4 November 2024
АрхиваГеовести

Функционална географија – нова географска дисциплина

оригинално објавено на: 28.09.2018

Географијата заедно со филозфијата, историјата, математиката и медицината спаѓа во групата на стари науки. Херодот во V век п.н.е. дава географски описи на своите патувања. Ератостен кој го сметаaт за „татко” на географијата, пак уште во III век п.н.е. ги поставува основите на математичката географија и картографијата. Во стариот век, несомнено најголем придонес во натамошниот развој на географијата дал Страбон (64 год. п.н.е.-20 год. од н.е.). Тој во своето дело „Географија“ ги поставува и теоретските и практичните проблеми на географијата. Во Средниот век како и останатите науки и географијата стагнира. Како оснивачи на современата географија се сметаат А. Хумболт (1769-1854) и К. Ритер (1779-1859). Тие во своите географски трудови го напуштаат дотогашниот дескриптивен односно описен метод и ги  применуваат новите научни методи во анализите. Во текот на 19 век силно се развива физичката географија. Американските географи К. Гилберт и М. Девис ја осниваат науката за формите на релјефот, односно геоморфологијата како една од најважните гранки на физичката географија. Истовремено во Франција географот Пол Видел де ла Бланш (1848-1918) го проучува влијанието на човекот врз природата. Во својата книга „Преглед на француската географија”, ги поставува основите на социјалната географија која во тоа време е позната како антропогеографија, а во географијата се развива новиот правец – „посибилизмот”. На Балканскиот Полуостров, при крајот на 19 и почетокот на 20 век, Јован Цвијиќ ја основа антропогеографската школа во која се проучува потеклото и миграциите на населението и постанокот и развојот на типовите на населбите.

Сл. 1

Голема заслуга во дефинирањето и развојот на економската географија има рускиот научник  М.В. Ломоносов (1711-1765). Тој во 1760 година прв го употребува терминот економска географија. Во 20. век географијата се развива како комплексна наука. Во состав на неа се диференцираат повеќе географски дисциплини кои главно може да се систематизираат во четири групи и тоа: физичкогеографски, социогеографски, економско-географски и регионално-географски дисциплини.

Групата физичкогеографски или природногеографски дисциплини ја сочинуваат: Геоморфологијата, Климатологијата, Хидрографијата и Биогеографијата.

Како социогеографски дисциплини се јавуваат: Географијата на населението и Географијата на населбите, а во поново време Медицинската и Лингвистичката географија.

Во групата на Економска географија се диференцирале повеќе географски дициплини и тоа: Аграрна географија, Индустриска географија, Сообраќајна географија, Трговска географија, Туристичка географија, Политичка географија, Воена географија и др. Тие особено брз развој доживуваат во 20 век. Новата Економска географија покрај теоретското има и нагласено апликативно значење. Не случајно Пол Кругман, професор на Универзитетот Принстон, за делото „Новата трговска теорија и новата економска географија” во 2008 година ја доби Нобеловата награда.

Во Регионално-географски дисциплини спаѓаат: Општата регионална географија, Регионалната географија на одделните континенти, Регионална географија на одделните држави , како Регионална географија на  Република Македонија и сл.

Како заеднички дисциплини во географија егзистираат: Картографијата и Историската географија. Меѓутоа овој список не е дефинитивен и завршен. Во поново време се јавуваат и нови географски дисциплини како: Локационата географија, Географијата на природните ресурси, Географските информативни системи и сл., а еве во денешно време се појави и нова географија под име Функционална географија. Интересно што нејзин творец и предлагач не е географ туку експерт за интернационални релации и филозоф.

Автор на новата Функционална географија е д-р Параг Кана (Parag Khanna). Роден е во Канпур во Индија. Во 1999 година дипломирал на Универзитетот Џорџтаун  во Вашингтон, на Меѓународни безбедносни науки и Филозофија. Во 2005 година на истиот универзитет магистрирал на безбедносни науки, а во 2010 година докторирал на Високата школа за економија во Лондон. Денеска работи како Индиско-американски експерт за интернационални релации во Центарот за глобализација на Интернационалниот универзитет во Сингапур. Автор е на четири обемни студии, меѓу кои и на Конектографијата (Connectography isahead of the curve in seeing thebattlefield of the future and new king of tug-of-war being waget on it scholarship andforesight are world-class …. a must-read for the next president), во која доста опширно ја образложува содржината на предложената Функционална географија. Тој најпрво на глобален план ја претставува противречноста помеѓу актуелната Политичка географија на територијално различните суверени држави и теденциите на поврзување на културите и производството во одделните региони во светот. За него постои Политичка географија но и Функционална географија која ги поврзува класичните политички творевини и даденостите на Физичката географија.

