3 November 2024
АрхиваМакедонија

Физичко-географски карактеристики на Охридско-струшка котлина

оригинално објавено на: 19 May 2012

Охридско-струшката котлина го зафаќа крајниот југозападен дел на Република Македонија. Котлината е во склоп на Западно-македонската провинција. Исто така, оваа котлина во најголем дел е под водата на Охридското Езеро. Таа се граничи со повеќе планини кои претежно имаат варовнички состав. Имено, на исток се граничи со Илинска планина (Лиска, 1.909 m), Плакенска планина (Сталев Камен, 1.998 m), Петринска Планина (Гога 1.737 m) и Галичица (Вир, 2.288 m), на запад со Јабланица (Црн Камен, 2.257 m), и Мокра планина (1.522 m), на север со Стогово (Голем Рид, 2.268 m) и неговиот огранок Караорман (Орлов Камен, 1.794 m) и на југ со ридчестиот предел Гора.

Слика 1.

Охридско-струшката котлина со гребенот Копарник (1204 m), е разделена на два дела: поголем – Струшко Поле и помал – Охридско Поле. Струшко Поле, по долината на реката Сатеска, на север е отворено кон жупата Дебарца, а понатаму кон Кичевијата. По заезерената долина на Црн Дрим, Охридско-струшката котлина е поврзана со Дебарската котлина. Всушност Струшко Поле се простира од десната и левата страна на Црн Дрим, од северниот брег на Охридското Езеро до влезот на споменатата река во клисурата кај Ташмаруништа. Во тој правец, падот изнесува само околу 10 (десет) метри (695-685 m).

Во однос на површината, оваа котлина зафаќа вкупна површина од 1.318 km2. Имено, најмала надморска височина на дното изнесува 680 m, просечната надморска височина на дното изнесува 740 m, максималната височина, пак, на рамковниот дел изнесува 2.257 m, додека вкупната површина на рамничарскиот дел изнесува 160 km2. Геолошкиот состав кој е присутен во Охридско-струшката котлина е различен. Западните рабни планини се составени главно од тријаски варовници, а северните и источните од карбонатни карпи, односно карбонатни шкрилци. Полето е исполнето со езерски наслаги.

Најстарите од нив се од неогена старост и се остатоци од поранешните високи езерски состојби. Дното на полето е исполнето со делувијални езерски и алувијални речни седименти. Бидејќи создавањето на оваа котлина е поврзано со крајот на долен и почетокот на среден плиоцен, утврдено е присуство на плиоценски седименти.Oваа котлина е дел од Охридско-дебарскиот грабен кој претставува најмаркантна морфоструктура на тонење во рамките на Западно-македонската Зона. Создавањето на оваа грабенска структура е поврзано со крајот на долен и почетокот на среден плиоцен. Со оглед на факторите, условите и карактеристиките на котлината, не нејзините рамки застапен е абразивниот и карстниот релјеф.

Охридско-струшката Котлина се карактеризира по тоа што нема изразита средоземна клима, иако за тоа одговараат нејзината местоположба и надморска височина.Во оваа котлина во поголема мера е изразено влијанието на езерото, што се гледа во повисоките температури на воздухот во зимските и нешто помали во летните месеци.Поради отвореноста на Охридско-струшката котлина преку долините на Сатеска и Црн Дрим од север, во зимските месеци продираат студени воздушни маси кои ја намалуваат температурата на воздухот. Врнежите во Охридско-струшката Котлина се условени од медитеранскиот плувиометриски режим. Поголемиот дел од годишните врнежи паѓаат во ладниот дел од годината, со максимум во доцната есен, а помал во топлиот дел, со минимум во летните месеци. Охридско-струшката Котлина се одликува со посебен режим на ветрови, условен од езерото. Покрај ветровите што се јавуваат поради општите атмосферски промени, овде се јавуваат и ветрови со локален карактер, како последица на нееднаквото загревање на воздухот над копното и езерската површина.

Слика 3.

Охридската котлина претставува типичен карстен басен. Во прилог на тоа оди и констатацијата дека Охридското Езеро се храни со вода од Преспанското Езеро преку подземни канали и пукнатини во карстифицираната Галичица. Исто така,  Охридското Езеро се храни со вода од врутокот “Острово” кај Свети Наум, потоа изворите кај селото Тушемишта во соседна албанија на југ, Билјанините Извори на исток, Ананија кај Манастирот Света Богородица-Калишта, и др., речните текови кои се претежно кратки, со мала сливна површина и протек и времените текови. Кога станува збор за хидрографските карактеристики на Охридско-струшката Котлина неминовно и разбирливо е ставањето на Охридското Езеро на прво место и давање на истото епитет на бисер на Балканот. Имено, Охридското Езеро лежи на дното на Охридската котлина, која настанала по тектонски пат, со спуштање вдолж на два паралелни раседи за време на средниот плиоцен. Езерото е ограничено од исток со Петрина Планина и Галичица, од северозапад со планината Јабланица, од запад и од југ со Мокра Планина, a од север со рамништето на Охридско-струшката котлина. Како воден објект зафаќа површина од 348 km2, при што на Република Македонија и припаѓаат 229,9 km2, a на Албанијa 118,9 km2. Се наоѓа на 695 m надморска височина. Има елипсеста форма со должина во правец север-југ од 30,5 km, широчината во правец исток-запад му е 14,5 km, а должината на брегот  е 86 km. Kaj Пештанската увала достигнува најголема длабочина од 287 m и претставува најдлабоко езеро на Балканскиот Полуостров.

Значаен хидрографски објект во Охридско-струшката Котлина претставува и врутокот “Острово” кај Свети Наум. Тоа се смета за најголем карстен вруток и еден од најатрактивните во Република Македонија. Покрај наведените два значајни хидрографски објекти, исто така, во таа категорија се вбројува и реката Црн Дрим. Имено, таа е единствена истека на Охридското Езеро. Припаѓа на Јадранското сливно подрачје. Други хидрографски објекти кои се вбројуваат на непосреден или посреден начин во Охридско-струшката котлина се: Вевчанска Река, Беличка Река, Лабунишка Река, Подгоречка Река и др. Овие реки се леви притоки на Црн Дрим. Потоа, Во Охридското Езеро се вливаат реките:Сатеска, Коселска и Черава.

Во Струшко Поле постои мочуришна вегетација, а во крајбрежниот дел на езерото присутна е трската. Понатаму, застапена е и виновата лоза, а во повисоките предели распространети се разни лековити, украсни и други растенија.Охридското Езеро се одликува со поволни хидрографски услови, кои заедно со неговата географска изолираност овозможија во него да сеж зачуваат и да живеат околу 146 видови ендемични организми. Еден дел од нив, денес претставуваат живи фосили, речиси неизменети од времето на терциер, како на пример: ендемскиот сунѓер, реликтните видови полжави (околу 27), од кои околу 86% се ендемични, потоа неколку реликтни видови глисти, охридската пастрмка, белвицата и други видови риба со ендемски карактер, и други.

Во рамките на Охридско-струшката котлина се застапени повеќе видови на почви. Се среќаваат алувијални почви, тресетни почви, ливадските почви, кафеави почви врз варовници и доломити, црвеница и други.

Извори:

  1. Колчаковски, Д. (2006): Физичка географија на Република Македонија. Стр.: 1-273, Скопје;
  2. Лазарески, А. (1993): Климата во Македонија, Култура, стр. 228-235, Скопје;
  3. Милески, Г. (1971): Струшко поле. Гео. Разг. кн. 8-9, стр.: 61-72, Скопје.

Подготвил: Трајче Лазороски