Успешно реализирана традиционалната теренска настава низ Демиркаписката Клисура
оригинално објавено на 29.11.2016
Tрадиционалната теренска настава низ Демиркаписката Клисура која се одржа на 16.11.2016 година уште еднаш беше успешно реализирана. На оваа теренска настава присутни беа студентите од I и II година од наставната насока при Институтот за Географија и студентите од еколошката насока при Иститутот за Биологија.
Првата попатна станица на групата од студенти и професори беше Катлановско Блато каде што проф. д-р Драган Колчаковски објаснуваше кое е значењето на овој предел. Катлановското Блато во 1965 година, согласно законот за заштита на природни реткости е ставено под заштита и претставува ботанички, ихтиолошки и орнитолошки резерват. Пред да започне мелиорацијата претставувало попатно сопирно одмаралиште на птиците преселници кои доаѓале пред да настапи зимата и тоа од север во правец на југ-Солун и подалеку до северниот дел на Африка. Во дискусијата се надоврзаа и проф. д-р. Никола Панов и проф. д-р. Славчо Христовски.
Потоа групата продолжи по автопатот Е-75 и проф. Драган Колчаковски им објаснуваше на студентите за Бадерската и Таорската Клисура. Бадерската Клисура (Прнарска Клисура по ридот Прнар , 489 m) претставува епигенетска клисура во долниот тек на реката Пчиња. Клисурата се протега помеѓу селото Бадер во Скопската Котлина до вливот на Пчиња во реката Вардар во вкупна должина од 9,5 km. Бадерската Клисура спаѓа во подрачјето на медитеранско-континентална биогеографска провинција. Од десната страна на Бадерска Клисура пред нејзиниот влив во реката Вардар, присутна е шума на дивата фоја (Juniperus excelsa). Таорска Клисура се наоѓа во централниот дел на Република Македонија. Таа е втора по ред Клисура од петте клисури на реката Вардар (Дервенска, Таорска, Велешка, Демиркаписка и Циганска Клисура). Името го добила според селото Таор. Клисурата се протега помеѓу селата Таор и Башино Село во должина од 31 km. Таорската Клисура според биогеографските карактеристики спаѓа во субмедитеранска провинција. Бадерската и Таорската Клисура се рефугијални подрачја.
Од автопатот Е-75 групата се упати кон регионалниот пат Велес-Градско каде што застана на едно многу специфично место за да види интересен геолошки профил.
Понатаму патот продолжи кон Демиркаписката Клисура која е четврта по ред клисура на реката Вардар. Таа има должина од 19,5 km, започнува од утоката на реката Бошава па се до селото Удово. Во Демиркаписката Клисура се забележани околу (10) десет пештери. Пештерата Бела Вода претставува најдолга, а воедно и најпозната пештера во овој предел. Се наоѓа на десната страна на реката Вардар и нејзината должина изнесува 955 m. Пештерата Бела Вода претставува млада пештера и како резултат на тоа е сиромашна со пештерски украси. Проф. д-р Драган Колчаковски одржа предавање за пештерата, а потоа дел од студентите заедно со проф. д-р Славчо Христовски ја посетија. Вреди да се напомене дека беше посетен и малиот кањон- сатеска на Иберлиска (Челевечка) Река со должина од 750 m каде што студентите имаа можност да уживаат во убавината што ја создала природата. Овој предел спаѓа во изменето-медитеранска биогеографска провинција. Тука најкарактеристична е климазоналната шумска заедница на дабот прнар (Quercus coccifera) и белиот габер (Carpinetum orientalis). Во Демиркаписката клисура помеѓу двата тунела, на кањонот направен од Иберлиска Река (синоним Челевечка Река) егзистираат хабитати на ендемечни трестични полжави од фамилиите: Vitrinidae, Clausillidae, Helicidae и тоа со видовите: Vitrea, Bilgarica, Vitrea mikuskai, Carinigera septima, Isabelaria lophaucena, Faustina trizona pceudacingulata, Helix figulina, Helix vulgaris, Chondrula macedonica, како и медитеранскиот вид Lyndholmiola corcyrensis. Исто така, долж текот на Иберлиската Река помеѓу селата Иберлија и Челевец има присуство на платанови шуми (Platanus orientalis L.). Демиркаписката Клисура претставува една од најбогатите орнитолошки резервати во Европа според застапеноста на ретките грабливи птици. Тие се: белоглав мршојадец (Gyps fulvus), египетски мршојадец (Neophron percnopterus), златен орел (Aquila chrysaetos), орел змијар (Circaetus gallicus), лисест глувчар (Buteo rufinus), разни соколи (Falco peregrinus, Falco naumanni) и други ретки птици.
Потоа групата се упати кон Демир Капија каде беше посетен Музејот на виното кој е отворен на 07.11.2010 година. Овој музеј е единствен музеј од ваков тип во Република Македонија, еден од 5-те во Европа и 12-ти во Светот. Музејот е направен во Демир Капија затоа што припаѓа во Тиквешката Котлина, која е препознатлива по квалитетна винова лоза и традиционално населението се занимава со одгледување на винова лоза и производство на вино. Музејот во себе содржи три одделенија: археологија, винска галерија и галерија за изложби и презентации.
Задоволни од природните убавини и добиените нови научни сознанија групата од професори и студенти се упатија кон Неготино и имаа заеднички ручек во хотел “Парк”. По ручекот во попладневните часови групата се упати кон Скопје.
За успешно реализираната теренска настава освен студентите придонесе и наставниот кадар кој го сочинуваа: проф. д-р. Драган Колчаковски, проф. д-р. Никола Панов, проф. д-р. Ристо Мијалов, проф. д-р Славчо Христовски и техничкиот соработник м-р Анита Тодорова.
Подготвила: м-р Анита Тодорова