат, а водотеците се со мал агол на брзина и проток, и поради тоа не се погодни за зафати од енергетски карактер, но се погодни за наводнување.
Поради големиот број на сушни периоди, валандовското сливно подрачје е сиромашно со водни ресурси. Недостатокот на вода ги погодува сите сегменти на активностите на луѓето: водоснабдувањето на населението (особено во руралните области), индустријата и наводнувањето. Оваа појава во голема мера ја влошува состојбата со квалитетот на водата за пиење и наводнување. Протекот на водата е често под биолошкиот минимум во периодите кога реките пресушуваат.
Напишал: Глигорије Џилвиџиев