УСПЕШНО РЕАЛИЗИРАНА ТЕРЕНСКА НАСТАВА ЗА СТУДЕНТИТЕ ПО ГЕОГРАФИЈА ВО ЦРНА ГОРА
Во периодот од 27-ми до 30-ти мај од страна на Институтот за географија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, за студентите од сите студиски години и програми на Институтот за географија беше организирана теренска настава во Република Црна Гора.
Теренската настава организациски и научно беше предводена од колективот на Институтот за географија во кои беа вклучени – проф. д-р Благоја Маркоски, проф. д-р Драган Колчаковски, проф. д-р Олгица Димитровска, проф. д-р Свемир Горин, проф. д-р Иван Радевски, проф. д-р Марија Љакоска, м-р Анита Тодорова, м-р Емилија Маневска, м-р Арсе Кузманоски и Филип Наумовски, а како почесни гости беа проф. д-р Никола Димитров од Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип и Академик проф. д-р Стефан Бужаровски, редовен професор од Универзитетот во Манчестер и визитинг професор на Институтот за географија при Природно – математичкиот факултет во Скопје.

Првиот ден теренската настава се одвиваше на релација Скопје – Биоградска Гора. Биоградска Гора претставува еден од петте национални паркови на територијата на Црна Гора, карактеристичен по неговата недопрена древна шума и уникатниот глацијален пејзаж. Додека студентите уживаа во глетката на ледничкото Биоградско Езеро, слушаа и предавања поврзани со постанокот, особеностите, заштитата и значењето на езерото од хидролошки аспект но и од аспект на зачувување на животната средина на националниот парк. По разгледот на националниот парк, групата се упати кон гратчето Колашин каде по куса пауза и прошетка низ градот, со теренската настава се продолжи кон градот Жабљак.


и на проф. д-р Иван Радевски за хидрографијата на Биоградското Езеро.
Вториот ден од теренската настава започна со посета на Црното Езеро, карактеристично глацијално езеро во рамките на националниот парк Дурмитор. Тука студентите имаа можност да се запознаат со карактеристиките на глацијалниот релјеф, хидрографските карактеристики на езерото, биогеографските одлики и општо природните убавини и динамичните пејзажи по кои паркот е познат. Попатно на студентите им беа одржани предавања од сферата на заштита на животната средина, хидрологијата и биогеографијата, а и им беше и појаснето како можат да се ориентираат во просторот.



Во контекст на социоекономската географија по посетата низ националниот парк Дурмитор групата се упати кон манастирот „Св. Василиј Острошки” – Острог. Студентите овде имаа можност да разгледаат еден од најпосетуваните манастири на Балканот препознатлив по неговата специфична локација, културно и религиско значење.

Во контекст на запознавање на карактеристиките на абразивниот релјеф патувањето продолжи кон заливот Бока Которска, а групата застана во Котор каде студентите имаа прилика да се запознаат со одликите на абразивниот релјеф, хидрографијата на морето, уникатната архитектура и пријатниот амбиент на оваа крајбрежна дестинација.

Третиот ден теренската настава продолжи кон градот Будва, каде попатно беше посетена и плажата Јаз, една од најпопуларните плажи на црногорското крајбрежје. Дополнително се посети и плажата Могрен која се наоѓа во Будва. Тука студентите изворно видоа и се запознаа со сите видови абразивни (ерозивни и акумулативни) релјефни форми. Така студентите ги проширија своите сознанија од областа на геоморфологијата и заштитата на животната средина, бидејќи меѓу другото беше појаснето дека оваа плажа е прогласена за споменик на природата од III категорија и е карактеристична по тоа што е настаната од еродирање на крајбрежјето и претставува одличен пример за абразивен релјеф.


Потоа имаа можност самостојно да го истражат овој приморски град, па патувањето продолжи кон островското гратче Св. Стефан каде преку предавање групата дозна како оваа творба природата ја претворила од остров во полуостров.

Теренската настава продолжи со посета на Скадарското Езеро, најголемото езеро на Балканскиот Полуостров. Како што навршуваше денот, групата се упати и смести во гратчето Плав, во источниот дел на Црна Гора. При престојот во гратчето Плав, студентите практично ги повторија нивните картографски знаења и ориентација во географскиот простор.

Проф. д-р Благоја Маркоски, проф. д-р Свемир Горин и асистент м-р Арсе Кузманоски, локација Плав, Црна Гора.

Последниот ден од теренската настава студентите го посетија Плавското Езеро, кое се наоѓа во склоп на националниот парк Проклетие. Посетата беше пропратена со предавање за хидролошките карактеристики на езерото, а потоа групата се упати кон гратчето Гусиње каде се посетија Али-пашините извори.


Главните количини на вода од кои се храни Плавското Езеро, а од него истекува реката Лим.
Теренската настава продолжи на територијата на Косово, каде беше посетен импозантниот манастир Високи Дечани, кој се наоѓа на листата на Светско културно и историско наследство на УНЕСКО и е дел од Печката патријаршија.

Посебно е важно дека на оваа теренска настава студентите од Институтот за географија при природно математичкиот факултет во Скопје, непосредно се запознаа со: карактеристиките на разни релјефни ерозивни и акумулативни форми од сите генетски типови релјеф (флувијален, карстен, глацијален и абразивен релјеф); карактеристиките на хидрографските објекти (извори, реки, езера и мориња); карактеристиките на заштитените подрачја (национални паркови); како и низа карактеристики од социоекономската географија преку непосредната визуелизација на населените места, стопански објекти, природни ресурси, инфраструктура и посебно издвоени важни објекти.
Важен е фактот дека студентите кон теренската настава пристапија многу посветено, со особено внимание, дисциплинирано, секогаш навремено и точно. Беа постојано активни, така што покрај посетата на значајни и карактеристични географски простори и слушање на предавања од професорите за истите, пред патувањето на теренската настава, во организација на проф. д-р Марија Љакоска, студентите пополнија анкетни листови преку кои можеше да се увиди претходното познавање на државата која се посетува и истите се споредија со анкетните листови кои се пополнија после враќањето од Црна Гора така што се увиде дека теренската настава овозможила стекнување на нови знаења, но и да се согледа кои елементи од теренската настава оставиле најголем впечаток.
Теренската настава опфати одржување на бројни стручни предавања од страна на сите присутни професори. Овие предавања беа посветени на природно-географските и социо-економските одлики на местата кои се посетија. Теренската настава беше оценета како исклучително успешна, не само од страна на професорите, туку и од студентите, кои демонстрираа висок степен на научна љубопитност и културен однос за време на целото патување.
Автори
Асистент м-р Емилија Маневска
Асистент м-р Арсе Кузманоски
Филип Наумовски, дипл. географ