Сл. 2

Содржината на Функционалната географија Кана ја систематизира во три целини именувани според биолошките метафори и тоа: скелетен, васкуларен и нервен систем. Скелетниот систем во Функционалната географија е сообраќајната инфраструктура. Васкуларниот систем се различните енергетски водови, гасоводи, нафтоводи, електричната мрежа и сл. Нервниот систем го сочинува  дигиталната сфера на поврзување.

По Кана, Функционалната географија го следи и проучува функционирањето на државата на целата своја територија и во сите свои сектори. Тоа значи функционирање на една област во своите природни граници, на еден град во својата гравитациона сфера, на едно село во својот селски атар и сл. При содржинското концептирање на својата географија Кана како да се раководел од познатата мисла на Никола Тесла „дека “душата” не е ништо повеќе од збир на сите функции на телото. Кога овие функции  ќе ги снема и “душата” исчезнува”.

Во образложението доста внимание во почетокот посветува на светот како целина и на современите движења како што е глобализацијата. Така, според Кана за да разбереме каде се движи светот, мора да ги заборавиме, физичките и политичките карти и да ја земеме предвид  Функционалната географија, онака како што функционира светот, а не онака како што политички го делиме. При тоа наведува дека глобализацијата денеска го направи светот меѓузависен и целосно интегриран во сите сектори, почнувајки од сообраќајната инфраструктура преку телекомуникациите и информатичката технологија, економијата и трговијата се до воената безбедност и геополитичката стабилност. Но истовремено го поставува и прашањето дали конективноста навистина ќе ја надвладее Политичката географија?. Во таа смисла наведува дека глобализацијата не е завршен проект, не е само репрезентација на глобалната моќ и на важечкиот регионализам, туку и една друга нова можност. Надеж дека низ мрежите на поврзување, може да потечат, патуваат, да се разменуваат и вистинските идеи, луѓе и добра.

Сл. 3

Потоа, посебно внимание посветува на државните граници и на сообраќајната поврзаност. За државните граници наведува дека светот денеска е организиран според политичкиот простор, а не според функционалниот како всушност го користиме. Линиите што не поврзуваат ги надминуваат границите. На тој начин Функционалната географија станува поважна од Политичката географија. Како пример ја наведува континенталната граница помеѓу САД и Мексико. Пренесено тоа на наши македонски примери е нефункционалната граница на нашите три езера Охридското, Преспанското и Дојранското езеро.Таа вештачки ги дели езерските басени, еден целосен природен неделив простор на две, а во Преспанско Езеро и на три држави.

Сепак и од содржината и од образложението се забележува дека најголемо внимание посветува на инфраструктурната поврзаност. Таа ни покажува кој со кого и преку кого е поврзан. Притоа, нагласува дека многу од денешните постоечки и планирани транспортни коридори ги следат старите траси и премини наследени од географијата, климата и културата. Како пример наведува дека „голем дел од железничките правци изградени од Лондон до Банкок го следат правците на патот на свилата во Евроазија .Или автопатот од Чикаго до Лос Ангелес во САД познат како историски Route 66 ги следи античките патеки и минува низ резерватите во Аризона. Но потенцира, додека древните патишта биле тесни, стрмни, денешните се асвалтирани автопати, железнички линии, гасоводи, нафтоводи, кабелски интернет, погусти, пошироки и побрзи. Овие инфраструктури ги поставуваат основите на нашето постоење, односно функционирање на глобалниот свeт”. заклучува Кана. Ова не наведува на размислување како ние упорно ги занемаруваме трасите на нашите римски патишта како Виа Егнација или оној по долината на реките Еригон (Црна Река) и Брегалница од Хераклеја преку Стоби и Астибо и понатаму за Сердика (Софија). Грците од југ ја изградија Неа Виа Егнација од Егуменица преку Солун до Истанбул. Србија бара кредит од ЕУ за да изгради автопат од Ниш до Приштина. Нашата држава спрема функционалната географија, заради слабата поврзаност и на внатрешен и на надворешен план, постепено, но сигурно ја губи централната  сообраќајна и геостратегиска положба на Балканскиот Полуостров.

Сл. 4

Да заклучиме, воведувањето на нова дисциплина во овој случај како што е Функционалната географија, претставува посебен предизвик и бара воведување на нови термини, дефиниции, методологија и сл., односно реализирање на активности кои би придонеле, новата научна област да заживее и да се етаблира меѓу останатите географски дисциплини, но и ново поле за докажување на младите географи.

Литература:

Parag Khanna: Connectography, Random House, New York, 2016

Jovan Dinic: Ekonomska geografija, Beograd,1981.

Автор на текстот: д-р Александар Стојмилов (универзитетски професор во пензија)