3 November 2024
АктивностиАрхива

Успешно реализирано стручно предавање на Географскиот факултет во Белград!

оригинално објавено на 10.11.2016

По покана на Географскиот факултет при Универзитетот во Белград, на 7 ноември од страна на д-р Ивица Милевски од Институтот за географија при ПМФ во Скопје, беше изведено стручно предавање за студентите, наставниците и соработниците од овој факултет. Темата на предавањето беше „Природните непогоди во Република Македонија“, со посебен осврт на скопската поплава и земјотресот во август и септември оваа година. Во предавањето беше укажано на досегашните поголеми забележани природни непогоди и катастрофи, природните и антропогени фактори за нивно појавување, последиците и начините за справување во Република Македонија, позитивните чекори и грешките направени во тој правец. По предавањето следеа повеќе прашања од присутните. На настанот кој предизвика големо внимание, беа присутни околу 60-тина студенти, потоа повеќе наставници и соработници од Географскиот факултет и од Географскиот институт „Јован Цвијиќ“ во Белград.

Во неофицијалниот дел, бевме примени од раководството на факултетот, а во меѓусебните контакти беше договорена натамошна соработка со можност за организирање на заеднички теренски настави, размена на студенти и истражувачи, работа на проекти и сл. За време на престојот го посетивме градот Обреновац кој беше погоден од силната поплава во 2014 година, при што беа разменети одредени сознанија околу настанот со д-р Славољуб Драгичевиќ, кој детално ја истражувал поплавата. Исто така имавме можност да дознаеме повеќе за новите трендови во работата на Географскиот факултет, истражувањата, а ја посетивме и новата зграда на факултетот во Земун. Посебна благодарност за целокупната организација на посетата и предавањето упатуваме на почитуваниот проф. д-р Предраг Манојловиќ, проф. д-р Славољуб Драгичевиќ и Деканот на факултетот, д-р Дејан Филиповиќ од кого имавме извонреден прием.

Се надеваме дека ваквата практика и соработка помеѓу двете географски институции (Институот за географија во Скопје и Географскиот факултет во Белград), не само што ќе продолжи, туку во идниот период уште повеќе ќе се засили.

Подготвил: д-р Ивица Милевски