Хидрогеолошко трасирање на карстниот извор Слатински Извор
оригинално објавено на: 03.06.2013
Изворот Слатински Извор е лоциран околу 15 км од Македонски Брод, во атарот на село Слатина. Претставува карстен извор кој истекува од влезот на најдолгата пештера во Р. Македонија-Слатински Извор. Во геолошки поглед се наоѓа во прекамбриумски мермери, во тектонската единица Пелагониски-хорст антиклинориум. Овој извор претставува типичен карстен извор чија издаштост варира во зависност од врнежите и површинската хидрографија. Така неговиот максимум е во мај, а во периодот јули-септември пресушува. Во непосредната околина на изворот има форми типични за карстниот релјеф, како пештери и понори.
За да се утврди потеклото на вода во изворот Слатински Извор на 01.05.2013 год. се спроведе хидрогеолошко трасирање со флуросцентните бои уранин и родамин Б. Првиот трасер беше пуштен во активниот понор на Крушевска Река, а вториот трасер во еден од подземните текови на пештерата Пурало. Се следеа два извори кои се најблиску до инјектирањето на трасерите: Слатински Извор и извор Манастирец (лоциран во соседниот речен слив на Манастиречка Река). Земањето на примероците вода од изворите се изведе на следниот начин: првите 24 часа вода се земаше на секои 2 часа, следните 24 часа на секои 3 часа, следните 24 часа на секои 4 часа и следните 2 дена на секои 6 часа.
Девет часа по извршеното трасирање во изворот Слатински Извор визуелно се појави трасерот уранин кој има изразито зелена боја, додека трасерот родамин Б визуелно не се манифестираше.
Земените примероци на вода се анализираа во лабораторијата на Институтот за истражување на карст ZRC SAZU во Постојна, Р. Словенија. Се применија квантитативни методи за да се утврди со колкаво количество на вода партиципираат понорот на Крушевска Река и пештерата Пурало во изворот Слатински Извор. Со анализите се потврди присуството на трасерот уранин во изворот Слатински Извор, а трасерот родамин Б не е забележан во ниту еден извор. Уранинот свој максимум го има 10 часа по извршеното трасирање. Изработената математичка крива со еден пик потврдува дека движењето на водата од понорот на Крушевска Река до изворот Слатински Извор е низ еден подземен канал, а не низ разгранет систем од канали. Квантитативното присуство на овој трасер во изворот исто така потврди дека понорот на Крушевска Река партиципира само во прихранувањето на еден извор-Слатински Извор.
За да се утврди движењето на водата од пештерата Пурало потребно е ново трасирање и следење на подолг временски период.
м-р Билјана Гичевски
Истражувачко друштво „Урсус спелеос“-Скопје