7 November 2024
АрхиваМакедонија

Фосилната делта на реката Вардар

оригинално објавено на: 22.11.2017

Положба и протегање – Во западниот дел на Скопската котлина, во Свиларскиот и Љубинскиот залив, се протега фосилната делта на реката Вардар. Точно не би можело да се одреди нејзиното протегање и големина, бидејќи таа не се јавува непрекинато – туку местимично. Воглавно, таа се јавува покрај овие заливи, на вкупна површина од 4 – 5 km².

Сл. 1

Нејзиното протегање започнува југоисточно од местото кое го носи името Кале. Најизразена е кај с. Долно Свилари (кај местото наречено Зибел). Од десната страна на Свиларска река, простирањето на делтата е повеќе хоризонтално, додека на левата повеќе е наклонето кон југоисток. Исто така, таа се појавува и од десната страна на р.Вардар (кај с. Љубин) и по ивичните делови во Тетовската суводолица. Одејќи кон исток, односно кој с. Кондово, таа се губи.Дебелината на пластовите не е насекаде иста. Разбирливо, таа се намалува доколку се оди кон дното на езерскиот басен – што е карактеристика на делта. Кај с. Долно Свилари пластовите се најдебели и тие изнесуваат преку 100 метри, додека по ободите се помали.

Езерска фаза на Скопската котлина – Скопската котлина претставува еден од најубаво проучените терени на Македонија. Нејзиниот релјеф е доста комплициран и се состои од повеќе групи на морфолошки елементи. Овие групи се настанати како последица на дејствотото на разни тектонски движења,  пред сè во северениот дел на котлината. За нејзиниот денешен (рецентен) облик, најголемо влијание оставиле тектонските активности создавајќи депресија во која се создал заливот на долното олигоценското море. Тоа се смета за иницијален облик на Скопската котлина. Во неогенот Скопската котлина била исполнета со езеро кое било дел од големото Егејско Езеро. Со трансгресијата на Скопското Езеро, истото ја прилагодува својата форма кон обликот на котлината. На тој начин езерото започнува да го менува предезерскиот релјеф во самата Скопска котлина. Езерото не било потполно изолирано, туку подолго време било во врска со слични езера од соседните котлини преку пошироки или потесни отоки. Најголем временски период, езерото се задржува на кота од 900 m. Подоцна, настапува процесот на регресија каде езерото ритмички (постепено) се намалува.

Сл. 2

Настанокот на делтата е во тесна врска со неогеното езеро, бидејќи тоа служело како ерозивна база. Вардар се развил од отока на Полошкото Езеро при езерско ниво од 690 m, а веќе под тоа ниво (500-516 m) сите речни текови претставувале притоки на Скопското езеро. Со понатамошното повлекување на езерото, Вардар продолжува да го поместува својот тек. Новото устие на Вардар од 600-510 m се наоѓало кај местото Кале.

При ова ниво, Вардар ја создава својата голема делта. Напласнување на седимети се вршело од двете страни. Овде е напласнат сиот материјал кој попатно не успеал да се напласти. Поради тоа овде најубаво може да се види ерозивната сила на реката. Најголема количина на материјал е напластена југоисточно од Кале. Овде напластите се највидливи и најјасни. Со понатамошното намалување на езерското ниво, Вардар го поместува своето устие кон исток односно во Љубинскиот залив. По истекувањето на езерото, притоката Вардар на патот од Полошката котлина го продолжила својот тек и се сврзала со поранешната отока и неjзиниот ерозивен базен. Независните текови кои дотогаш постоеле се организирале во Вардаровата речна мрежа. Вардар сѐ уште не го воспоставил својот профил на истекување, бидејќи тој го издигнува своето корито во централната езерска рамнина. Тој и до ден денес има некоординирани текови што се управуваат според нивото на централна езерска рамнина.

Сл. 3

Оваа делта денес се наоѓа на суво и е доста испрекината, бидејќи Вардар подоцна ја пресекол при создавањето на својата рецентна долина. Фосилната делта на некои места е доста оддалечена од него, бидејќи тој го изменил својот правец на движење, тежнејќи да создаде свој урамнотежен профил. Со ерозијата и денудацијата делтата е доста модифицирана. На местата каде што е откриена, се јавуваат доста големи и дебели напласти на: грагор, песок и мил, кои наизменично се напластувани. На поедини места се сретнува и смена на езерски и речен материјал, кој е резултат на поместувањето на езерското ниво и климатските промени.

Извори:

Галиќ К. (1962) – “Фосилна делта на реката Вардар”,  Географски Разгледи, издание 1, стр.69 -76

Теренски истражувања

Автори: Кристијан Вељаноски, Арсе Кузманоски