Успешно реализирани регионални натпревари по географија
По одржаните општински натпревари по географија, Македонското Географско Друштво го организираше и регионалното натпреварувачко ниво за учениците од средните училишта низ македонската територија. На регионалниот натпревар по географија, одржан во петок, 1 март 2024 година, учество зедоа вкупно 146 натпреварувачи од 21 општина.
За учениците од регионот на Прилеп и Крушево, натпреварите се одржаа во СОУ Гимназија „Мирче Ацев“ во Прилеп, под координација на професорот, м-р Марјан Матракоски. Професорот м-р Мите Ристов го координираше натпреварот за учениците од битолскиот регион, кој се одржа во СОУ Гимназија „Јосип Броз Тито“ Битола. Домаќин на натпреварот во Куманово беше Гимназијата „Гоце Делчев“,во Куманово, а координираше професорот м-р Срѓан Стојмановски. Во СОУ Гимназија „Кочо Рацин“ во Велес, се одржа натпреварот за учениците од велешкиот регион, под раководство на професорот Трајче Недев. Регионален натпревар се одржа и во Делчево, во СОУ „Методија Митевски – Брицо“, каде што координираше професорката Анета Николова. Натпреварот во Свети Николе, го реализираше професорката Оливера Лазева-Митева, во училиштето СОУ „Кочо Рацин“ од Св. Николе. СОУ „Наум Наумовски Борче“ во Пробиштип беше местото каде што се натпреваруваа ученици под координација на професорот Стамен Јовановски. За Крива Паланка, координираше професорот Гордан Стојановски, а натпреварот се одржа во СОУ „Ѓорче Петров“. СОУ „Јосиф Јосифовски“ во Гевгелија беше домаќин на натпреварувачите од регионот на Гевгелија, а координатор беше професорката Блашка Чугунска. Учениците од Кавадарци и Неготино се натпреваруваа во СОУ Гимназија „Добри Даскалов“ во Кавадарци, а процесот го водеше професорката Валентина Димитрова. Професорката Гордана Чакареска го спроведе и реализираше натпреварот во Струга, кој се одржа во СОУ Гимназија „Д-р Ибрахим Темо“. Професорот Медат Арслани ги координираше натпреварите за дебарскиот регион, во СОУ „Маврово-Ростуше“. Во Тетово, координираше професорот Пане Перуновски, а натпреварите се одржаа во ПСУ „Маариф“ од Општина Брвеница.
На ниво на Скопје се натпреваруваа вкупно 46 ученици, од општините Центар, Карпош, Аеродром, Кисела Вода, Шуто Оризари и Гази Баба. Домаќин на регионалниот натпревар беше ПСУ „Американска Гимназија“ од Скопје. Во успешната реализација учествуваа: претседателот на Македонското Географско Друштво, доц. д-р Христина Димеска Трајкова; секретарот на Македонското Географско Друштво, м-р Анита Тодорова, а покрај домаќинот, професорот Пане Перуновски, во процесот учествуваа и: доц. д-р Марија Љакоска, доц. д-р Владимир Златаноски, и доц. д-р Горан Китевски од Институтот за географија. Во беспрекорноста на реализацијата, придонесоа и студентите од наставната насока на Институтот за географија: Јована Белушановска и Филип Наумовски.
Регионалните натпревари по географија беа последното ниво пред државните натпревари, кои ќе се одржат на 26 април 2024 (петок).
Упатуваме честитки до сите натпреварувачи и нивните ментори за учеството на регионалните натпревари по географија. На учениците кои обезбедија пласман за државните натпревари, им посакуваме многу среќа и успех.
Благодарност упатуваме до сите географи чија ангажираност беше клучна во успешната реализација и на овие натпревари.
Се разбира, упатуваме благодарност и честитки и до домаќинот на регионалниот натпревар во Скопје, ПСУ „Американска Гимназија“, за беспрекорниот прием и организација на настанот.
Напишал: доц. д-р Горан Китевски