Учество на летна школа во Mарибор во рамките на CEEPUS програмата
оригинално објавено на 26.07.2016
Од 3 – ти до 10 – ти јули 2016 година, се одржа деветата интернационална летна школа во Марибор, на тема: ASPRECTS OF MIGRATION: HISTORICAL AND CURRENT.
Оваа летна школа беше предводена од Универзитетот во Марибор со поддршка од ERASMUS и CEEPUS. Предавањата беа реализирани од врвни професори кои говореа на следниве теми:
Во светот на имигрантите: Канадски доселеници во текот на два века
Шајлок и ренесансниот концепт на човекови права
Словенечки јазик за почетници
Миграциите во минатото како извор на разбирање на тековната мигрантска криза
Влијанието на бегалците врз туризмот и мигрантите како туристи
Демографски и економски последици од прифаќањето на бегалците
Балканот како слаба точка
Миграциите и јазичниот контакт: Случајот со Германија и Словенија
Моментални миграциски проблеми во Словенија
На 4 -ти Јули беше организирана прошетка во Марибор со туристички водич, со што се запознавме со градот и неговата историја. Ги посетивме познатата катедрала во Марибор, Ротовскиот плоштад, реката Драва и стариот мост, како и старата винариска куќа која е
највредното нешто што градот го поседува. Тука се наоѓа најстариот жив примерок на винова лоза кој бил засаден пред повеќе од 400 години и преживеал две светски војни.
Во рамките на летната школа на ден 09.07.2016 беше организирана екскурзија на Блед и Љубљана. Бевме воодушевени од прекрасниот пејзаж на Блед. Езерото Блед е глацијално езеро кое во средината има мал остров кој е дом на црквата посветена на Богородица. На северниот брег се наоѓа преубавиот замок, а целосната слика ја надополнуваат Јулиските Алпи и Националниот парк Триглав. Во Љубљана ги посетивме Универзитетот во Љубљана, реката Љубљаница со трите мостови познати како Тромостовије, споменикот на словенскиот народен поет Франц Прешерн, лоциран на истоимениот плоштад.
На оваа летна школа научивме нови работи поврзани со миграциските движења и нивното влијание врз различни сегменти од општеството. Но истовремено создадовме нови интернационални пријателства и со сигурност може да кажеме дека ова беше прекрасно доживување и големо искуство за нас.
Искрено препорачуваме на сите студенти на Институот за географија да ги користат поволностите на CEEPUS програмата за размена на студенти. Имаат можност за престој на некој од универзитетите во странство, како и учество во летната школа која се организира еднаш годишно. За сите информации обратете се кај координаторот на CEEPUS програмата на Институтот за географија, проф. д-р Билјана Апостоловска Тошевска.
Автори на текстот:
Симона Божиновска, студенти на насоката туризам на Институтот за географија
Зоран Данаиловски, студент на насоката демографија на Институтот за географија