Ушуаја – папокот на светот
оригинално објавено на 16.11.2016
Градот Ушуаја бил формиран од англиски мисионери, претставувал казнена колонија и поморска база за аргентинската морнарица. Поголемиот дел од раната историја на градот и неговата околина е опишана во книгата на Лукас Бриџис (Uttermost Part of the Earth, 1948). Името Ушуаја првпат се споменува во писмата и извештаите изготвени за Мисијата во Јужна Америка од страна на Англија. Британскиот мисионер В.Х. Стирлинг е првиот Европеец што престојувал со луѓето Јамана (Yámana) во Ушуаја се до средината на септември 1869-та година. Во 1870-та година британски мисионери започнале да го населуваат просторот. Во текот на 1880-тите, е воспоставена поделба во Ушуаја, а во 1885-та година градот е именуван како главен град на областа Огнена земја.
Ушуаја е главен град на областа наречена Огнена земја во Аргентина. Се наоѓа на широк залив на јужниот брег на Исла Гранде. На север граничи со планинскиот венец Мартиал, а на југ со каналот наречен Бигл. Се простира на површина од 23 km кв. Ушуаја често се опишува како најјужниот град во светот. Неговото одредување како најужниот град во светот е прифатен од заедничка комисија на Аргентина, Чиле и Секретаријатот за туризам на Аргентина. Иако постојат населби појужно од Ушуаја, од кои само една населба е со поголемо значење и тоа Пуерто Вилијамс, сепак Ушуаја важи за град во кој се наоѓа крајот на светот или познат како папокот на светот.
Во границите на својата област, Ушуаја е главен центар на стопанството, трговијата, културата и се смета за град со големо значење. Главните економски гранки се риболов, екстракција на природен гас и нафта, земјоделство и еко-туризам. Најголем дел од индустрискиот сектор припаѓа на енергетиката. Ушуаја, денес е главен туристички центар погоден за пешачење, зимски спортови и појдовна точка за патувања на Антарктикот.
Националниот парк Огнена Земја (Tierra del Fuego) се простира на југозападниот дел од областа Огнена Земја и се граничи со Чиле. Како национален парк бил прогласен во 1960-та година, а во 1966-та година бил проширен кон најјужниот дел на Патагонската шума, така што денес зафаќа површина од 63.000 хектари. Крајбрежните делови на националниот парк нудат можности за пешачење, искачување по карпи, риболов и кајакарење. Пејзажот на паркот се состои од големи заливи и мали плажи, обиколени од планински венеци и долини создадени од глацијална ерозија. Автентичнита флора и фауна се состои од ниска вегетација и локални птици, пингвини, фоки и орки. Во своите рамки опфаќа дел од самиот град како што се музејот на Јамана (Yámana), англиската и аргентинската колонизирана населба и познатиот затвор, денес музеј.
Каналот Бигл се протега во правец исток-запад, на должина од 240 km и ширина од 5 до 15 km. Истиот е именуван по британски бродот Бигл, со кој Чарлс Дарвин ја истражувал областа во периодот од 1833 до 1834-та година. Каналот го дели главниот остров на север од Наварино, Хосте и други помали острови на југ. Западниот крај на каналот се дели на два крака кои го заобиколуваат Исла Гордон. Источниот дел е составен дел на границата меѓу Чиле и Аргентина, додека западниот дел лежи целосно во рамките на Чиле. Трите острови во источниот крај на каналот, Пиктон, Нуева и Ленокс, биле предмет на територијален спор меѓу Чиле и Аргентина.
Инаку, во последните години, интересот за посета на Ушуаја, Огнена Земја и најблиските делови на Антарктикот, нагло се зголемува. На Балканот, па и во Македонија се појавија повеќе агенции и нивни претставништва, кои нудат 15-25 дневни аранжмани по цена од 1500 до 2500 евра по лице. Цената е висока, но и доживувањето е незаборавно и уникатно животно искуство.
Извори:
www.lonelyplanet.com/argentina/tierra-del-fuego/ushuaia
www.patagonia-argentina.com/en/ushuaia
www.nationalgeographicexpeditions.com/expeditions/buenoes-aires-bariloche-ushuaia-patagonia-tour/detail
Извор на фотографии:
sr.wikipedia.org/wiki/%D0%A3%D1%88%D1%83%D0%B0%D1%98%D0%B0
gotravelaz.com/ushuaia/
wikitravel.org/en/Tierra_del_Fuego_National_Park
www.viator.com/tours/Ushuaia/Tierra-del-Fuego-National-Park-Hike-and-Canoe-Tour/d933-5674USHTREK (15.11.2016)
Подготвила: Викторија Дамјаноска, дипломиран туризмолог
Институт за географија, Природно-математички факултет