Уште една одлично изведена теренска настава на Институтот за географија
оригинално објавено на: 16.05.2013
На 14 и 15 мај беше изведена традиционалната теренска настава со студентите од четврта година на Институтот за географија, наставна насока. За време на дводневната теренска настава, првин беше посетено Мариово, доста интересен простор (котлина) во Република Македонија, на кој во последите децении му се посветува се помалку внимание. Студентите беа запознаени со природните карактеристики и богатства на Мариово, но и со лошата демографско-стопанска состојба на овој некогаш многу поактивен регион. По Мариово, групата се упати до градот Прилеп, а од тука, во попладневните часови до највисокиот град во нашата држава, Крушево. Доста интересна беше посетата на манастирот Св. Преображение на самото било на Бушева Планина (1600 м н.в.), од каде се протега прекрасен видик на овој дел од Македонија. Следниот ден, по преноќувањето во Прилеп, теренската настава продолжи кон Порече, уште едне преубав простор во нашата држава кој за жал некако е вон сите сообраќајни и стопански текови.
Долината на реката Треска, самата река со нејзините притоки, бројните пештери и пропасти, високи планински сртови на масивот на Мокра од источната и на Сува Гора од западната страна, го прават Порече да изгледа извонредно живописно. Студентите особено беа воодушевени со посетата на Пешна, пештера со најголем влез (отвор), не само во нашата држава туку и пошироко. Потоа групата продолжи кон Церско Поле – најголемото карстно после во Македонија и единствено во кое сеуште егзистираат две населби с.Цер и с.Црско. По одржаните кратки предавања и запознавања со карстното поле, се продолжи кон градот Кичево, а во попладневните часови кон градот Скопје.
Оваа теренска настава беше целосно успешна, како според уникатните подрачјата што беа посетени и видени, така и според целокупната организација во официјалниот и неофицијалниот дел. За успешноста, освен примерното однесување и меѓусебно другарување на студентите, придонесе и наставниот кадар: проф. д-р Благоја Маркоски кој беше организатор на теренската, проф. д-р Ивица Милевски, д-р Свемир Горин и м-р Иван Радевски.
Подготвил: д-р Ивица Милевски